Заедно ќе го браниме идентитетот

Колумна на Назим Рашиди

Деновиве често се соочувам со прашањето „што мислат обичните Албанци за францускиот предлог?“ Во исто време, на моите обиди за рационален пристап добивам коментари од типот „…очигледно не разбираш, па затоа ти е полесно да одлучиш“.

Ќе се обидам да одговорам на овие дилеми, од две причини. Првата е таа дека како дел од едно општество, проблеми секогаш ќе има и ќе мора да се соочиме со сите сензитивности што ги бара општеството. Па, дури и како поука, како еден од „другите“ ќе треба да ги третира проблемите на некој „друг“.

И второ, бидејќи ме ставаат токму во групата на тие што „очигледно не го разбираат“ проблемот. Истите тие со кои до неодамна заедно баш знаевме сè, особено кога се менуваше името и колку беше важен тој процес, сега кога размислуваат различно, ми тврдат дека „не сум го разбирал проблемот“.

Чувството е дека се избира меѓу „хистерија“ и „инсистирање,“ а не помеѓу можностите и застојот што може да следи. Ваквата слика создава паника, а паниката не остава простор за рационалност

Кај луѓето од моето опкружување, „обичните“ Албанци, кои секако знаат многу добро за што се работи, преовладува чувството дека ако предлогот не се прифати со поголема поддршка од мнозинството Македонци, несомнено постои проблем.

Истовремено, дел од македонското општество, но и европските лидери, најбитните европски челници, сметаат дека застојот на европскиот пат ќе биде уште попроблематичен. Дури и опасен.

Како држава-членка на НАТО, но и како општество, се наметнува дилемата, зошто со поголема самодоверба не се  постават директно прашањата: што губи и што добива Северна Македонија со предлогот? И најважно, кои се опциите доколку не се прифати предлогот?

Лично, но и повеќето од моето опкружување сметаат дека комуникацијата за предлогот беше несоодветна, придонесе кон нови стравови за Македонците и сега е далеку потешко  да се дообјасни. Чувството е дека се избира меѓу „хистерија“ и „инсистирање,“ а не помеѓу можностите и застојот што може да следи. Ваквата слика создава паника, а паниката не остава простор за рационалност.

Како еден  од „другите“ што „не разбира“, можам да кажам дека целосно ги разбирам емоциите, особено за идентитетските прашања, јазикот и историјата. Колку емоции покажуваа Албанците за референцата „над 20 отсто“, наместо „албански јазик“, во Охридскиот договор или кога на Мајка Тереза ѝ се оспоруваше дека била Албанка. И што се случи? Ниту албанскиот јазик се изгуби тука, ниту некој во светот оспорува дека Мајка Тереза е Албанка. Ова не го кажувам како инаетење, напротив. Како некој што ги разбира овие болни точки.

Она што се обидуваме да им го кажеме на нашите македонски пријатели е дека не треба да се плашат. Дека никој не може да им одземе ништо ако не сакаат и дека не треба да постапуваат во оваа ситуација од позиција на страв. Стравови имаме сите, но ако заглавиме во нашите балкански бури.

Затоа она што албанскиот сегмент од општеството треба да го направи, а дел веќе и тоа го прави, е да не дозволи впечаток дека го наметнува францускиот предлог, туку напротив, да даде кураж, па дури и да каже јасно, дека заедно ќе ги браниме сите наши идентитети.

Ако еден од слоганите на ЕУ е заедно во диверзитетот, токму и ние тука, во Северна Македонија треба да бидеме заедно во нашите различности, во одбрана, и на јазикот, и на идентитетот. Јас ќе ги бранам поради сите мои либерални вредности изградени со години, каде што суштината е дека секој треба, и сите ние треба да направиме сè за да имаме нормален, достоинствен живот.

Затоа повеќето Албанци мислат дека треба да се спушти топката и реално со сета сериозност, да се одговори на прашањето што понатаму ако се отфрли предлогот?
Без одговор на ова прашање, имаме само ризици.

Е тука ме разочаруваат сите другари и пријатели „прогресивци“, кои беа во истите редови со ставови и текстови за промена на името, токму поради таа европска иднина, а сега кон францускиот предлогот, иако цела Европа е на нозе, гледаат само негативно. (Пак ќе повторам, Ве разбирам!)

Но, разочарувачки се нивните искази „прво нека се одбие предлогот, па потоа ќе видиме“, или „мора да падне владата, министерот, па потоа ќе видиме“. Ова е тотално несериозно. Уште понесериозен е и ставот „и така ЕУ не знае што сака со проширувањето, па ако заглавиме, нема ништо да изгубиме“. Ваквите ставови се против сè за што тие се залагале претходно и реално се нејасни.
Нашата држава не смее да се остави на магливи патишта, пријатели. Сите ни велат дека подобар предлог од ова нема да има, а, исто така, сите ни велат дека не се оспорува ни јазикот, ни идентитетот, кога ќе бидеме дел од ЕУ. Па, затоа, со целосно разбирање на чувствителноста, нели е подобро сите дебати да се водат со нас на маса како дел од ЕУ?

Како пријател, и како пријатели, како сограѓани, можам да повторам уште еднаш, мислам дека подобра заедничка иднина нè чека во ЕУ, не надвор од Унијата

Па, дури и ако се појават и во иднина, и по прифаќање на предлогот. Леснотијата со која се продава идејата дека може и без ЕУ, но без да се каже како, е „пострашна“ и од тие што не го прифаќаат предлогот.

Наративот што се промовира од  позиција на страв не води никаде. Никој не влегува да плива со идејата дека ќе се удави, без разлика што постојат ризици да се случи тоа. Ако појдовна точка на анализата за францускиот предлог е само стравот, дека ако се прифати и како дел од ЕУ со сигурност ќе се губи повеќе, тогаш никогаш нема да се анализира предлогот дали има поголеми придобивки или загуби.

Тука владата има своја одговорност бидејќи со одбивањето, па потоа со прифаќањето, па не прикажувањето на протоколот, влева само несигурност.

Затоа треба да се биде храбар и директен, и да се соочиме на чисто со ситуацијата.

Ги разберам сите, ваквата ситуација дава чувство како да си во автобус, кој вози брзо, па кочи, па фаќа кривини, па удолнини и угорнини, од што ни се повраќа.

Пријатели, со вас сме. Во истиот автобус. Токму поради тоа, разгледувањето на предлогот со сите несовршености мора да биде од перспективата дека ќе стигнеме на подобриот пат, а не дека ќе завршиме во бездна.

Одлуката треба да ги мери можностите и ризиците, а не да се реши меѓу стравовите и инсистирањето/наметнувањето по секоја цена.

Како пријател, и како пријатели, како сограѓани, можам да повторам уште еднаш, мислам дека подобра заедничка иднина нè чека во ЕУ, не надвор од Унијата. И јас, но и сите заедно, ќе го браниме и јазикот и идентитетот, и на Македонецот, и на Албанецот, и на сите други.
Овој наратив мора да доминира, очигледно има потреба да се каже и од „обичните“, и од политичарите, и од сите!

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија