Една недела во Македонија, преку седум слики:
1. Нема предвремени избори. Овој синоќешен брејкинг њуз некого ќе расположи, некого ќе растажи, но секако е супервест за филмската индустрија во Македонија. Уште денеска го очекуваме трејлерот за најновото видеоостварување на филмскиот див Христијан Мицкоски.
Станува збор за многу комплексна ролја, со каскадерски елементи. Имено, за потребите на филмот, тој ќе јава на коњот пред Камени мост, заедно со Гоце, покажувајќи ни симболички дека Македонија галопира надолу, за во следните кадри да плаче заедно со мостот Око и со жалните врби во Вардар. На крај на филмчето за сладокусците ќе следуваат мачни сцени, слични како во „Страдањата на Исус“, само што Мицкоски нема да е закован за крст, туку ќе се самозакова за последната табла на која пишува Република Македонија за да го спаси идентитетот на Македонците и да ги земе на себе нивните гревови.
2. Само моралниот суд во мене и ѕвезденото небо над мене ми се граница. Добро, моралниот суд во мене, како и останатите судови во државава, чека на судските реформи, така што остана само небото граница. Особено за непотизмот.
А кога за непотизмот само небото е граница, тогаш тоа се нарекува неботизам. Добро де, не се нарекува, ама би можело. Убав збор е. Му дава некоја поетска нота на овој неминовен напор за намалување на невработеноста при промената на секоја власт.
3. Пратеничката Мира Стојчевска – Дизел, на пример, е неботист пар екселанс, и таа убедливо води на листата на намалување на невработеноста со вработување на дури двајца членови од најблиското семејство.
Иако, тоа не мора нужно да е скандал, зашто помалку важно од семејните врски се нивните квалификации и квалификациите на другите на конкурсот, мора да се признае дека нејзината одбрана беше феноменална.
Не сам знајала, познатата одбрана во шахот првпат применета од велемајсторот Силвана Бонева, доби нова варијанта. Разликата е само во нијансите. Бонева не се видела со синовите за да дознае дека се вработиле, а Стојчевска се видела со синот и со братот, но разговарале за „Фортнајт“ и последната сезона на „Модерн фемили“.
Само небо је граница, би додала Мира. Стојчевска, не Марковиќ. Иако, да се прашува таа, небото не би било граница, туку патарина. Поисплатливо е.
Еве, на пример, благодарение на него, професорката на Правниот факултет и (не)суден кандидат на ДПМНЕ, на претстојните претседателски избори, Гордана Силјановска Давкова, конечно прогледа!
Долги години, таа не можеше да види ништо во државава – ни криминал, ни кршење на Уставот, ни прогони, ни терор, ни неправда, ни кршења на законите, а секако никогаш не сме чуле од нејзина уста дали братучед на местото шеф на тајна полиција е непотизам.
Сега, кога ѝ се врати видот, таа располага со сите инструменти да биде повторно инструменталка. Пардон, мислев интелектуалка.
5. Пред Влада конечно беше подигнато знамето на НАТО. Со свеченост, со говори, со помпа, со сè. Наскоро се очекуваат и низа поединечни церемонии со кои знаменца на НАТО ќе бидат поставени на бироата на сите членови на администрацијата.
Но, и во ваквата помпа, колку и да ја имитира, СДСМ не може вода да и носи на ВМРО. Да нè внесеше по некоја случајност Грујо во НАТО, ќе имавме триесетметарски јарбол со знаме на НАТО на секоја поголема крстосница во државава.
Тендерот ќе го добиеше ДУИ. И во двата случаи.
6. Добро јутро, џезери! Овој поздрав ги разбуди скопјани утрото откако се обелодени дека Оливер Белопета примил гол со пета.
Навистина не ми е јасно зошто покрај Пивофест во Прилеп, Макфест во Штип, Фолкфест во Валандово и џез-фестивалот во Тетово, сме запнале да го одржуваме во живот и тој извикан џез-фестивал во Скопје. Тетово е на само дваесет минути од Скопје, прав џезер пали кола и оди.
Јас секако го поздравувам овој потег, бидејќи имам и личен финансиски интерес. Имено, на џез фестивалот во Скопје далечната 2003 година отидов со една девојка. Не знам дали падна на мојот вкус за музика или на мојата грандиозна убавина и неодолива градба, ама денес таа девојка е мајка на моите две деца и го има моето презиме до своето во личната карта. И од некоја причина е убедена дека џезот одиграл важна улога за раѓањето на нашата врска и дека секоја година треба да се враќаме на местото на „злосторството”.
Иако не сум ортодоксен џезер како огромното мнозинство жители на населбите на потегот од Волково до Драчево, немам јас ништо против џезот. Само што таман на најубавото, кога некој таму скандинавски виртуоз почнува со рацете да свири на жиците од пијаното, а со нозете држи ритам на типките, и кога ќе ме фати дремка од многуте џезерски глави кои (не баш во ист ритам) кимаат напред-назад во џезерски транс, одеднаш ми текнува колку сум ги платил картите и инстантно се расонувам и ми поминува дремката.
Затоа и кога оној залижаниот портпарол на владејачката партија (Ивица Коневски за сиромашни) вели „сè повеќе пари се враќаат кај граѓаните“, знам дека мисли на моите заштедени две илјади денари за карти за џез. Фала, Министерство за култура
7. Далеку од очите на американската јавност, во куќа во скопската населба Пржино, претставници на Белата куќа и на Конгресот на САД постигнаа договор за завршување на повеќенеделната политичка криза во земјата и деблокада на администрацијата. Америка може да биде great again.
Според договорот, кој веќе се нарекува Пржино 3 (иако сè уште никој не го изговорил правилно на англиски јазик), Трамп нема да го гради ѕидот помеѓу САД и Мексико.
До овој момент, немаме информации дали вицепремиерот Кочо Анѓушев има удел во постигнувањето на компромисот и дали навистина им ја ветил оградата што се демонтира околу владата за на американско-мексиканската граница.
Оградата е со завиден квалитет и висок стандард за безбедност зашто, за разлика од остатокот од „Скопје 2014“ кој е од гипс и стиропор, Груевски за својата заштита употребил вистински бетон и вистинско железо.
Ако ова со Кочо излезе вистина, нема да е чудо тој пред нос да им ја лапне Нобеловата награда за мир на Заев и на Ципрас. А, зошто не, да лапне и некој денар од Фондот за иновации.