Колку бргу забораваме една лекција? Многу бргу. Фросина Кулакова беше прегазена на пешачки премин на булеварот Партизански одреди, на 29 јануари годинава. Граѓаните, со право, протестираа, бараа правда и построги санкции за сите што дивеат по улиците, поминуваат на црвено светло, возат без возачка дозвола и под дејство на алкохол, како што беше во случајот, но и во многу други, каде што сторителите, или беа несоодветно санкционирани, или предметите до денес сè уште не се завршени.
Неколку дена откако згасна животот на Фросина, булеварот почна да изгледа поинаку. Возилата буквално лазеа, немаше слалом по коловозните ленти, ни нервозни свирења и дофрлања од типот „кој ти дал тебе дозвола“… Изгледаше дека трагичната загуба на Фросина ќе нè врати во некој нормален ред. Но, не…
Како што одминуваа деновите и вестите за „прегазен пешак“ си продолжија. Што говори тоа? Ниту учиме лекции, ниту ги применуваме. Продолжуваме да бидеме несвесни дека одредени навики се длабоко влезени во нашата секојдневна и неодговорна рутина.
Каде брзаме?
Ги гледам податоците за сообраќајни прекршоци на ниво на државата. На пример, вчера (27 март) биле издадени 597 платни налози, од кои во 92 случаи за непочитување на пропишаната брзина. Завчера (26 март), од 736 платни налози за сообраќајни прекршоци, 109 биле за брзо возење. А претходниот викенд (22/23 март), од 1.603 сообраќајни прекршоци, дури 818 биле по основ на пречекорување на брзината.
Добро, каде брзаме? Ќе ни избега ли некој од возовите што ги немаме? Или некој од автобусите, каде ние требаше да прашуваме (по сугестија на Пивоваров) дали имаат лиценца за превоз?
Се вози брзо, со телефонот в рака, со некоја чашка повеќе, буквално „како досега“. И потоа пак институциите ќе ни бидат виновни. Еве, тие контролираат, санкционираат. Ама ако ние како граѓани не го промениме сопственото однесување, врз основа на што се амбицираме дека ќе го менуваме системот? Па, системот живее од такви непроменливи, како нас.
Останувањето во котота на „старото ненормално“, нè претставува и како крајно несочувствителни за трагедиите. Зашто сочувствителноста не подразбира само некому вербално да му изразиш сочувство, туку и дека длабоко во себе имаш свест за причините што довеле до трагичната загуба и дека непроменетото однесување може да води кон нови трагедии.
Сочувството значи свест за одговорност. Ние тоа го имаме само на некое појавно, површно ниво. Ако загребеш под површината, нема ништо, освен менталитетска матрица дека „тоа“ му се случува на некој друг, со што само го доцртуваме кругот во кој секој е на удар.
Под притисок на сомнежи
И еве сега пак брзаме. Овојпат, со однапред фрлени сомнежи врз начинот на кој се води истрагата за 59-те изгубени животи во шупата наречена дискотека затоа што државниот обвинител, претходно „отпишан“ од власта, останува на позицијата.
Ќе беше многу лесно да се дебатира и морализира на таа тема, ако стануваше збор за кое било друго тешко дело, без 59 човечки жртви и 200 повредени.
Кога од дрвото не се гледа шумата, за основна ориентација се користи едно прашање – кој е јавниот интерес во овој случај? Дали е јавен интерес да има брза и ефикасна истрага? Да. Дали е јавен интерес во овој момент да биде разрешен државниот јавен обвинител? Не.
Дали имаше критики дека премиерот со изјавите што ги дал, го штител градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов, бидејќи е од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и дека на тој начин вршел притисок? Да, имаше куп такви критики. Каде е Папазов? Во притвор. И тој е единствениот од тројцата градоначалници што остана во ефективен притвор. Другите двајца се во куќен.
Затоа, да не се расфрламе однапред со сомнежи околу истрагата, која, имајќи ја предвид димензијата на оваа трагедија, ќе биде тешка и исклучително комплексна. Да почекаме да заврши.
И овде не е во прашање само „мирот“ за обвинителството, туку и немирот што им го предизвикуваме на десетици и десетици семејства што живеат во болка, но и надеж дека ќе има одговорност за изгубените животи. Толку ли е тешко да го разбереме тоа?
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонијa