Чудно е како деновиве се продуцираа толку дијаметрално спротивни изјави меѓу Скопје и Софија. Службениот бугарски министер за надворешни работи, Николај Милков, изјави дека со неговиот колега Бујар Османи дискутирале за варијанти на идни текстови за промена во македонскиот Устав, дека Бугарија сакала да биде дел од процесот, да биде консултирана за тие прашања и дека ќе чека одговор за тоа.
Македонското МНР и министерот Османи демантираа дека воопшто постоеле такви разговори и такво барање. Од МНР јасно посочија процесот на уставни измени е внатрешно прашање на Македонија и не постои можност ни политичка волја во тој процес да бидат вклучени граѓани и институции од странство, вклучително и од Бугарија.
Но, во изјавите што потоа уследија од Софија, воопшто не се негира дека се разговарало на таа тема, само се објаснува дека Бугарија не се меша во внатрешните работи на Македонија, иако едното со другото не оди.
Македонските власти треба да бидат исклучително внимателни на оваа тема, бидејќи во прашање е правото и обврската на земјата суверено и независно да решава за нејзини прашања
Османи и Милков, два дена присуствуваа во Брисел на средба на министрите за надворешни работи на земјите-членки на НАТО. Илузорно е да се помисли дека на маргините на средбата не скршиле ни два збора меѓу нив, а уште поилузорно да се помисли на заткулисни игри, имајќи предвид дека таква опасна авантура многу бргу ќе излезе на виделина.
Тогаш, како може едната страна да тврди дека за нешто се разговарало, а другата не? Се прашувам, дали министерот Османи добро ги разбрал пораките од бугарскиот колега во дискусиите, за кои Милков тврди дека се воделе.
Не дека Османи нема капацитет да ги разбере, напротив, станува збор за образован и интелигентен политичар. Туку, заради праксата на бугарската политика во обланди да ги обвиткува вистинските намери.
Како илустрација за тоа ги посочувам изјавите на бугарскиот претседател Румен Радев. Тој лично објасни дека никој во ЕУ не ја разбирал јасно Бугарија кога говорела за историските прашања, но почнале многу повеќе да ја разбираат откако проговорила за почитување на човековите права на Бугарите во Македонија. Така и се роди барањето на Софија за впишување на Бугарите во македонскиот Устав, и тоа влезе во преговарачката рамка на Македонија со ЕУ.
Ама, минатиот месец Радев откри дека човековите права се најбрзо средство до архи целта – историјата!
„Властите во РСМ најпосле треба да признаат дека има македонски Бугари, дека има бугарско присуство во Република Северна Македонија. Не од денес, од вчера, туку со векови – веќе 1.300 години. Дека има бугарска историја. Дека има културно-историско наследство“, порача Радев.
Така и Милков. Тој не вели ‘дајте ни столче во работната група што ќе ги подготвува уставните измени’, ама одоколу и исклучиво во тој контекст ја објаснува нужноста од „консултации“ и „создавање атмосфера на доверба преку конструктивна комуникација“.
Едно е генерално да се залагаш за конструктивна комуникација и за создавање позитивна атмосфера меѓу двете земји, соодветно и во периодот кога ќе се подготвуваат формулации за уставни измени, а сосема друго јавно да изразуваш сомнеж во процесот кај соседот, за на тој начин да купуваш алиби зошто бараш „ѕирка – проѕирка“ во внатрешните работи на една земја. Милков го стори токму тоа.
„Во духот на нашето досегашно искуство, би сакале да избегнеме сценарија во кои приоди и конкретни решенија се договараат зад грбот на Бугарија со земји-членки на ЕУ, за подоцна да ни се врши притисок или да бидеме ставени пред свршен чин. За жал, во минатото се случуваше токму тоа“, рече Милков.
И уште предупреди дека Бугарија нема да прифати никакви формулации со кои на македонските Бугари ќе им се додели статус, кој на каков било начин е различен од оној на другите уставно признати делови на народи во РСМ. Од каде излезе ова?
На нероден Петко, му скрои капа. И која е таа или тие земји-членки на ЕУ, со кои Македонија се договарала зад грбот на Бугарија? Нема одговор, ама има сеење магла. Токму ваквите изјави и сомневања водат кон создавање атмосфера на недоверба, против која Милков наводно се залага.
Странични „толкувачи“ на неговите ст(р)авови, прстот го вперија во посочуваниот хрватски модел на преамбула (споменуван во јавноста и за време на посетата на хрватскиот премиер Пленковиќ), со објаснување дека Бугарија најмалку што сакала е Бугарите да бидат дефинирани како „малцинство“.
Затоа, не верувам дека на долгогодишниот дипломат туку-така, непромислено му излетала изјавата. Напротив, јасна е намерата дека јавно сака да испорача барање. Но, не верувам дека ваквите изјави водат кон смирување на ситуацијата.
За да биде потешко, а не полесно, во објаснувањето – зошто Софија бара да биде исконсултирана од Скопје за идните уставни промени, службениот премиер Галаб Донев беше уште подециден.
„Северна Македонија има потпишано договор со цела ЕУ и како што доставува информации до други земји, мора да достави и до Бугарија“, рече бугарскиот премиер.
Ваквиот пристап со неосновани конструкции „ако другите знаат, зошто не и ние“, навестува многу лизгав терен, во кој македонската држава, заради соседски инсинуации, би била под постојан притисок да реферира пред Софија за секоја фаза од уставните измени. Или, за да не се наруши атмосфера, ако може и да ѝ препушти на Софија да ги напише формулациите. На крајот, на тоа би се свела целта на целата акробација.
Како што во Бугарија знаат да си ги почитуваат внатрешните линии на немешање во туѓи надлежности, така нека ги почитуваат и надворешните за немешање во внатрешните работи на Македонија
А за тоа колкаво е лицемерието со изјавите „тоа е внатрешно прашање, не ви се мешаме, ама сакаме да бидеме консултирани“, ќе посочам најсвеж пример. Пред некој ден, на брифинг за медиумите, лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, го покани и претседателот Румен Радев да учествува во дискусиите за формирање влада, посочувајќи го неговото досегашно искуство во формирањето службени влади.
Од кабинетот на Радев доби студен туш.
„Претседателот е одговорен за спроведување консултации со пратеничките групи и врачување мандати за формирање кабинет. Поддршка за формирање редовна влада, мандатарот треба да си бара меѓу останатите парламентарни партии“, гласеше одговорот.
Е па, како што во Бугарија знаат да си ги почитуваат внатрешните линии на немешање во туѓи надлежности, така нека ги почитуваат и надворешните за немешање во внатрешните работи на Македонија. Сѐ друго може само дополнително да ги влоши односите меѓу Софија и Скопје, додека Бугарија вербално тврди дека не го сака тоа.
Македонските власти треба да бидат исклучително внимателни на оваа тема, бидејќи во прашање е правото и обврската на земјата суверено и независно да решава за нејзини прашања, преку кои рефлектира слика за себе пред светот, но и пред домашните граѓани. И може да добие, или да (се) изгуби.
Милков нема што да изгуби. Дојде на позицијата службен министер од амбасадорска позиција во Париз, а наскоро ќе замине на позицијата постојан претставник на Бугарија во НАТО, во Брисел. Неговиот заменик Коџобашев ќе биде амбасадор во Ватикан.
На крајот, ваквите изјави најмалку им одат во прилог на Бугарите во Македонија, бидејќи нив ги користат како покритие за други цели. Со тоа македонската држава уште посериозно ќе биде исправена пред обврската да ги заштити нив од нивните најгласни „бранители“.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија