Фрустрирачка е веста дека Северна Македонија нема да добие финансиска помош од солидарниот пакет на ЕУ. Според објаснувањето од Секретаријатот за европски прашања (СЕП), не сме ги исполниле условите, според кои, требало да се квалификуваат расходите во здравствениот сектор настанати или предвидени да настанат во период од четири месеци, сметано од датумот кога земјата што аплицира официјално вовела одредени заштитни мерки или, пак, прогласила вонредна состојба.
Како што соопшти СЕП, во случајот на Република Северна Македонија, прагот изнесувал 30.852.000 евра и не бил достигнат, бидејќи износот на пријавените итни трошоци од институции и општини изнесувал 7.670.831 евро за четиримесечниот период од 10 март до 9 јули 2020 година.
За достоинствен живот, не е доволно голо здравје зависно од навремени или задоцнети вакцини, туку и општествено здравје зависно од морал и чест
Затоа, пак, помош од Фондот за солидарност на ЕУ ќе добијат Србија – речиси 12 милиони евра (11.968.276), Албанија 900 илјади евра и Црна Гора 200 илјади евра. Веста дека сме извисиле овде се книжи како успех, знак дека самостојно и успешно сме се справиле со предизвиците. Дали тоа треба да значи дека Србија е 12 милиони пати помалку успешна од нас во таа битка? Хммм…
Ниедна помош не треба да се потценува, но и оние скромни 200 илјади за Црна Гора говорат дека и таа повеќе од нашава земја инвестирала во здравствениот систем во тој период, штом нашиве расходи за таа цел не се компензирани ниту со едно евро.
Компарацијата ја правам врз два познати факта: за разлика од Србија, која покрај другите мерки, најави и за четири месеци изгради ковид-болница во Батајница, Црна Гора од почетокот на пандемијата се рекламираше како прва корона-фри држава во Европа.
На 25 мај 2020 година, тогашниот црногорски премиер Душко Марковиќ тоа официјално го обзнани, откако ден претходно здравствените власти oбјавија дека повеќе од 20 дена по ред во земјата не е регистриран нов случај на зараза.
Дури по „пауза“ од 42 дена, првиот случај на увезена инфекција во Црна Гора беше регистриран на 14 јуни, и до 18 јуни бројката стигна до 7 нови случаи од 200 тестирани. За споредба, во истиот период во Македонија се дијагностицираа од 130 до 190 нови случаи дневно. Има разлика.
Втората работа што не штима се разните верзии околу дадениот, па вратен аванс за кинеските вакцини. Го тргам настрана шпекулативното пишување на „Ла верита“ дека причина за тоа било што како посредник во набавката била вклучена фантом фирма без медицинско портфолио, која била сомнителна за кинеската држава. Ќе се задржам само на изјавите на официјални лица: според вчерашната изјава на министерот за здравство, Владата и на Министерството, од почетокот за набавката комуницирале со многу компании и производители, сѐ додека од „Синофарм“ не им дале насоки.
Но, само пред една недела, премиерот изјави дека за да може да добиеме што е можно подобри услови за вакцините, доколку има потреба да се оди преку партнер заради почитување на македонските закони, обезбеден партнер на државата бил „Алкалоид“. Зошто „Алкалоид“ исчезна од целава приказна и како е заменет со други непознати партнери?
Трето, ако има вистина во тврдењата од релевантни извори, дека на Македонија во декември ѝ било укажано дека при набавките на вакцини треба да се раководи од геополитичкиот компас, зошто властите не побарале од стратегиските партнери таа лојалност да ја супституираат со гаранции за навремено обезбедување на вакцината за македонските граѓани од „вистинското место“.
Сега, кога ѓаволот ја однесе геополитиката, и тие насоки се паднати во вода, кој ќе ја надомести штетата што земјава изгубила и чекор и драгоцено време? Оваа епизода покажува дека секогаш не важи поговорката „кротко јагне од две мајки цица“, туку дека „млеко прво ќе добие детето што најгласно плаче“.
Србија е одличен пример за тоа. Ем земјата воено „неутрална“, ем кон ЕУ патува седната на две столчиња, ем постојано се жали на европските „принципи“, ем е прва снабдена со вакцини, ем е донатор на вакцини, ем најмногу помогната од солидарниот европски фонд. Пораките од овој пример сами се испишуваат.
Во јавниот дискурс секојдневно дефилираат случаи спротивни на сите антикорупциски и реформски стратегии, случаи кои и последниот идеaлист ќe го разубедат дека „овде нема леб“ и дека „чесноста не се исплаќа“
Она што земјава треба да го испише, не заради ЕУ, туку заради нејзиното опстојување како држава, е сериозна битка со криминалот и корупцијата. За достоинствен живот, не е доволно голо здравје зависно од навремени или задоцнети вакцини, туку и општествено здравје зависно од морал и чест.Спротивно на тоа, во јавниот дискурс секојдневно дефилираат случаи спротивни на сите антикорупциски и реформски стратегии, случаи кои и последниот идеaлист ќe го разубедат дека „овде нема леб“ и дека „чесноста не се исплаќа“.
Паметите ли како пред две-три години, еден началник во МВР беше разрешен затоа што со службениот џип неговата ќерка била превезена до камп во соседна земја, или дека еден директор беше разрешен поради авиобилет за бизнис-класа… Колку бенигно изгледа денес тоа, кога битката против криминалот зарибува.
На пример, кај еден лекар беше откриена нерегистрирана гинеколошка ординација, но тој и натаму остана да биде директор на струшката болница. И тоа во време кога е обвинет за сериозни пропусти во работата – дека на родилка неоправдано ѝ биле отстранети матката, бубрегот и јајникот.
Лекарската комора во тоа не видела пропуст. Уште помалку што лекарот претходно оперирал во дива ординација. Пресудата е „живеј, директоре“.
Не се гледа и дека некој се вознемирува околу софтверот за сообраќајни прекршоци што за Министерството за внатрешни работи лани го набавил поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски за 81.000 евра. А зошто, кога на Рашковски повеќепати вонсудски му беше пресудено – „живеј“, и тоа за случаи со многу поголеми суми и реперкусии.
Зар сега за 81.000 евра да кршат атер? Не вреди. Па, уште за софтвер… Штом се купил, ќе се најде за некого.