Невремени избори

Малку има понеисправни и пообесхрабрувачки потези во времињата како што се овие од евентуалната одлука да се распишат предвремени избори, а шпекулациите дека токму тоа ќе се случи се сѐ почести и погласни. И тие, за жал, не се потпираат само врз постојаната и веќе здодевна мантра на ВМРО-ДПМНЕ за нивната наводна неопходност, туку и од реакциите и воопшто од климата во владејачкиот табор се насетува дека ваква солуција е прилично веројатна.

Во секој случај, мора да се признае извесна доза на креативност на опозицијата, но само во делот на блокирањето на процесите. Ете, сега дојдовме и до точката опозицијата да диктира темпо преку наметнување дневен ред за евентуалната лидерска средба. И, се разбира, тоа е прашањето на предвремените избори и ништо друго! Дури и се најавуваат протести, ако не им се исполнат желбите. Иако не е особено јасно поради што и зошто ќе се протестира. Затоа што Заев бил трипати прелажан од некои комичари во телефонски разговор?

Најпросто речено, политичката стратегија потсетува на стратегијата на некое детенце што не ја добило посакуваната фудбалска топка како роденденски подарок. Вечното заложништво, на во суштина, слабата опозиција, покажува дека власта, всушност, преку тенкото парламентарно мнозинство, нема контрола врз ситуацијата, камуфлирајќи ја сопствената неефикасност преку флоскулите за „национално помирување“ и „живот за сите“. 

Во таа смисла изгледа разумно да се спроведат вонредни избори за да се излезе од вечната блокада. Што би се рекло, народот да каже што мисли. Тоа, конечно, се нарекува демократија. Но, сепак, велиме дека тешко може да се најде понеразумно решение од предвремени избори! 

Зошто?

Затоа што, во политичка смисла, изборите нема ништо да решат. Повторно ќе имаме нечија тесна победа. Повторно ќе имаме мачни и тешки преговори за формирање влада. Повторно ќе се прават некакви чудни и неприродни коалиции. И повторно во власта ќе се најдат, што би рекол мојот пријател Ахмед Буриќ, главно „незавршени антрополошки формати“ или, што би рекол народот, „стока невакцинирана“. И повторно сите ќе бидеме незадоволни. А од реформите ќе нема ни трага, ни глас. Ни писмо, ни разгледница.

Тоа, се разбира, се само дел од оние видливи, односно манифестантни причини зошто не треба да има избори кога не им е времето. Има и многу други, исто толку видливи, помалку видливи и невидливи причини. Факт е дека ако се направат избори без изборна реформа, тоа само ќе ја зацврсти сегашната состојба, а секое стоење во место секогаш, во суштина, е враќање – назад!

Со евентуалните предвремени избори, повторно ќе имаме нечија тесна победа. Повторно ќе имаме мачни и тешки преговори за формирање влада. Повторно ќе се прават некакви чудни и неприродни коалиции. И повторно во власта ќе се најдат, што би рекол мојот пријател Ахмед Буриќ, главно „незавршени антрополошки формати“ или, што би рекол народот, „стока невакцинирана“. И повторно сите ќе бидеме незадоволни

На крајот на краиштата, факт е дека перцепцијата во јавноста, а богами (барем декларативно) и кај главните политички играчи, е дека пропорционалниот изборен систем со шест изборни единици не ги исполнува демократските капацитети неопходни за вистинското искажување на волјата на гласачите.

Факт е дека и онака фрагилната положба на Македонија во однос на нејзините евроинтеграции ќе биде ставена под сериозно прашање во случај на губење време со предвремени избори. Имено, сите несериозни одлуки кај сериозните луѓе отвораат сериозни прашања. 

Човек ќе се праша, а ќе се прашаат и тие што не сакаме да се прашуваат, зошто, на пример, Заев ја правеше „метлата“, ако прифати да оди на предвремени избори. Онака, поради шега? Ќе се праша човекот што не сакаме да се праша до каде е законот за СЈО, до каде се воопшто судските реформи, до каде се реформите во медиумите, до каде се судските процеси против корумпираните политичари, до каде се реформите во медиумите, до каде се конфискувањата на бесправно стекнатите имоти од државната сметка… 

И ние ќе одговориме: еве, имавме референдум, па имавме претседателски избори, па еве сега да ги завршиме предвремените парламентарни избори, па да формираме влада, која ќе има тесно мнозинство, па да постигнеме компромиси со опозицијата, па ќе ни случи уште еден 27 април, па… Се разбира, потоа ќе се фатиме за работа.

Има, видливо/невидливи причини зошто толку се инсистира на предвремени избори. Власта е слатка и тешка, ама да се биде пратеник, се чини, е прилично убаво. Платата е нешто над илјада евра. Ќе ја примаш и кога ќе избегаш од земјата. Можеби твоите колеги ќе изгласаат да добиваш и патни трошоци додека си во бегство. Добро, веројатно за десет отсто помалку од оние што ќе ги добиваат „активните“ пратеници од типот на фамозната Мира Дизел. 

А ако веќе влезеш во проектот „национално помирување“, тогаш твоите шанси да станеш кадровик во некои државни служби се огромни. И, се разбира, твоите пулени не мораат воопшто да одат на работа. Влијанието врз тендерите, зделките, ручеците, дивоградбите, градежните маркички… веројатно не би требало ниту да се споменува.

Да, евентуалното решение да се оди на предвремени парламентарни избори, па макар тие биле и три месеци пред редовните ќе биде една од најнеисправните одлуки на оваа власт. И затоа некако мислам дека е мошне возможна!