Регион

Пресудите за Сребреница се „победа на правдата”, смета обвинителот на Караџиќ

„Предизвиците во истрагите и гонењето на геноцидот во Сребреница се огромни”, вели за БИРН, Алан Тигер, обвинител во случајот на Радован Караџиќ во Хаг, во пресрет на одбележувањето на 24-годишнината од масакрот во Сребреница.

„Но, во Сребреница постоеше организиран план за прикривање на злосторството, што беше извршено во релативно краток временски период, кој вклучуваше и шифрирани разговори за време на извршувањето на злосторството, до акцијата на прекопување и криење на телата, на локации за кои се сметало дека никогаш нема да бидат откриени. Тоа не беше првиот начин на настојувањето да се скрие злосторството, но обемот и координацијата во овој случај беа неверојатни“, истакнува Тигер.

Поранешниот политички лидер на Република Српска, Караџиќ, е еден од петте лица за кои во изминатата година е донесена пресуда по обвиненијата за Сребреница, во која во 1995 година беа извршени масакри, кога силите на босанските Срби убија повеќе од 7.000 мажи и момчиња Бошњаци.

На Караџиќ, во март оваа година, Жалбениот совет му ја зголеми казната од 40 години затвор, на доживотен затвор, за геноцид во Сребреница, за злосторства против човештвото и за кршење на законите и обичаите на војување, во другите делови на БиХ.

Тигер нагласува оти „сите предмети против команданти се тешки”, но дека обвиненијата против Караџиќ за Сребреница, можеби биле потешки за процесирање, во споредба со оние против поранешниот командант на Војската на Република Српска (ВРС), Ратко Младиќ, кому му се суди во Хаг.

„Во контекст на Сребреница, случајот против Караџиќ се чинеше потежок, во однос на случајот против поранешниот командант на ВРС, Ратко Младиќ, бидејќи тој бил присутен во Сребреница, додека Караџиќ заповедал од далечина”, вели Тигер.

„На крајот на краиштата, голем број на докази за фиксацијата и одговорноста на Караџиќ за Сребреница, почнувајќи од директивата 7 во врска со ‘создавањето на неподносливи услови, без надеж за опстанок’, до наредбите на сокривање на телата, ја направија неговата физичка дистанца ирелевантна”, додаде Тигер.

Говорејќи за доказите што за него оставиле најголемо влијание, Тигер го издвојува пресретнатиот телефонски разговор помеѓу шефот за безбедност на Главниот штаб на ВРС и командантот на Дринскиот корпус, во кој се бара од 15 до 30 луѓе, бидејќи постојат ‘3.500 пакети’ што треба да се ‘дистрибуираат’”.

„Пакетите” биле заробените Бошњаци од Сребреница, кои требале да бидат убиени.

Негирањето на геноцидот мора да престане

Aлан Тигер, обвинител во предметот на Радован Караџиќ. Фото: Фликр/МКТЈ

Хашкиот трибунал и судовите во Босна и Херцеговина, Хрватска и во Србија, досега, за злосторствата извршени во Сребреница, осудија 47 лица на 704 години затвор и четири доживотни затворски казни, од кои едната му е изречена на Караџиќ – за геноцид, злосторства против човештвото и за воени злосторства во Сребреница.

Во изминатата година, Жалбениот совет на Судот на Босна и Херцеговина, го осуди поранешниот командант на шестиот баталјон на зворничката бригада на ВРС, Остоја Станишиќ, на пет години затвор, за помагање и поттикнување на геноцидот, при што првичната казна од 11 години затвор, му беше намалена.

Советот заклучи дека припадниците на шестиот баталјон на ВРС, на 14 и 15 јули 1995 година, под надзор на обвинетиот, учествувале во прифаќањето и обезбедувањето на стотиците заробени мажи, кои биле држени во училиштето во зворничкото село Петковци, каде што подоцна, крај браната во близина, биле стрелани повеќе од 700.

„Обвинетиот ги ангажирал припадниците на шестиот баталјон, за да ги чуваат затворениците пред училиштето, иако е неспорно дека ги чувале и други припадници на ВРС”, изјави претседателот на судскиот совет, Мирко Божовиќ.

„Советот, исто така, заклучи дека Станишиќ знаел за планот за убивање, но не можеше да заклучи дека тој, со извршителите, ја делел и геноцидната намера”, додаде тој.

Освен овие две пресуди, од јули минатата година, Судот на БиХ изрече и две ослободителни пресуди, на обвинети за геноцид и други злосторства извршени во јули 1995 година – на Горан Сариќ и на Милан Богдановиќ.

Во ноември минатата година, беше потврдена ослободителната пресуда на Горан Сариќ, поранешен командант на специјалната полициска бригада на Република Српска.

Првостепениот совет на Судот на БиХ, во март оваа година, го ослободи од обвиненијата Милан Богдановиќ, кој во јули 1995 година, бил командант на шестата чета на посебните полициски единици, на подрачјето на Коњевиќ Поле (општина Зворник).

„Обвинителството не успеа да докаже дека припадниците на оваа чета, учествувале во заробувањето и спроведувањето на мажите, како и дека им овозможиле на другите да ги убијат“, рече претседателот на судскиот совет, Весна Јесенковиќ.

Пред Судот на БиХ се водат уште четири други случаи, за злосторствата извршени во Сребреница.

Во тек е презентирањето на доказите од страна на одбраната на петмина поранешни полициски раководители во Братунац и во Зворник – Миодраг Јосиповиќ, Бранимир Тешиќ, Драгомир Васиќ, Данило Зољиќ и Радомир Пантиќ, како и Среќко Аќимовиќ, кој бил командант на вториот баталјон на зворничката бригада на ВРС.

Тече и судењето на поранешниот командант на власеничката бригада, Миле Косориќ, како и на припадникот на воената полиција, Момчило Тешиќ, а во друг предмет, во октомври минатата година, започна судењето на Раде Гариќ, кој, исто така, бил во власеничката бригада.

Гариќ е единствениот обвинет, против кого обвинителството од минатиот 11 јули, поднело обвинение за злосторства во Сребреница.

Во Хаг, во наредната година, се очекува изрекувањето на конечната пресуда на Младиќ – кој со првостепената пресуда од 2017, беше осуден на доживотен затвор, за геноцид во Сребреница и за други злосторства.

Според Тигер, досега изречените пресуди за Сребреница, се „победа на правдата”, особено имајќи предвид дека голем број на „високо рангирани сторители, беа осудени за ова злосторство”.

Тој додава дека за конечна правда, мора да се обезбеди престанок на негирањето на злосторствата.

„Ние сите имаме обврска да помогнеме во вакцинацијата на луѓето против вирусот на негирањето. Ова може да го направиме преку промовирање на сфаќањето на фактите и помагање во ширењето на вистинската приказна за идните генерации“, заклучи Тигер.