„Стоењето сред улица е многу опасно. Можеш да настрадаш од двете страни“ (Маргарет Тачер)
Од 30 декември до денес, еве веќе две недели се дешифрираат мотивите за наводниот план на Заев, во договор со ВМРО-ДПМНЕ, за одржување итни предвремени избори по кои СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ заеднички ќе ја делат власта во следните осум години, а ДУИ ќе биде елиминирана од владата.
Јасно е, ниту еден од протагонистите што учествувале зад сцената во ковањето вакво сценарио, нема јавно да ги потврди објавените медиумски наводи. Од тој аспект, темата и натаму формално ќе се третира како шпекулација, иако сите „знаци покрај патот“ индицираат висока веродостојност.
А тоа е една од причините поради кои граѓаните и не можат да сфатат што, всушност, се случува во државава, односно како е воспоставен „топлиот ходник“ преку кој наводно се поврзале децениски заколнатите опоненти.
Зошто Заев како „бивш“ би се мешал во штипките на Ковачевски, зошто би сакал да му ги поткопа позициите, зошто би се противел на одредени кадровски решенија, но и на реконструкција на неколку министри?
„Заев и Мицкоски? СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ заедно? Не ми се верува“. Ова е само еден од рефрените што уследија, а сосема очекуван, со оглед дека електоратот три децении е трениран на рововски и непријателски однос каков што промовираа партиските поглавари, а на чии политики тој електорат им даваше доверба на изборите.
Менувањето на „плочата“ ги остави сите збунети. Не поради тоа што се менува плочата во односот, комуникацијата или речникот меѓу опонентите, туку само во нивното наоѓање иста кота, секој од свој интерес.
Очекувано, прашања има многу. Зошто Заев како „бивш“ би се мешал во штипките на Ковачевски, зошто би сакал да му ги поткопа позициите, зошто би се противел на одредени кадровски решенија, но и на реконструкција на неколку министри?
Релевантен одговор на ова прашање би имало кога овде би имале систем, а бидејќи го нема, сѐ се одвива на еден волунтаристички план, кој ги oбесмислува институциите, па и премиерската. Особено што јавноста не знае дали избраниот наследник на Заев, во пакет со функцијата, наследил и одредени обврски кон претходникот.
Во земја каде што има систем и правила, нема место за дворски игри, ниту за магливи епизоди. Што е фалично во тоа наводно сценарио? Тоа што во равенката „ние и вие, минус тие“, никаде не е вкалкулирана волјата на електоратот, неговото височество – граѓанинот.
Во политичките анализи важи едно правило: ако за некој потег не можеш да ги разбереш мотивите, погледни ги или антиципирај ги ефектите. Немам намера да генерализирам, но ќе ги споделам реакциите на луѓето со кои во изминативе две недели сме разговарале за посоченото сценарио.
Покрај изненадувањето, она што е суштински важно за изборниот процес и за компонирањето на идната власт, е еден, речиси идентичен одговор: сите се исти, зошто да одиме на гласање! Значи, на непотврдено и нереализирано сценарио, како прва жртва паѓа довербата во каква било автентична партиска понуда/идеологија, без заднински игри, партикуларни интереси и калкулации.
Но, таа, во суштина крајно неточна оценка („сите се исти“), по обелоденувањето на сценариото, станува доминантна перцепција. А партиите добро знаат што значи кога поради разочараност или недоверба, дел од електоратот нема да излезе на гласање.
Тогаш, зошто беа толку напори да се издиференцира разликата дека сите партии/власти не се исти, дека не рефлектираат иста ефикасност во работењето, посветеност и одговорност, ако со една „мала приредба“ сето тоа е осудено да падне во вода?
Оттука, мојата дилема е – дали такво сценарио навистина било планирано да се реализира или само за да протече во јавноста, со цел да се испрати порака со конкретна употребна вредност до адресите на кои била наменета: до врвот и членството на СДСМ (да ги уважуваат сугестиите на претходниот премиер), до ВМРО-ДПМНЕ (со здружени сили за помалку уцени поради потенцијален кусок од коалициски капацитет) до ДУИ (дека не е незаменлива) и соодветно на тоа – едно големо „повелете“ до другите партии од албанскиот блок.
Што е фалично во тоа наводно сценарио? Тоа што во равенката „ние и вие, минус тие“, никаде не е вкалкулирана волјата на електоратот, неговото височество – граѓанинот.
Но, дури и целта да била токму такво сценарио, начинот на кој темата се истркала со прилично многу детали во медиумите во соседна Албанија (дури и со партиски потврди за сценариото), говори за еден невиден аматеризам. Во политиката, апсурдноста не е хендикеп, (Бонапарта), ама таа е и умешност да се предвиди можното.
Нашата политика не се темели на анализи и предвидувања според кои ќе се избира стратегијата за јавното добро и јавниот интерес, туку прибегнува кон стратегии за надмудрување (кои потоа раѓаат тензии и анимозитети), во очекување итроштината да биде амплификатор на перцепцијата за „длабоко промислени политики“.
Второ, не треба да се заборави дека и во политиката владее правилото „што носи денот, не носи годината“. Од првата влада на Заев до сегашната на Ковачевски, на Илинденска број 2 продефилираа сите партии што неодамна беа на средба во Тирана, вклучително и таа што не беше таму. Во некој момент, секоја од нив имала улога за изборниот резултат и за стабилноста на мнозинството, па дури и до тоа стабилноста да зависи од еден „исчезнат“ пратеник, кој сега пее во хорот на „Огнената група“.
Накусо – тоа што денес е на масата и што се смета за „сигурно“, веќе утре може да го нема. Состојбите се толку променливи, што никакво сценарио не може да биде замена за курсот што ќе го дадат изборните резултати, во пакет со принципиелни и обмислени одлуки за предизборни или постизборни соработки.
На крајот, ќарот од ваквите игри може да заврши токму кај оние против кои биле насочени. Дури и „Огнената група“, на која многу противници на ДУИ ѝ се радуваат, не се свесни дека – колку што таа група е погласна, толку повеќе ја зацврстува ДУИ. Во период на засилена антикорупциска реторика, и меѓународниот фактор како да замижува пред фалинките на ДУИ во корист на каква таква стабилократија, споредено со потенцијални турбуленции од „кредибилитетот“ на нејзините внатрешни опоненти.
Вистинското сценарио секогаш е она што подразбира јавни, а не заткулисни проекти, во кое ќе биде видлив и препознатлив јавниот интерес, а не интересите на тате, бате, Петко, Станко. И кое ќе престане да ги храни само поединечните интереси, и да функционира како брана од стравовите, комплексите и од погрешните математики.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија