Пред нешто повеќе од една деценија, во јули 2010 година, судот во Мостар, Босна и Херцеговина, пресуди против Министерството за образование на Херцеговско-неретванскиот кантон, осудувајќи го за дискриминација на ученик со тешкотии во развојот. Мостарскиот суд донесе заклучок дека Министерството за образование не му обезбедило на ученикот соодветен пристап кон основното образование, како и соодветни услови за негова инклузија во редовната настава.
Со оваа прва пресуда од овој тип на балканските простори, базирана на босанските позитивни законски акти, но и на меѓународните конвенции, чиј потписник е Босна и Херцеговина, практично се потврдува дека во оваа држава постои образовна, но и општествена дискриминација кон атипичните деца.
Интересен е податокот дека и Македонија има законските акти, слични на босанските, како дека и нашата држава е потписник на истите конвенции, како и Босна и Херцеговина, само што нашата судска пракса не познава ниту еден случај на дискриминација на деца со попреченост, не само на образовно, туку на кое било друго ниво.
Ние ќе имаме онолку инклузивно образование, колку што имаме инклузивно општество. А инклузивно општество – немаме!
Случаите, како неодамнешниот со 11-годишното девојче со Даунов синдром во Гостивар или оној од пред неколку години во селото Тимјаник, се доволни само за помалку или повеќе жестоки осуди од јавноста, па дури и од политиката, кои главно не носат или носат многу мала промена на општата слика. Во принцип, кога некој ваков случај ќе излезе од јавноста, главно се настојува да се реши преку некакви „дипломатски“ притисоци и разговори, без притоа навистина да се употребат институционалните мерки и инструменти што ѝ стојат на располагање на државата, но и на целото општество.
Сѐ до појавата на некоја нова Ембла или некој нов Тимјаник. И потоа повторно го продолжуваме животот со нашата ксенофобија и нашиот сеграгационизам.
Односот кон атипичните деца, всушност, е првиот лакмус што покажува кое е нивото на општеството во кое живееме. Тој однос, имено, зависи од условите на живеење; од социјалните, политичките, културните и економските состојби во едно општество. Долгогодишните европски и американски пракси за сегрегација на лицата со инвалидитет доведе до ситуација долги години да се верува дека на овие лица им е подобро да бидат што подалеку од нас, сместени во посебни простории, згради и институции. Ваквата политика само ја засилува(ше) општествената стигма, создава одбојност кон оваа маргинализирана група, па и некој вид нелагодност.
Двојното образование (таканаречените специјални училишта или специјални паралелки), преку ставот дека образованието на овие деца бара додатно образование и напор на учителот, всушност премолчено беше одобрувано од целата општествена заедница, неспособна да ги прифати социјалните и културните разлики, а камоли да обрне внимание на позитивните ефекти и на она што нѐ збогатува.
Денес, под притисок на современите трендови и сфаќања, оваа пракса на исклучување наводно се напушта, но ситуацијата на теренот покажува дека предрасудите се и натаму доминантен модел на општественото размислување.
Имено, идејата на современите образовни политики е тие да влијаат врз целата општествена заедница, а првенствено врз семејството, кое е модел на однесување за учениците.
Во таа смисла, образовната е само дел од општествената инклузија. Следствено, ние ќе имаме онолку инклузивно образование, колку што имаме инклузивно општество. А инклузивно општество – немаме! Целото општество е поделено по линијата на онаа озлогласена максима „Ние против нив“, која дефинитивно не дозволува да се „влезе во кондурите на другиот“ и да се направи барем минимален обид за разбирање на оној што не е како нас.
Токму затоа образовната инклузија е толку важна. Таа не се однесува само на децата со атипичен развој, туку буквално на сите деца. Како што вели Конвенцијата за правата на децата на Обединетите нации, сите деца се исти и сите деца се – различни. Значи, вклучувањето на сите деца во воспитно-образовниот процес подразбира вклучување и на оние деца што на кој било начин се чувствуваат запоставени, имаат проблеми во учењето, сиромашни се, патуваат со часови до училиштето или се припадници на некое етничко малцинство.
Тимјаник и случајот на Ембла сериозно се закануваат да станат дел од нашата ксенофобна традиција, кои ќе ни се повторуваат во правилни временски периоди
Идејата е дека сите ученици се способни да учат и да придонесат кон школските активности. Се разбира, со соодветно разбирање и поддршка од сите субјекти во образовниот процес, но и од општеството во целина. Со други зборови, ова образование (би требало да) ги уважува и да ги прифаќа разликите меѓу децата, без оглед на возраста, полот, етничката припадност, јазикот, социјалниот статус или евентуалното телесно оштетување.
Секој човек е индивидуа со свои особености и лични карактеристики што треба да се уважуваат. Исто е и со децата. Затоа на секое дете би требало да му се пријде индивидуално. Индивидуалниот пристап не смее да значи – исклучување, туку напротив – овозможување секој ученик да ја збогати училишната атмосфера со својата посебност.
Со други зборови, инклузивното образование не е системска промена на состојбата, туку промена на сфаќањата.
И затоа дискриминацијата на малата Ембла не е само важна од аспект на оневозможувањето на еден ученик да има рамноправен пристап во задолжителното основно образование, туку многу повеќе од аспект на способноста на општеството да им овозможи на сите свои граѓани еднакви услови и еднаков пристап кон колку-толку еден пристоен живот. И затоа очекувам општеството да ги искористи сите инструменти што му се на располагање за да ја санкционира доминантната фолклорна логика „Ние против нив“.
И тука нема да бидат доволни смени на директори или „дипломатски“ притисоци, туку токму судски пресуди, решенија на заспаната Комисија за заштита од дискриминација, жестока реакција на Народниот правобранител, зголемено финансирање во образовните услови, едукација на родителите…
Во спротивно, Тимјаник и случајот на Ембла сериозно се закануваат да станат дел од нашата ксенофобна традиција, кои ќе ни се повторуваат во правилни временски периоди.