Нова година, ама навистина!

Фејсбукот ме потсети дека во ова време пред некоја година, на оваа социјална мрежа јавно сум (се) прашал: која е потребата поголемиот дел од човештвото да го прославува ноторниот факт дека Земјата поминала уште еден круг околу Сонцето?

Збунета Нова година

Мојата збунетост во предновогодишниот период е исто толку традиционална, колку што е традиционална и прославата на Нова година. И таа е предизвикана од повеќе факт(ор)и. На пример, од фактот дека на овој или на оној начин, свртениот круг на Земјата околу сонцето сигурно се слави повеќе од два милениума. Значи, многу порано него што човекот воопшто сфатил дека универзумот не е земјоцентричен и дека сонцето не се врти околу неговото пребивалиште, туку дека е сосема обратно. Всушност, некаде и пред периодот кога се воведени календарите, односно мерењето на времето. Што тогаш, всушност, се слави?

На 1 мај ги славиме работничките права, на 8 септември независноста на државата, на 7 јануари раѓањето на Исус…, а што славиме во ноќта меѓу 31 декември и 1 јануари (или на кој и да е друг датум на кој во разни култури се прославува почетокот на новиот годишен циклус)?

Натаму, секогаш ме интересирало што се случило толку епохално пред 2024 години, што времето оттогаш го сметаме нанапред и наназад. Поточно, што толку важно се случило на тој прв ден на „новата ера“, па таа станала „нова“?

Еве, да кажеме дека токму „циклус“ е клучниот збор. Значи, завршуваат периодите на орање, сеење, жнеење и правење вино и ракија. И до тука е некако јасно дека човекот има желба да ги прослави плодовите на својата работа (се разбира, ако тие се задоволувачки). Но, зошто би го славел почетокот на новиот работен циклус? Демек, среќен е што пак ќе ора, ќе копа, ќе сее, ќе жнее…? Тоа не е нов почеток. Тоа, едноставно, е повторување на мачната рутина.

Таканаречениот „нов почеток“ особено е проблематичен во ова совремие. Ја прашав дури и вештачката интелигенција за причините за прославата на Нова година. Освен општите флоскули, ВИ констатира дека: „Славењето Нова година е, во основа, време за прослава на животот, заедништво и оптимизам за иднината.“ Со голема сигурност и со бројни примери можам да заклучам дека денес човештвото не го слави баш животот, дека е со светлосни години далеку од заедништво, а богами и дека не постои некаква реална основа за каков било оптимизам за иднината.

Натаму, секогаш ме интересирало што се случило толку епохално пред 2024 години, што времето оттогаш го сметаме нанапред и наназад. Поточно, што толку важно се случило на тој прв ден на „новата ера“, па таа станала „нова“? Или што толку било заостанато во претходниот период, па сега го именуваме „пред новата ера“? Колку што знам, реперот е појавата на Христос, но и тука имам некои дилеми. Зошто тогаш не велиме „пред Христос“ и „по Христос“, наместо „стари“ и „нови“ ери? Затоа што, и покрај сите усилби, не целото човештво го следи Христовото учење? Зошто тогаш го мери времето според неговата појава?

Нова нова година

Следно, како тоа (о)станавме длабоко малцинство како народ кому првин му доаѓа Нова година, а потоа Божик? Затоа што Божик го славиме по Јулијанскиот календар, а Нова година по Грегоријанскиот? И затоа го славиме на 7 јануари. Жалам што морам да ве разочарам. Да, го славиме според Јулијанскиот календар, но го пресметуваме според Грегоријанскиот. Едноставно е. И по Грегоријанскиот и по Јулијанскиот календар, раѓањето Христово е на 25 декември, а не на 7 јануари.

Тоа што Јулијанскиот календар доцни 13 дена е сосема ирелевантно. На крајот на краиштата, по 2100 година ќе доцни 14 дена, што значи дека Божик ќе треба да го преместиме од 7 на 8 јануари. И да се разбереме, ова го зборувам од аспект на секуларната прослава на државниот празник, а не за црковните канони.

Не знам, ама ми се чини дека народ што живее во убедување, да не кажам во заблуда, дека Исус е роден по Нова година мора да е некој многу збунет народ. Што, на крајот на краиштата, секојдневно го гледаме во праксата.

Сонцето и натаму ќе изгрева и ќе заоѓа. Она што било, тоа и ќе биде. Една генерација ќе замине, друга ќе дојде. Некои ќе бидат подобри, некои полоши. Едни ќе прават војни, други ќе бидат жртви. Ништо ново под сводот небесен

И следната дилема, според моето мислење, ми е прилично рационална. Што е тоа новото во Новата година? Реките и натаму ќе се сливаат во морињата, а морињата нема да се преполнат, што би рекле пријателите од белградската група „С времена на време“. Сонцето и натаму ќе изгрева и ќе заоѓа. Она што било, тоа и ќе биде. Една генерација ќе замине, друга ќе дојде. Некои ќе бидат подобри, некои полоши. Едни ќе прават војни, други ќе бидат жртви. Ништо ново под сводот небесен.

Не знам како е кај вас, ама мене и на приватен план веќе подолго време ми се чини дека секоја нова година го живеам сега веќе култниот филм „Денот на мрмотот“ (Groundhog Day, 1993, р. Харолд Рамис). За оние што случајно не го гледале, таму ликот што го толкува Бил Мареј, секое утро се буди во истиот ден. Нешто слично како што и јас секоја Нова година завршувам во истата година. Разликата меѓу мене и Фил (така е името на главниот лик во филмот) е во тоа што тој вечното повторување на истиот ден го користи за подобрување на сопствената личност (учи да свири пијано, спасува луѓе и животни и со еден збор станува подобар човек), додека јас онака мрзоволно чекам да наредам уште една година во синџирот на мојот живот.

Се разбира дека мојот фатализам, олицетворен во филозофијата „Од каде ти е идејата дека имаш право на избор?“ (некои тоа би го нарекле апатија) се базира на мојата возраст. Или, ако сакате, на искуството (прекрасен еуфемизам за грешките што ги правевме во животот). Конечно, од човек што буквално половина живот потрошил во социјалистичкото „едноумие“, а втората половина во транзицискиот „плурализам“, не може баш да се очекува да блика од веселба, надежи и оптимизам.

Но, ајде, првенствено поради сопственото воспитување (добро или лошо, уште сум во дилема) не сакам јас да бидам дежурниот расипувач на забави. Конечно, имам и јас своја желба за Нова година. А тоа е: годината навистина да биде нова. Ама, нова во секој поглед. Првенствено во квалитативен поглед. Затоа, почитувани читатели, најискрено и вам ви посакувам вистинска нова година.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија