Новиот живот на рудниците на смртта

И покрај моето тотално непознавање на рударската професија, рударската индустрија, па ако сакате и рударскиот бизнис, во мојата свест рудниците одамна се врзуваат за смртта и за работничката експлоатација. Не само во Македонија, туку секаде во светот.

Од кога знам за себе, секогаш слушав за рудниците само во контекст на рударски несреќи или на нехумано експлоатирање на работната сила.

Во таа смисла и евентуалниот рудник „Иловица Штука“, дури и да се докаже дека тоа е најдоброто нешто за Македонија (а нема), ќе биде рудник на смртта.

Јас сум од оној век таму, но многу добро се сеќавам дека во училиште учевме дека онаа таму Југославија, значи Кралството Југославија, практично имала колонијален статус во однос на големите сили, првенствено затоа што им ги продала (читај: дала под концесија) своите рудни и минерални богатства на странците. И така се довела во состојба на зависност од странскиот фактор, а народот го осиромашила и го поставила во робовски однос.

Никаков проектиран раст на бруто-националниот производ или проектирани нови работни места не можат да ме убедат дека во Македонија, со новопечените рудници, би било многу поразлично отколку во Конго

На страна идеолошкиот предзнак со кој беше зачинето моето образование и на страна моето непознавање на работите, историски, а богами и социолошки факт е дека отворањето рудници на ниту една земја не ѝ донело вистински просперитет. Земјите со најголемо количество на злато, платина, дијаманти и друга лукративна руда не можат да се наредат во држави на благосостојба и висок стандард. Напротив.

Станува главно збор за африкански и латиноамерикански земји, раководени токму од безмилосните странски корпорации, слични на овдешните концесионери. Тоа се држави со висок степен на корупција, со нестабилни политички системи и лесно поткупливи политички елити.

За разлика од нив, стабилните и високо демократски земји се всушност оние кои го експлоатираат нивното рудно и минерално богатство. Значи, тоа се индустриски и технолошки високо развиени земји, кои користат евтини суровини и уште поевтина работна сила.

На пример, дури и еден гигант како финска „Нокија“, која беше пример за грижата за своите вработени, не се насекира премногу за фактот дека за нивните мобилни телефони користеше минерали од рудниците во Конго во кои работеа и десетгодишни деца во смени од по 12 часови.

Никаков проектиран раст на бруто-националниот производ или проектирани нови работни места не можат да ме убедат дека во Македонија, со новопечените рудници, би било многу поразлично отколку во Конго. Кога ние, без око да ни трепне, усвоивме 60-часовна работна недела за градителите на авто-патиштата, затоа што така барал изведувачот, зошто тогаш истото да не го направиме за рударите, ако така побара концесионерот.

Во прилог на оваа теза е и однесувањето на Владата со спојувањето на концесиите на Иловица и Штука како главен предуслов за отпочнувањето на експлоатацијата на рудата од струмичкиот регион. Наивно делува образложението дека биле наивни и не знаеле каква одлука носат. Та, овој рудник не е од вчера актуелен. Цела деценија веќе се кршат копјата околу него.

Ако, пак, навистина не знаеле за што гласаат, тогаш работите стојат уште полошо. Тоа е доказ дека имаме целосно некомпетентна Влада, која може да ја врти околу малиот прст било кој инвеститор или концесионер.

Своевремено уште професорот Светомир Шкариќ предупредуваше дека минералното и рудното богатство не можат да се третираат како „обична“ сопственост.

Ако добро се сеќавам, професорот нагласуваше дека станува збор за „повисок степен сопственост“, која не може да се отуѓи со еднострана политичка одлука на Владата. Нешто како етерот или водата.

Но, законот за експлоатација на минералните богатства се донесе така како што се донесе, главно во интерес на концесионерите и на Владата, која во случајов се поставува во улога на инокосен арбитар.

Ако беше искрена Владата во своите прокламирани ставови дека нови рудници нема да има, тогаш по решението на Управниот суд во полза на концесионерот, немаше полутајно и далеку од очите на јавноста да носи одлуки за спојување на концесиите, туку ќе собереше правен тим да ја советува како правно поиздржано да го раскине договорот со концесионерот, односно да му ги одземе концесиите.

Сепак, ретерирањето на Владата и најавата дека одлуката за спојување на концесиите ќе биде преиспитана, укажува дека оваа одлука имала функција на „пробен балон“. Ако помине без поголеми потреси, во ред. Ако не помине, ќе ретерираме.

Има ли државата направено сериозна анализа што се добива со отворање на рудникот, а што се губи во смисла на екологијата, здравјето, земјоделското производство

Ова значи дека Владата суштински не се откажала од рудниците и дека само се игра некоја популистичка „игранка“, која сега се зачинува и со закани за огромни финансиски пенали што ќе мораме да ги платиме сите ние ако се раскине договорот. Дури се појавија и шпекулации дека целата работа е однапред договорена за да може новопечениот акционер во „Еуромакс ресорсис“, фамозната тетовска фирма „Еколог“, да наплати огромна отштета. Вака гледано „Еколог“ е во вин-вин ситуација. Ако проработи рудникот ќе бидат во ќар, а ако се одземе концесијата – пак ќе бидат во ќар. Добра шпекулативна инвестиција, што би се рекло.

Клучното прашање, сепак, не е колкава отштета ќе плаќа државата ако се раскине договорот, туку колкава штета ќе трпиме ако се отвори рудникот. Има ли државата направено сериозна анализа што се добива со отворање на рудникот, а што се губи во смисла на екологијата, здравјето, земјоделското производство…? И дали во тој случај би се исплаќало да се плати оштета? Очигледно нема. Па, ние ќе плаќаме оштета на изведувачот на несудениот Клинички центар, при што, убеден сум, дека штетата од реализацијата на таквиот клинички центар е многу помала од штетата што ќе ја предизвика отворањето на рудникот „Иловица Штука“.

Затоа саботниот протест во Струмица не треба да се сфати како „глас на народот“. На крајот на краиштата, нема зошто народот да се прашува за политиките на Владата. Та, не го избравме народот да ја води оваа држава, туку да го прави тоа Владата во негово име. И затоа сите невешти популистички додворувања од политичките партии на власта и во опозицијата не само што не држат вода, туку паѓаат во неа.

Луѓето што се собраа да протестираат во едно од најжешките пладниња, не дојдоа на протест затоа што нагло еколошки се освестија или за да се слушне нивниот глас. Тие дојдоа да си ги бранат сопствените дворови.

А, ќе признаете, нема полегитимно право од тоа да си го одбраниш и исчистиш сопствениот двор. Никаков раст на бруто општествениот производ не може да го оспори ова право. На крајот на краиштата, никој не протестира од убавини.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија