Аланфордовска реалност

Доаѓањето на европски министри за надворешни работи во посета на Скопје е меч со две острици. Од една страна, тоа го рефлектира нивниот интерес и охрабрување за реализација на уставните измени кај нас, со цел земјата да се придвижи на европскиот пат. Од друга, недвосмислено потсетува на иста таква дипломатска инвазија пред уставните измени што произлегоа како обврска од Преспанскиот договор по што членството во НАТО навистина стана реалност, но не и почетокот на преговори со ЕУ.

Затоа новата, веќе видена (dejа vu) епизода се дочекува со изгубена доверба во ветувањата од претставници на меѓународната заедница поради оправдан страв дека пак нема да има крај за концесиите од македонска страна, наспроти магливата перспектива околу новиот бран на проширување за кандидатите што ќе ги исполнат условите.

Никој во оваа приказна не е искрен: ни самопрокламираните проевропски елити, ни тие што го прикриваат антиевропејството, ни оние од ЕУ што ни ја посочуваат важноста на овој момент, знаејќи ги нашите децениски слабости

Без дефиниран период со рокови, сигурно нема да има мотивација за реформи. Ќе остане само впечатокот дека плаќаме висока „цена“ за влез во друштво, во кое евентуално би стигнале, кога на европската маса сѐ ќе биде изедено и испиено, освен трошките под неа.

Или кога и старите членки ќе кренат раце и веќе нема да им биде важно кој од периферијата на Европа им се придружил во Унијата од земјите што функционираат како рогови во вреќа, во Унија исцрпена од проширување под притисок на геостратешки причини, но без суштински реформи што ќе ја направат реално силна и кохезивна.

Од друга стана, ние ни дома не се покажавме како потенцијални Европејци. Нема елита што не ветила дека Европа ќе ја донесе дома, ама од 2005 година, кога добивме кандидатски статус, до денес ниту една европска шајка не сме заковале.

Сѐ што се правеше досега е глумење желба за европеизација зад која беше спроведувана груба партизација и трансмандатен хохштаплерај. Со таков менталитет на фриволност и грабеж, никој не може да ја приближи земјата кон стандардите и вредностите на ЕУ, освен да ја претвори во феудализирана партиска држава со подјармени институции и механизми, кои на интересни групи и поединци им обезбедуваат добивки преку криминални и корупциски практики. И тоа е сѐ што имаме денес. Нула од Европа дома.

Проблемот е, кога такви омнипотентни елити, кои семоќноста ја изградиле врз несанкционирани криминални и антиевропски практики, денес зборуваат за европски вредности. А нивната клучна слабост (криминалот) се користи и од идеолошки противници на ЕУ, кои преку такви грешки си обезбедуваат барам едно алиби за критика – „вие ли најдовте да зборувате за ЕУ“?

Така што, никој во оваа приказна не е искрен: ни самопрокламираните проевропски елити, ни тие што го прикриваат антиевропејството, ни оние од ЕУ што ни ја посочуваат важноста на овој момент, знаејќи ги нашите децениски слабости. Да беше поинаку, не ќе се наредеа европски амбасадори со толку критики за владеењето на правото кај нас. Со тоа, ни фразата „ние божем се реформираме, ЕУ божем ни верува“, одамна не е во оперативна сила. Во сила е сеопшто тетеравење.

Преговарачката рамка, меѓу другото, е резултат на нашите дипломатски и сеопшти слабости, и затоа не останува ништо друго, освен да ни ја продаваат како најдобра понуда, со оглед дека нѐ прочитале како буквар.

Иако можеби изгледа апсурдно, мислам дека опозицијата несвесно ѝ прави услуга на власта со намерата да не ги поддржи уставните измени, како што вели, под бугарски диктат. И можеби власта се надева токму на тоа, за да има виновник зошто не се успеало.

И покрај непримерната билатерализација на дел од Преговарачката рамка, најтешкото не доаѓа со впишувањето на Бугарите во Уставот, туку со отворањето на кластерот Темели, кој содржи поглавја поврзани со демократските институции, владеењето на правото, политичките и економските критериуми, реформата на јавната администрација, јавните набавки, финансиската контрола…

А сето тоа ќе ја извади на виделина нашата голема Авгиева штала, која ја имаме и во буквална, и во метафоричка смисла. Со еден смет не можеме да се справиме, а камоли со сите бенчмаркови на патот до Брисел. Бугарите не ќе може на ред да дојдат за каква било забелешка пред многуте кандидати, кои нема да се воздржат од критики за нашето славно правосудство и сите непрележани детски болести поврзани со него.

Како да сме соочени со ликови од „Алан Форд“, типични за едно искривоколчено и хипокритско социјално милје, каде што точно се знае кој е Број 1, кој Шеф, Грунф, Боб Рок, Еремија, Сер Оливер…

А нас ни критика како онаа од холандскиот амбасадор не нѐ буди од длабока хибернација. Да беше поинаку, да имаше макар и минимален реформски импулс, не ќе сведочевме на епилог каков што имаше на последниот избор за членови на Судскиот совет.

Подолг период се распаѓаме однатре, а најалармантно е што никој не зборува за тоа. Сите го чувствуваат мирисот на гнилеж, но оние што се избрани да носат одлуки, ја вртат главата на другата страна, го затнуваат носот и сметаат дека смрдеата ќе исчезне со првиот ветер, по можност геополитички.

Веруваат дека ако го игнорираат проблемот, тој сам по себе ќе исчезне. Нема да исчезне. Само агонијата ќе стане подолга и потешка. Уставни измени, дури и со поддршка од 120 гласови нема да бидат гаранција дека ќе се поместиме од неподносливата леснотија на безреформското секојдневие, во кое доминираат трки по соравии, по лесни пари од тендери, по богати приватни џекмеџиња премачкани со „автопатски асфалт“ и добивки од функционалниот шуро-баџанаковизам во нефункционалните институции.

Наликуваме на црна пародија, каде што стварноста и фикцијата направиле толку совршен микс, што честопати не си веруваме на сопствените очи – дали тоа што го гледаме, навистина се случува. Како да сме соочени со ликови од „Алан Форд“, типични за едно искривоколчено и хипокритско социјално милје, каде што точно се знае кој е Број 1, кој Шеф, Грунф, Боб Рок, Еремија, Сер Оливер…

Сите стриповски реплики, пароли за живот се типични за нашето искривоколчено и хипокритско социјално милје, во кое главно мото е стриповското „Подобро да живееш сто години како милионер, отколку седум дена во беда“.

Емисари нѐ убедуваат дека „Ако имаш намера да победиш, не смееш да изгубиш“ или дека „Подобро е нешто од нешто, отколку ништо од ништо“. Или „Не се предавај никогаш, освен кога мораш“, зашто „Кој губи добивка, добива губиток“.

И дезидеологизираните партии одамна не се енигма: „Ние не ветуваме ништо и тоа го исполнуваме – партија на вистината“. Не е енигма ни збирниот доказ за длабокиот патриотизам, во стилот „За татковината ќе дадам сѐ, па дури и нокт“.

А граѓаните, изморени од тридецениското чекање на европското утре, аланфордовски би рекле „Подобро да се пие вода, отколку нафта“. И да се надеваат дека нема да се соочат со упатството „Влезот слободен, излезот се наплатува“. Во „Алан Форд“, ова е натпис над кино. Кај нас за севкупна употреба.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија