Пред неколку дена, „Њујорк тајмс“ објави дека го отпушта својот литературен критичар Алекс Престон. Причината за прекинот на соработката со овој британски бестселерски романсиер и литературен критичар во десетина глобални медиуми лежи во сознанието на весникот дека Престон во пишувањето на рецензијата за романот „Watching Over Her“ од Жан-Батист Андреа (објавена на 6 јануари годинава) користел вештачка интелигенција, односно дека поголемиот дел од текстот е генериран преку неа.
Вештачки плагијат
Она што е интригантно во целиот случај е подоцнежното откритие дека рецензијата на Престон неверојатно многу наликува на текстот што за истата книга го објави лондонски „Гардијан“ на 21 август минатата година.
Ваквиот развој на настаните пред јавноста постави неколку дилеми. Дали и авторот на текстот во „Гардијан“, Кристобел Кент користел вештачка интелигенција, пишувајќи ја својата рецензија, а Престон, едноставно, го плагирал? Или, пак, вештачката интелигенција го плагирала Кент и неговиот текст му го „понудила“ на Престон?
Засега, „Њујорк тајмс“ опстојува на обвинувањето за користење на ВИ во рецензијата, без да споменува плагијати, што имплицира дека вештачката интелигенција не е во состојба само да генерира текстови, туку буквално да ги – плагира! Во таа смисла, во јавноста излезе и Кристобел Кент со една прилично гневна изјава, чија суштина може да се сведе на тоа дека тој прима релативно скромен паричен надомест за своите текстови, а компаниите за вештачка интелигенција „вријат“ од пари, и тоа на грбот на авторите.
Инаку, предметниот роман се појави во Франција, во август 2023 година (оригиналниот наслов му е „Veiller sur elle“) и доживеа инстантен успех, добивајќи ја таа година престижната Гонкурова награда за најдобар француски роман. Досега е преведен дури на 34 јазици и е еден од најпродаваните гонкурови лауреати. Според Википедија, досега се продадени повеќе од 700.000 примероци од овој роман.
Засега авторот Жан-Батист Андреа се држи резервирано околу скандалот со рецензиите за неговата книга и вештачката интелигенција. Или барем мене не ми е познато дека се изјаснувал на оваа тема.
Но, тоа се разбира не е сѐ во врската меѓу авторството и вештачката интелигенција. Речиси истовремено, односно неколку дена пред случајот со литературниот критичар на „Њујорк тајмс“, издавачката куќа „Хачет“ (инаку еден од петте најголеми издавачи во светот), преку истиот весник објави дека се откажува од објавување на американското издание на хорор-романот „Shy Girl“ од британската авторка Миа Балард и дека истовремено го повлекува неговото британско издание. Причината е иста – сознанија дека романот е напишан со ВИ-алатки.
Овој роман за првпат е објавен како самостојно издание преку платформата „Амазон“ некаде во февруари минатата година и веднаш забележува сериозен комерцијален успех. И тоа толкав успех што споменатиот „Хачет“ решава, преку својот британски импринт „Орбит“, да го објави во печатена форма. Книгата за пазарот во Велика Британија излезе во ноември минатата година, а истовремено е најавено и американско издание, кое требаше да излезе токму деновиве.
Очекувано, авторката Балард ги демантира овие обвиненија, фрлајќи ја вината врз извесен независен уредник што таа го ангажирала, а кој го едитирал романот со помош на ВИ и без нејзино знаење. Таа истовремено најави и тужба против него. Во својата изјава, Балард не го споменува името на уредникот, правдајќи го тоа со „правни причини“, така што наводниот виновник засега ќе остане анонимен.
Сепак, ова оправдување не изгледа премногу убедливо, затоа што според некои проверки е констатирано дека најмалку 78 проценти од романот се, всушност, „креација“ на вештачката интелигенција.
По овие два последователни настани, не ми беше тешко да замислам една не толку далечна дистопија, во која вештачката интелигенција пишува литература и вештачката интелигенција ја рецензира таа литература. При што, рецензиите се објавуваат во медиуми, генерирани од вештачка интелигенција и кои ги кликаат – ботови.
Но, работите не се толку едноставни и не можат да се сведат (само) на етичките прашања околу авторството, како што тоа може да изгледа на прв поглед. Тоа, впрочем, го покажа и широката дебата што се разви, особено по случајот на Балард.
Во оваа расправа, издавачите се главно фокусирани на прашањето како е можно еден издавач од рангот на „Хачет“ да „падне“ на вештачката интелигенција? На пазарот постојат многу ВИ-алатки, специјализирани за пишување. Дури се создадени и алатки што напишаното од ВИ го „доприлагодуваат“ да изгледа како да е напишано од човек (на пример, humanity.ai). Од друга страна, постојат и исто толку бројни алатки што релативно успешно ги детектираат текстовите создадени со ВИ.
Целата оваа приказна ме потсеќа на времето на „епидемијата“ на компјутерски вируси и појавата на сѐ посовршени антивирусни програми. Во некој момент наводно се откри дека некои произведувачи на антивирусни програми, всушност, создаваат и шират нови компјутерски вируси, кои, погодувате, само нивните производи можат да ги исчистат.
Не сум сигурен дека не би можела да се повлече аналогија и со „трката“ меѓу овие ВИ-алатки и оние што ги „откриваат.“
Но, она што во оваа расправа ми е мене поинтересно е токму прашањето на авторството на делото. Секој што некогаш користел вештачка интелигенција, особено за некакви „креативни“ цели, знае дека таа работи врз база на зададени задачи, односно промптови. И знае дека некогаш е потребно трпение и задавање низа додатни промптови за да го добиете резултатот што барем донекаде ќе ве задоволи. Во таа смисла, навистина се поставува прашањето кој е вистинскиот автор на уметничкото дело? Оној што ги поставува задачите или оној што ги извршува?
Еден од учесниците во оваа дебата, чинам беше некој уредник во некоја издавачка куќа, правдајќи ги своите колеги, кои не ја препознале вмешаноста на вештачката интелигенција во некој текст, вели дека авторите денес, не само што ги имаат алатките за пишување секакви текстови, туку ги имаат и оние филтри за препознавање на вештачката интелигенција.
Процесот, според него, оди вака: авторот ќе му зададе на чатботот да му напише роман. Овој ќе го напише, па авторот ќе го пушти низ филтерот за проверка. Тогаш ќе види кои делови се препознатливи, па повторно ќе го „ангажира“ чатботот со нови промптови да ги исправи тие делови. Па, повторно ќе го пушти текстот низ филтерот итн. Овој процес би можел да се повторува и десетици пати, па на крајот навистина ќе остане прашањето – кој е вистинскиот автор на тој роман?
На крајот на краиштата, дигиталната уметност, на пример, е одамна признаена во семејството на визуелните уметности. Која е тука разликата? Лично мислам дека вештачката интелигенција нема шанси да го напише, да кажеме, „Вујко Вања“, освен ако самиот Чехов не ѝ ја издиктира оваа драма преку неговите промптови.
Министри и пратеници
За некого тоа можеби се само периферни последици и дилеми што „новото нормално“ со оваа технолошка револуција ги носи. Се разбира дека има и позначајни општествени предизвици од креативниот труд. На пример, се тврди дека вештачката интелигенција ги избира целите за актуелното бомбардирање на Иран и дека тоа е причината зошто е гранатирано она училиште каде што загинаа над 160 девојчиња.
Иако мој длабок впечаток е дека и во овој случај вештачката интелигенција се користи само како некаков вид оправдување за немарот или фаталната грешка на човекот. Дури ни ВИ нема да гранатира ништо без (не)соодветна наредба од страна на човекот.
Можно е, се разбира, и масовно губење работни места и општо осиромашување на населението. Но, таквиот развој на настаните ќе биде единствен случај во историјата, технолошкиот напредок (оној „цивилниот“, не воениот) да ја уназади цивилизацијата наместо да ја унапреди.
Сепак, без оглед на сѐ, човечкиот фактор останува незаменлив во креирањето одлуки. Барем засега. Конечно, компјутер го победи во шах и еден Гари Каспаров, па шаховските турнири уште ги играат луѓе.
Во таа смисла, односно во смисла на влијанието на ВИ врз општеството и човечкото одлучување, индикативни се два примера.
Пред некој ден се појави веста дека албанската актерка Анита Биша ја тужи албанската држава за злоупотреба на нејзините лик и глас и бара отштета од милион евра. Имено, во септември лани, албанскиот премиер Еди Рама ја претстави првата „дигитална министерка“ на светот.
Станува збор за таканаречената Диела (во превод „сонце“, а ние би рекле „Сунчица“), аватарка која би требало да го води ресорот за јавни набавки. Проблемот е во тоа што за „потребите“ на аватарката се искористени ликот и гласот на Биша. За волја на вистината, Биша, една година претходно потпишала договор со албанската влада за користење на нејзините лик и глас, но само за потребите на порталот е-Албанија. И тоа само како „дигитален асистент.“
Но, сега и на улица ја препознаваат како „министерка.“ И тоа ѝ пречи. И во животот. И во кариерата.
Но, поентата не е тука во „повредените“ лик и дело на актерката, туку е многу подлабока. Промовирајќи ја Диела за министерка, Рама тогаш рече дека таа ќе ја исклучи секоја можност за корупција. И додаде дека во некој момент ќе имаат и дигитален премиер на владата. Аватар, нели, не може да се корумпира.
Ама, изгледа ниту аватарите не се поштедени од она што се нарекува „homo corruptus“, односно од човечкиот фактор. Имено, Диела е само програма со која раководи тамошната национална агенција за информатичко општество, а во декември минатата година, Специјалниот суд за корупција и организиран криминал им одреди куќен притвор токму на дел од водечките луѓе на Агенцијата, токму под сомневање за корупција. Се чини дека оваа перцепција за корумпираност многу повеќе ја погоди Анита Биша од (зло)употребата на нејзиниот лик.
Вториот пример е од парламентарните избори во Велика Британија, во 2024 година, каде што како независен кандидат настапи аватарот Стив АИ, оставајќи така можност Обединетото Кралство да го добие првиот дигитален пратеник. Во предизборната кампања, која Стив АИ главно ја водеше преку својот официјален сајт, акцентот беше ставен на неговите „супер моќи“: може во ист момент да разговара со 45.000 гласачи на различни теми. Доверлив е и не лаже.
Адаптабилен е на барањата на своите гласачи итн. Неговиот творец, извесен Стив Ендекот тврдеше дека ако Стив АИ биде избран, тогаш Ендекот ќе седи во парламентот, но само како посредник. Сите одлуки ќе ги носи дигиталниот аватар.
Но, и покрај примамливите ветувања и добиеното медиумско внимание, Стив АИ не се прослави на изборите. Од осум кандидати во брајтонската област, го зазеде последното, осмо место, освојувајќи само 179 гласови, односно 0,3 проценти од гласачкото тело. Очигледно, довербата, од некои причини, уште им се укажува на луѓето од крв и месо многу повеќе отколку на дигиталните чуда. Останува да се види до кога ќе биде така.
Забелешка: Во пишувањето на овој текст не е користена никаква вештачка интелигенција!
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија












