Од геополитика до Божја промисла

Се случи чудо. Убаво е да се верува во тоа, без сомнеж дека геополитиката го вмешала квасецот за чудото. Но, да нема дилема: како што Договорот од Преспа отвори услови за решавање на прашањето со МПЦ-OA, така и актуелната политичко-безбедносна состојба предизвикана од војна на една против друга православна земја се претвори во катализатор за затворање на нашето црковно прашање.

Нема сомнеж дека тоа е едно од многуте прашања на Западен Балкан, за кои кризата во Украина и нејзините рефлексии изнудија потреба што поитно да се решаваат, токму сега, кога на светската мапа се редат нова тура „пазли“ – политички, енергетски, економски, одбранбени, инфраструктурни, црковни и какви ли уште нe.

Но, кога Литургијата на помирување ќе заврши и радосниот звук на камбаните ќе стивне, на ред доаѓа потешкиот дел – како ќе се решаваат клучните прашања поврзани од црковно-правниот поредок, а поврзани со конечниот статус на МПЦ

И ништо не се случува преку ноќ. Вселенскиот патријарх не се разбудил туку-така едно утро, со желба да ја врати МПЦ-ОА во канонско единство со другите православни цркви. Ни српскиот патријарх Порфириј туку-така за еден ден не би можел да организира толку грандиозна Литургија на помирувањето со МПЦ. Ниту МПЦ за еден ден не би можела да ги заврши консултациите околу одлуката на СПЦ за нејзино враќање на статусот од 1959 година.

Сево ова е след на бројни активности зад сцената, кои сега богобојазливо добиваат призвук дека се плод на Божја промисла.

Без оглед на сплетот околности, добро е што МПЦ-ОА е вратена во канонско единство со сеправославниот свет. Тие што се упатени во процесот, добро знаат дека зад дофрлањето на топката од Цариград до Белград, стојат бројни црковни, дипломатски и политички напори во изминатите четири години, почнати по решавањето на спорот за името, а продолжени и засилени во контекст на актуелните безбедносно-политички аспекти.

Ако во тој хаос се отворила шанса за решавање на конечниот автокефален статус на МПЦ, тоа секако треба да се искористи. Јасно е дека преговорите досега се воделе во дискреција и дека не можеле да бидат пред камери. И горе-долу, јасно е што се случило на патот до радосната вест.

Но, кога Литургијата на помирување ќе заврши и радосниот звук на камбаните ќе стивне, на ред доаѓа потешкиот дел – како ќе се решаваат клучните прашања поврзани од црковно-правниот поредок, а поврзани со конечниот статус на МПЦ.

Од досегашните информации станува јасно дека МПЦ-ОА морало да рикверцира на позицијата од 1959 година и од враќањето на таа точка низ црковно устројство да го почне дијалогот за нејзиниот автокефален статус, а не „преку трупа“.

Оттука натаму нема јасна претстава како ќе се одвиваат работите. Ако претходно бил договорен некаков план, можеби и исконсултиран со помесните цркви, а кој сега само треба да помине низ формална реализација, тогаш нема причини за грижа. И тоа навистина ќе биде чудо, бидејќи ништо во оваа земја не е постигнато ни брзо, ни лесно. Кога велам брзо, мислам на напорите по 2018 година, а не на сите перипетии по 1967 година.

Ако допрва треба да се трасира тој пат, не треба да се исклучат неизвесности и отежнувачки околности. Да било лесно, секој ќе се прашал зошто се изгубија 55 години, доколку можело поинаку, без раскол, без страдања… И како сето тоа стана возможно токму во овој момент?

Сега, кога радоста е присутна, но, исто така, и стравувањата, тие не треба да се доживуваат како знак на недоверба кон Црквата. Тие се простодушен човечки порив да стрепи и да биде претпазлив за она што го смета за свое и свето

Во случајов се совпаѓаат повеќе коцки во мозаикот. Една од нив е и фактот што Србија се соочува со извесна недоверба во ЕУ околу нејзината конструктивност, имајќи предвид дека ја осуди агресијата во Украина, но не поддржа санкции против Русија.

Во време на многу коректни односи меѓу Белград и Скопје, можеби спорот СПЦ – МПЦ за Србија стана поприфатлива тема за решавање и по пониска политичка цена, во споредба со некои други нејзини отворени прашања. Охрабрувањето на црковните власти – да повлечат потег кон македонската црква, со оглед дека во моментот тоа е единственото нерешено прашање меѓу двете земји, е нешто што носи пријатен звук и за политичките камбани, не само за црковните.

Но, и покрај здружената добра волја, има работи на кои сега треба многу да се внимава. Вселенската патријаршија како име на нашата Црква го признава „Охридска“ со јурисдикција на владението во границите на државата Северна Македонија. СПЦ, пак, во одлуката соопшти дека „нема намера да ја условува новата сестринска црква со ограничувачки клаузули во однос на опсегот на нејзината јурисдикција во матичната земја и дијаспората, а со препорака да го реши прашањето за своето официјално име во непосреден братски дијалог со хеленофонските и другите помесни православни цркви“.

МПЦ не треба да се лизне на терен по прашањето кој е повеликодушен во понудата и да легитимира евентуални искри преку нејзин грб, во однос на „условувањето“ на опсегот на јурисдикцијата со кое СПЦ му реплицира на Цариград.

Особено, што и решавањето на прашањето за името во дијалог со сите помесни цркви може да биде многу лизгав терен, преполн со условувања. Зад Охридската архиепископија стои десетвековна историја, а има заинтересирани страни за нејзино архивирање во нивните историски „вистини“.

Затоа е потребна исклучителна внимателност. Велат – најдобар начин да ја предвидиш иднината е да ја создадеш. Македонската црква знае по кој пат треба да оди. Сега, кога радоста е присутна, но, исто така, и стравувањата, тие не треба да се доживуваат како знак на недоверба кон Црквата. Тие се простодушен човечки порив да стрепи и да биде претпазлив за она што го смета за свое и свето. Колку повеќе такви кандилца светат по патот на МПЦ, толку патот ќе ѝ биде полесен.