На некое натегнато ниво може дури и да се тврди дека е успех што годинава дури 800 студенти, македонски државјани, се запишале на високообразовните установи во Словенија.
Демек, со тоа покажуваме дека тука образуваме деца што се доволно конкурентни и за многу поквалитетни високообразовни институции од овдешните универзитети и се доволно креативни да бидат искористени во многу поразвиени индустрии од македонската. А на некое државно ниво ги потврдуваме нашите добри меѓудржавни односи што овозможуваат нашите студенти да се образуваат под поволни услови во странство.
Меѓутоа, тоа во вообичаениот сленг се нарекува „одлив на мозоци“ и никако не може и нема позитивна конотација. Теоријата вели дека, на ниво на човечкиот потенцијал, младите луѓе ја претставуваат биолошката подлога на виталноста на една земја и практично се condicio sine qua non на нејзиниот опстанокот и иднина. На образованите луѓе, првенствено им е наменета улогата на оние што ќе го обезбедат општиот квалитет на животот, а со тоа и на поквалитетната иднина.
Затоа, најблаго речено, изгледа прилично чудно изјавата на министерот за образование и наука во македонската влада, Јетон Шаќири, дадена во интервју за МИА, во која тој тврди дека фактот што 800 македонски студенти отишле да студираат само на универзитетот во Љубљана не е неуспех, туку дека на некој начин е дури и позитивен процес затоа што ние како земја ќе бидеме во можност на некој начин да ги искористиме позитивните искуства на овие млади луѓе.
Се прашувам дали во некој момент министерот Шаќири се прашал зошто во Скопје не се запишуваат словенечки студенти. На крајот на краиштата, според билатералните договори, и тие ги имаат истите услови тука, како и нашите таму?
Во ред, јас на некој начин дури и можам да ја разберам желбата на министерот да го оправда овој, би рекол, севкупен општествен пораз, иако, ако сакаме да бидеме реални, никој него го обвинува за оваа ситуација, затоа што таа не е почната со него, а како што сега стојат работите, за жал, нема ни да заврши со неговиот мандат.
Но, од друга страна, ваква двосмислена изјава која ја первертира тезата за одлив на мозоци, во, што би рекла српската премиерка Ана Брнабиќ, циркулација на мозоци (демек, нашите млади луѓе во одреден момент ќе се вратат тука и ќе ѝ помогнат на земјата во клучните моменти), не само што е погрешна (со оглед на местото од каде што е дадена), туку е и штетна. Таа, имено, на извесен начин дури и го стимулира иселувањето, во смисла дека со него ќе добиеме поквалитетни и подобри искуства.
Да ги оставиме сега на страна таканаречените „идентитетски“ прашања за опстанокот и егзистирањето на државата, иако секако не сакаме да ја намалиме нивната тежина. Но, државата, сепак, не се мачка на леб. Тука само ќе споменеме дека терминот „интелектуален капитал“ е одамна влезен во економската теорија. Постојат низа истражувања што недвосмислено го поврзуваат образованието и стопанскиот развој. Токму вложувањето во младите генерации е таа нишка што го создава темелот на стопанската успешност. Тие се оние што би требало да знаат да се справат со предизвиците на глобалниот и сѐ попребирливиот пазар.
Јасно е дека нашите студенти и идни стручњаци, својот придонес ќе го дадат таму каде што мислат дека најдобро ќе се самореализираат. А очигледно, барем повеќето од нив не мислат дека е тоа нивната родна земја.
Тоа го потврдува и едно истражување на американскиот „Галуп“ спроведено меѓу 2015 и 2017 година, а објавено во 2018. Во ова истражување за „одливот на мозоци“ опфатени се дури 152 земји, а освен земјите зафатени и уништени со војна, најлошите резултатите се токму на Балканот, каде што Македонија високо котира. Имено, во моментот кога е истражувањето правено, речиси една третина, односно 30 проценти од севкупната популација изразила желба да се пресели од државата без волја за враќање. Повеќе од половина од младите испитаници (52 проценти) се изјасниле дека иднината ја гледаат надвор од земјата, а дури 39 проценти од високообразованите рекле дека ќе ја напуштат земјата.
За какви резултати станува збор, можеби најдобра илустрација е дека во една Сирија, на пример, наспроти нашите 30 проценти, 44 проценти рекле дека ќе ја напуштат земјата. Во опкружувањето, во Србија се изјасниле 25 проценти од популацијата дека имаат намера да се иселат, од високообразованите 27, а од младите 46 проценти. Косово е меѓу водечките во светот со 42 проценти од вкупната популација, но со 48 проценти од младите и 43 проценти од високобразованите.
Во мојата зграда (а станува збор за зграда од педесетина станови) речиси нема семејство што нема член што живее надвор од државата. И главно станува збор за високообразовани кадри
Фактот дека само во Словенија отишле 800 млади да студираат е општествен пораз, и тоа на неколку нивоа. Првин, станува збор за пораз на севкупниот образовен систем, кој очигледно не им го нуди очекуваниот квалитет на нашите идни академски граѓани. Натаму, пораз е на севкупниот стопански систем, кој на младите, не само што не им нуди соодветни услови, туку не им нуди ни каква било сигурност, и на крајот, пораз е тоа на севкупната државна политика, односно на отсуството на каква било стратегија за вложување во условите и квалитетот на студирањето.
Се прашувам дали во некој момент, министерот Шаќири се прашал зошто во Скопје не се запишуваат словенечки студенти. На крајот на краиштата, според билатералните договори, и тие ги имаат истите услови тука, како и нашите таму?
Личните примери можеби не се најдобра илустрација за еден текст, ама искуството секако е. Најмладиот член на моето потесно семејство веќе десетина години живее и работи надвор од земјата. Членовите на моето семејство што се надвор и без изразена намера да се враќаат на „родната грутка“ не можам ниту да ги добројам. Во мојата зграда (а станува збор за зграда од педесетина станови) речиси нема семејство што нема член што живее надвор од државата. И главно станува збор за високообразовани кадри.
Не треба човек да биде министер за да сфати дека прилично тешко ќе ги натера овие претежно млади луѓе да ги пренесат своите искуства во својата земја. Освен, можеби, ако не е Јетон Шаќири.