Одмазда на бившите повторувачи

Владата го повлече предлог-законот за учебници. Здружението што се нарекува „Учебници и настава мора да има“ прогласи победа и ја повлече иницијативата за распишување референдум за најавените дигитални учебници. Министерството за образование и наука изјави дека не се повлекува од реформите и дека учениците од прво и четврто одделение ќе имаат настава според новите програми, а за учениците од четврто одделение, наставните материјали ќе бидат обезбедени и во дигитална форма. Повлекувањето е наводно за да им се овозможи на оние што не успеале да ги дадат своите забелешки, тоа да го направат во дополнителната јавна расправа што треба да следи. Особено од експертската јавност, како што велат во Министерството за образование.

Така отприлика некако изгледа материјализирањето на поговорката „И волкот сит, и овците на број“. Иако останува прашањето дали досега не се знаеше дека „експертската јавност“ не стасала да ги приложи своите мислења и зошто е одбран тајмингот точно пред почетокот на учебната година да се повлече предлог-законот?

Во ред, навикнавме пред почетокот на секоја учебна година да се отвораат некакви прашања. Некогаш се тоа уписните политики, некогаш се најавените штрајкови на просветните работници, некогаш условите во училиштата, а некогаш, богами, и квалитетот, но и недостигот од (печатени) учебници од одредени школски предмети. Новината е во тоа што ова е првпат јавноста да се возбуди околу формата, а не содржината. Односно дали учебниците ќе бидат во дигитална или во печатена форма.

Она што со сигурност можеме да го констатираме е дека оваа состојба не ја диктира јавноста, па дури ни „експертската“ јавност, туку бившите повторувачи

Само за потсетување, образовниот систем, ваков како што го знаеме, е воспоставен пред околу четири века, кога Јан Амос Коменски ќе го заокружи својот дидактички одделенско-предметно-часовен модел („Didactica Magna“, 1632). Треба ли да кажеме дека на Коменски, освен учителите, единствен медиум што му стоел на располагање била – книгата! На Коменски му се припишува и авторството на првиот „модерен“ учебник, онаков каков што денес го знаеме.

Тоа е „Janua linguarum reserata“ (Отворената порта на јазиците, 1631). Станува збор за своевиден речник, каде што секој збор е претставен и со слика. Уште „поучебникарски“ изгледа неговата книга „Orbis Sensualium Pictus“ (Видливиот свет во слики, 1658), каде што, како илустрации, се поместени дури 302 дрворези. Векови потоа, системот на Коменски, а богами и неговите учебници се пример за остатокот од образовниот свет. Сѐ до почетокот на минатиот век, кога поради низа нови околности, овој систем трпи жестоки критики, па во САД се појавуваат таканаречената Проект метода (Џон Дјуи), а потоа и Далтон план и Винетка план. Во Европа тоа се проектите на Марија Монтесори, Рудолф Штајнер, Петер Петерсен итн.

Се разбира, моделот на Коменски доживува сериозни критики и во векот што го живееме. Тие првенствено се однесуваат на новото медиумско опкружување и начинот на кој знаењето се пренесува. Во таа смисла, според современите педагошки теории, учебниците, онакви какви што ги знаеме, не се „најважната алка во образовниот систем“, туку се – помошно средство! Професорите, наставниците и учителите не се должни да го следат учебникот, туку да ги постигнат целите од наставната програма и од наставните единици. Дали учителот ќе процени дека тие цели може да ги постигне преку некоја радиоемисија, на пример, преку филм, преку некоја друга книга, преку некој новински текст или преку лекцијата во учебникот – тоа веќе зависи од неговата креативност во професијата.

Во Македонија, ете, и четири века подоцна се применува системот на Коменски. Наставниците и учителите уште го почнуваат часот со прашањето: „До која лекција стасавме?“ Децата добиваат оценки речиси исклучиво по заслуга на нивната способност на меморирање на зборовите што се напишани во учебникот, а не според разбирањето на работите. А, учебниците, ако сакаме да бидеме искрени, не се дури ни на нивото на оние на Коменски (авторот на овие редови своевремено имаше можност да види фототипски копии од нив).

Дигитализацијата на учебниците, без оглед на нашата скепса околу начинот на нивната изведба, пружаше можност за интерактивност. Не само за користење пишувани, видео и аудиоматеријали, туку своевидна метатекстуалност што ќе му овозможи на детето да научи да ги анализира, ама и да ги синтетизира работите и да донесува сопствени заклучоци.

Да не се лажеме, учебниците, самите по себе, се здодевни, неатрактивни и не му нудат ништо интересно на денешниот ученик. На глобалната мрежа сѐ е поинтересно и поатрактивно

Јас би ја разбрал грижата за оштетување на видот кај децата што често се споменува како аргумент против дигитализацијата на учебниците, ама само ако децата немаат никаков пристап до новите медиуми. Од друга страна, кога своевремено како новинар бев задолжен за образовните теми во тогашна „Нова Македонија“, една од главните теми беа претешките чанти и нивното влијание врз искривувањето на ‘рбетите на учениците. И, онолку колку што се сеќавам, имаше многу сериозни медицински анализи за овој проблем, прилично посериозни од, на пример, колку гледањето телевизија го оштетува видот.

Да не се лажеме, учебниците, самите по себе, се здодевни, неатрактивни и не му нудат ништо интересно на денешниот ученик. На глобалната мрежа сѐ е поинтересно и поатрактивно.

Од каде тогаш таков отпор кон дигитализацијата на учебниците? И зошто е повлечен предлог-законот? Лично не верувам дека влијанието на она чудно здружение „Учебници и настава мора да има“ може да се третира како некаков „глас на јавноста“ или дека „експертската јавност“ досега не се произнела за законските одредби. На крајот на краиштата, не знам ни какви промени носи овој предлог-закон. Ама отприлика знам по нешто од она како сега стојат работите.

Јавна тајна е дека бесплатните учебници и тоа како се платени од џебот на граѓаните, односно од државниот буџет, дека секоја година тука се „вртат“ милиони и милиони евра, дека издавачите кои своевремено добиле авторски права врз учебниците сега се во буквално привилегирана позиција, дека и во самото Министерство постои отпор кон промени, дека ваквото статус кво од многу причини им одговара на многумина…

Според сегашните законски решенија, за секој наставен предмет може да има само еден учебник. Тој учебник може да го печати само издавачот што веќе ги обезбедил авторските права. Договорот за печатење се обновува секоја година, а цената од учебник варира со секој договор. Значи, не постои тендер во класична смисла на зборот, туку издавачите ги диктираат условите. Ако некој учебник се повлече поради грешки, недоследности, дури и непримерни содржини, како што тоа е често случај, тогаш Министерството го плаќа и следниот тираж.

Не мора овде да докажуваме колку поевтино би било учебниците да се дигитализираат и колку поефикасни би биле неминовните промени што ќе се прават во нив, ниту дека тоа значи и разбивање на издавачките монополи, односно пристап на сите ученици до повеќе учебници (извори).

Она што со сигурност можеме да го констатираме е дека оваа состојба не ја диктира јавноста, па дури ни „експертската“ јавност, туку бившите повторувачи. Слатка мала одмазда што нѐ чини премногу пари.