Оптимизмот е најтешката дисциплина

Колумна на Ирена Цветковиќ

Празничната атмосфера низ државата е главно одбележана со скромни украси, речиси тажно изгубени во сивилото, неподнослив метеж и хаотично паркирани автомобили, загаден воздух и предупредувања за зголемени кризи. Една новинарка на Фејсбук, споделувајќи слики од предновогодишниот амбиент во главниот град, ќе напише: Атмосферата е ко за скоро да ќе го буткаме Чаушеску. Оваа прилично сликовита констатација ме натера да се прашам каква е врската меѓу атмосферата и политичкото?

Во периоди кога си ја честитаме Нова година, посакувајќи си да ни биде подобра од претходната, важно е да се прашаме дали веруваме во овие наши искази за иднината или ги повторуваме затоа што „така е редот“. Дека немаме сила за оптимизам, јасно ни укажуваат резултатите од анкетата на Интернационалниот републикански институт (ИРИ), чиј клучен заклучок е дека македонските граѓани, ниту се задоволни од тоа како живеат, ниту очекуваат дека тоа ќе се промени на подобро во иднина.

Голем дел од медиумите ја споделија оваа анкета преку сензационалистички наслови, ставајќи фокус само на еден, и тоа можеби на најнезначајниот од резултатите – дека Груевски е политичарот со најголема доверба. Сепак, она што пропуштија да го кажат е суштината на оваа анкета, а тоа е дека безнадежноста и недовербата во ниедна институција или политичар е клучна политичка карактеристика на нашиот народ. Над половина од испитаниците сметаат дека квалитетот на нивниот живот се влошува.

Довербата во различните институции е застрашувачки ниска, а особено е поразителен резултатот дека банките се институција со најголема доверба (13%), а јавното обвинителство со најмала (3%). Дополнително, речиси подеднакво е ниска перцепцијата за работењето во согласност со законите, и за власта (3%), и за опозицијата (5%). Оваа разочарувачка сегашност и песимистичките прогнози покажуваат стабилност низ последната декада.

Во својата книга посветена на културниот песимизам, Бенет го дефинира како „уверување дека културата на една нација, цивилизација или човештво е втурната во неповратен процес на опаѓање. Проблемот е поголем од Македонија. Истражувањата од сличен тип покажуваат слична состојба и во земјите-членки на Европската Унија. Се чини дека песимизмот преовладува и во ЕУ, односно речиси половина од сите Европејци (49%) мислат дека работите одат во погрешна насока во нивната земја и мнозинството (54%) се убедени дека животот на денешните деца ќе биде потежок во иднина од оној на денешните возрасни.

Она што се покажува од истражувањата на ИРИ и од другите е дека општествениот оптимизам и песимизам се во корелација со степенот на животно задоволство или среќа, со нивото на доверба во институциите и задоволството од демократијата. Силната врска меѓу личното и општественото незадоволство укажува на фактот дека песимизмот е тесно поврзан со незадоволството од воспоставените институции.

Со право можеме да претпоставиме дека начинот на кој луѓето ја замислуваат својата иднина има релевантни лични и општествени последици. Општествениот песимизам како емоционален амбиент не е инициран просто од едно колективно незадоволство, како што најчесто се интерпретира во јавните дебати. Општествениот песимизам е распространето колективно расположение поврзано со комплексен збир на фактори (демографски, економски, општествени, политички и културни).

Сепак, прилично е банална апсолутната позиција дека оптимизмот е добар, а песимизмот е лош. Тезата што ја застапувам јас е поинаква од класичното неолиберално капитализирање од „нужноста од среќа“, создавањето индустрии за среќа или од современата политичка продукција на лажен оптимизам. Сосема спротивно, тврдам дека оптимизмот бара овозможување средина и услови за промислување на најдобрата можна заедничка иднина во рамки што уверуваат дека таков исход е можен доколку му се посветиме.

За да стигнеме до овие услови, најпрво мора да се ослободиме од понудата и од побарувачката на „шарени лаги“ како оние дека – влезот во ЕУ е сребрен куршум за сите проблеми,  „парализирачки опивки“ како оние дека – тоа е глобална игра во која ништо не зависи од самите нас и „демобилизирачко себеомаловажување“ како оние дека – другите се супер, само нас не нѐ бива.

Оптимизмот е најтешката дисциплина затоа што бара активен влог од секој субјект во дадено општество, зависи од степенот на храброст и подготвеност за експериментирање и ризик, како и доволно свесност дека неуспехот и падовите се дел од процесот на замислување и остварување на визијата. Со други зборови, време е да си признаеме дека досегашните стратегии едноставно не функционираат, да се договориме дека подобро општество е возможно и да почнеме да ризикуваме и да експериментираме со посвежи и похрабри иницијативи.

Во овој робусен „проект“ нема простор за партиски митинзи, префрлување одговорност меѓу различните фракции на естаблишментот и традиционалното заземање на позицијата на „ненадлежност“ за дадените прашања. Успехот нема да се мери во добиени гласови и освоени мандати, туку ќе се чита во мали, но континуирани поместувања кон посакуваната визија.   Конечно, свртеноста кон иднината наместо постојаното носталгично идеализирање на „старите добри времиња“ и „изгубените вредности“ е нужен предуслов за почнување на оваа маратонска трка.

Носталгијата е важна и силна политичка алатка. Политичките претприемачи и од левицата и од десницата се вешти во користењето „носталгични реторики“ преку кои визиите за иднината се сведуваат на враќање на минатото. Психолошките истражувања покажуваат дека чувствата на носталгија често се поттикнати од негативни расположенија, анксиозност или од несигурност.

Вртењето кон носталгијата не е зачудувачко затоа што таа дозволува повлекување во една состојба на ред, состојба во која животот е попредвидлив. Сепак, нејзината примарна цел да служи како внатрешен стабилизирачки механизам има опасни општествени и политички последици, кои се исчитуваат, не само во песимизмот, туку и во апатијата, очајот и во безнадежноста. Песимизмот во себе носи потенцијал за иновации, но апатијата, очајот и безнадежноста се ништо повеќе од тивка смрт. Токму затоа, на крајот на тековната година си посакувам себеси и на сите други повеќе сила за замислување на „новите добри времиња“.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија