Анализи

Правосудството во 2022 – oд лошо, полошо

И годинава македонската правда мораше се правда

Да беше македонското судство фирма на која целосно ѝ веруваат само 4 отсто од коминтентите, би пропаднала за две недели. Но, судовите и обвинителствата не се фирма, иако оставаат впечаток дека се во некаков трговски однос со политиката.

2022 беше година на спогодби, задоцнета правда и на разочарувања.

Пресудни беа неколку правосудни епизоди, меѓу кои двете укинати пресуди за Сашо Мијалков, затворскиот туризам, мистериозната судска-бизнис елита, збунувачкиот избор за шеф на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, суспензијата на Вилма Русковска, американскиот тим за ловење корумпирани политичари, полагањето правосуден испит со министерски „изим“ без доволно кредити…

Правосудната елита од фудбалската ложа

Никола Тупанчески на седница на Владата | Фото: Влада на РСМ

Годинава не порасна довербата на граѓаните во правосудството, ама во март видовме дека дел од правосудната елита страсно сака да навива кога се игра македонски фудбал. И тоа во ВИП ложа и да лета со „гага“ авиобилети.

Со денови, јавноста се занимаваше со оваа правосудно-фудбалска „eкскурзија“, во која главните ликови беа тукушто избраниот министер за правда, Никола Тупанчески, кавадаречкиот судија Лазар Нанев и обвинителката Фатиме Фетаи.

Гледавме неколкунеделни продолженија на приказната во „дефанзива“ со уплатници и оправдувања, а прочитавме и „родољубиво“ обраќање како образложение. Така, судијата Нанев им порача на македонските граѓани дека „патриотизмот кон сопствената нација, Македонија и кон спортските успеси немаат граница, ниту километри“.

А прашањето беше на чиј трошок летале за Италија. На сопствен, или на сметка на Фудбалската репрезентација, што пак, го отвора прашањето за интегритетот и непоткупливоста.

Славица Грковска | Фото: Влада на РСМ

Вицепремиерката Славица Грковска го опомена Тупанчески дека го прекршил етичкиот кодекс, а советодавното тело за етика на судиите, на барање на Нанев, донесе мислење за неговото патување, според кое, Етичкиот кодекс може да биде повреден само ако гледањето спортски натпревари „во поповолни услови во однос на останатите граѓани“ „е поврзано со судската функција“.

Скандалот заврши во духот на познатата „секое чудо за три дена“, матно, со две или повеќе вистини и „жртви на лошите медиуми“ на сите страни.

Тоа, всушност, беше претпремиера на теленовелата „осум проценти доверба во правосудството“, за која говореше на почетокот на годинава, поранешната американска амбасадорка Кејт Брнз.

„Враќањето на довербата на јавноста може да се постигне само ако сите судии прават повеќе од она што се очекува од нив кога ја дале заклетвата“, рече Брнз.

На крајот на годинава, стигнаа нови резултати –  само 4 проценти целосна доверба во судството и само 3 отсто целосна доверба во обвинителството.

Виновен сум, колку треба да платам?

Јордан и Ратка Камчеви на судењето за предметот „Плацови на Водно“ | Фото: БИРН

Спогодби и укинати пресуди. 2022 година во правосудството помина во ваков дух.

Предвесник на серијата спогодувања беше ланската гаранција за Сашо Мијалков да излезе од притвор. Во декември 2021 година, тројца судии му ја прифатија гаранцијата од 11 милиони евра за да излезе од притвор, за по неколку месеци да одекне веста дека нема да гледаме судење, ниту за него, ниту за Јордан Камчев и за уште двајца обвинети во „Империја“.

Причината е едноставна – тие се спогодија со Обвинителството.

Така, Камчев стана сведок – соработник на правдата, или фокалната точка со чија помош почна да се разѕидува империјата.

А според зборовите на обвинителката Вилма Русковска во интервју кај српскиот новинар Миломир Мариќ, спогодбата се склучувала безмалку во пријателски дух.

За Мијалков, пак, кој со години го биеше глас дека е еден од „малцинските“ домашни богаташи, Обвинителството не најде дека перел пари, туку дека само незаконски се збогатил, а тоа не им го пријавил на антикорупционерите.

Тој си плати шест милиони евра, уште 30 милиони евра обезбеди имот и доби три години затвор.

Но, судот, по негова молба, му ја одложи казната за две недели. Остана нејасно дали одлагањето е за ексшефот на УБК да го прослави роденденот на првата внука во „Мериот“, бидејќи прославата за која пишуваа медиумите беше на неколку дена пред да влезе во затвор.

На крајот на годината, обвинителката Вилма Русковска во интервју отворено призна дека Мијалков буквално се пазарел со Обвинителството за да не оди во притвор, туку во куќен пртивор, кога лани „самиот се појави во Македонија“.

А годинава, „ѕвечкаа“ и други спогодби. Владимир Тодоровиќ и сопругата се спогодија да добијат условна казна за лажното сведочење во „Талир“, како и уште двајца во „Империја“.

За некои, пак, како мајката на Јордан Камчев, Ратка, делото во предметот „Плацови на Водно“ застаре во текот на судењето.

Затворски туризам

„Империја“ се „разѕидува“ по 20 години | Фото: БИРН

Ако се гледаат „успесите“ на правната држава, ловориките годинава одат на име на Обвинителството зашто вратило 36 милиони евра во имот и пари во предметот „Империја“. Но, ако ѝ се погледне во очи на правдата, ќе видите нешто сосема друго.

Случајот што годинава ги испорача првите пресуди не е доказ дека функционира правната држава, туку токму за спротивното – за немоќта на правосудството и за килавата правда.

На Обвинителството му требаа цели 20 години да дојде до пресуда за „империјата“, која почнала да се ѕида во 2002 година. Тоа беше причина што за еден од осомничените застаре делото.

Притоа, опфатот на „Империја“ е за периодот само до 2015 година, а не и за годините подоцна. 

Годинава што измина, Камчев двапати беше осуден. Еднаш за „Плацови на Водно“, еднаш за „Империја“. Одлежа вкупно четири месеци за двете пресуди и од ноември е слободен човек.

Во првиот предмет тврдеше дека не е виновен, ама кога доби една година затвор, не се жалеше на пресудата пред Апелација.

Иако впечатокот на јавноста беше како државата да ги праќа на одмор, бидејќи нему како и на Мијалков издржувањето на казните им беше покрај езеро, во отвореното одделение на струшкиот затвор, откако претходно МВР им го смени жителството. Тие си изнајмија станови, а Мијалков побара и доби нова лична карта за десетина дена.

Во тој затвор „безбедноста и условите за издржување на казната се попривилегирачки или подобри во однос на другите казнено поправни установи“, резигнирано и пост фестум констатира министерот за правда, со заклучок дека треба да се промени Законот за извршување санкции за да се оневозможи „затворскиот туризам“.

Ни Вилма шефица, ни Јовески – судија

Многу врева за дисциплинската на Русковска и неколкумесечен молк | Фото: БИРН

Меѓу топ-настаните што несомнено влијаат врз степенот на довербата во правосудството беше молскавичниот потег на државниот обвинител Љубомир Јовески да ја суспендира Вилма Русковска. Направила, како што беше соопштено, тешка дисциплинска повреда зашто со претрес побарала документи во Финансиската полиција.

Тројца колеги на Русковска ѝ направија надзор, кој го образложија на нецела страничка. Тоа беше доволно за нејзиниот шеф да пресече дека таа се „преиграла“ со процедурите и го лажела судот.

Остана енигма на што се должи оваа недоверба кон Русковска, особено ако се знае дека самиот Јовески долго ѝ верувал бидејќи во изминатите пет години не спровел ниту еден надзор врз нејзината работа, иако такви надзори треба да прави редовно, двапати годишно.

На крајот, во оваа приказна со многу влезови, ексдиректорот на Финансиската полиција засега излезе победник, Русковска поразена, а предистрагата „е во тек“.

Но, правдата и за Русковска е одложена. Колку што беше брза реакцијата на Јовески, толку долго е одложувањето на утвдувањето на нејзината одговорност. Цели четири месеци од експресно-поведената дисциплинска постапка, комисијата само неколку дена пред Нова година одлучи дека има основа за одговорнсот, па догодина ќе закажуваат сослушување на Русковска и двете „кабает-обвинителки“.

Впрочем зошто и да се брза, ако се знае дека дисциплинската за тројцата обвинители од 27 април уште не завршила во Советот на јавните обвинители, па наскоро ќе прави шест години.

Во меѓувреме, во парламентот течеа навидум жестоки, но во основа неподносливо стерилни дискусии за изборот на уставни судии, меѓу чии предлози беше и самиот Љубомир Јовески.

Тој, в година, втора година ќе чека ред за дискусија. На седницата пред пратениците рече дека самиот не се кандидирал за уставен судија за да се повлекува.

А од собраниската говорница му се забележуваше дека не отвора случаи за власта или дека некои предистраги, како онааа за фиксните телефони во Обвинителството непримерно долго е отворена, а за неа нема одлука четири години по отворањето.

Но, опозицијата, случајно или не, не се досети да праша што се случи со 171 предмет што во 2019 ги доби од СЈО. Ако се изземат дваесетината обвиненија за кои се водат судења, нема информација до каде се останатите стотина случаи.

Неискренитe изјави на Абази

На првиот прес на Абази новинарите главно прашуваа за врски со ДУИ | Фото: БИРН

Годинава, 160 обвинители за првпат беа гласачи, па на непосредни избори со 66 гласа одлучија шеф на најмоќното Обвинителство во државата да биде вишиот гостиварски обвинител Ислам Абази.

За конекциите на Абази со ДУИ, новинарите знаеја уште пред да се случи изборот, па природно, кога дојдоа на неговата прва прес-конференција, најголемиот дел од прашањата беа токму за врските со челните луѓе на ДУИ, а речиси и да немаше прашања за неговиот професионален ангажман.

Неколку часа по пресот, медиумите ископаа и објавија фотографии на кои се гледа дека тој многу сака да се дружи со функционери од ДУИ, и, како што самиот рече, „од формално правен аспект“ нема никаков проблем.

Проблем во изборот не виде ниту премиерот Димитар Ковачевски и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, сѐ додека не дојдоа остри тонови од новоименуваната американска амбасадорка Ангела Агелер, која изборот на Абази го оцени како збунувачки.

Поостри тонови од американската администрација имаше само во времето додека траеја пржинските преговори.

Бурим Рустеми | Фото: БИРН

А потоа од ноември фатија да се повлекуваат кандидатите за шеф на Скопското вишо јавно обвинителство, за на самиот крај да биде избран Мустафа Хајрулахи, кого „лошите медиуми“ го поврзуваа со функционери на ДУИ.

Годинава, Советот на јавните обвинители трипати ја одлагаше седницата за избор на четворица нови обвинители во Обвинителството за гонење организиран криминал, за на крај да не избере ниеден. На ова му претходеа консултации зад затворени врати.

За да биде иронијата поголема, државниот обвинител гласаше против едната обвинителка да гони организиран криминал и корупција, а потоа самиот со негов потпис ја упати во тоа Обвинителство.

Уште една црна дамка за политичко влијание во изборот на раководни функции во правосудството фрли срамната седница за избор на директор на Академијата за судии и јавни обвинители.

Академија за судии и јавни обвинители | Фото: БИРН

Членовите на Управниот одбор од стариот состав направија сѐ само да не изберат директор, оставајќи впечаток дека всушност на огласот не се јавиле тие што некои од самите членови сакале да се јават. Оправдувањето беше смешно. Имено, според членот на Управниот одбор, обвинителот Сашо Рајчев, заинтересираните можеби не го виделе огласот затоа што било лето, а обвинителите немале пракса често да отвораат весници.

На крај постапката ја повторија нови членови на Управниот одбор, па се избра кандидатката што се јави и на претходниот конкурс.

Не помина многу од тој, изби друг скандал.

Никој не знае што точно сакаше да каже поранешната претседателка на Судскиот совет, Павлина Црвенковска, кога се повлече од функцијата.

Павлина Црвенковска | Фото: Судски совет на РСМ

Какви се тие судско-бизнис елити што биле против реформите во судството? Ако ги знаела досега, дали и каде ги пријавила? И кога ја прашаа јавно на седница на што точно мислела, одговорот беше неодреден.

Црвенковска не се повлече сосема од членството во Судскиот совет, туку само од позицијата и им остана должна и на колегите, но многу повеќе на јавноста да каже на што точно мисли и како ќе ја сузбива судско-бизнис елитата.

Дали можеби ќе зборува за, како што се шпекулира, двете крила во Судски, кои доаѓаат од моќен поранешен и актуелен центар на моќ од владејачката партија?

Новата претседателка на Судски, пак, Весна Дамева, дојде со партиски багаж поради фотографија со Зоран Заев и идентично како и Абази тврдеше дека сликата не е доказ за политичка афилијација.

Среќниот Мијалков

2022 завршува со одлуката на Апелација за враќање на предметот за прислушувањето од почеток  | Фото: БИРН

Најсилен белег на годината несомнено се двете укинати пресуди за Мијалков, за случаите „Трезор“ и „Таргет-Тврдина“. Паднаа во вода 20-те години затворски казни за поранешниот шеф на тајната полиција. Петтемина судии напишаа дека нивните колеги од Кривичниот суд за Мијалков и другите обвинети, и во двата предмета сториле „суштествени повреди на постапката“.

За да утврдат дека има таква повреда им требаа 13 месеци во „Таргет-Тврдина“

Тоа значи дека уште долго нема да се знае кој е виновен за прислушувањето, а Мијалков извесно е дека ќе се спаси од затвор, бидејќи делото во „Таргет-Тврдина“ му застарува во 2025, а во предметот „Титаник 2“ делото му застарува на почетокот од 2023.

Нејасно е само колку ќе нѐ чинат адвокатите што го бранеле. А беа неколкумина.

Бавна е правдата и во предметот „Тендери“, во кој е обвинета ексминистерката Елизабета Канческа-Милевска. Таму годинава беше штама. Во февруари ќе наполни пет години како се суди во прв степен.

Случајот, како и предметот „Тотал“ петпати почнуваше од почеток, а судот речиси осум месеци чека супервештачење и јавно нема информација дали определил рок до кога вештачењето треба да биде завршено и дали вештаците се казнети за ненавремено извршување на наредбата.

Во уште еден важен предмет се чекаат вештаците точно една година – случајот со несреќата со автобусот за несреќата кај Ласкарци.

Тоа се само некои од предметите закопани во „неподносливата тишина на одложувањето“.

Накриво скроена тога

Спорните полагања на правосуден испит фрлија дамка врз изборот на судии и обвинители | Фото: БИРН

Како што почна годината, така и завршува – со критички тонови на вицепремиерката Грковска, задолжена за политики за добро владеење. Таа отворено рече дека не е задоволна од работата на Јовески и е против да биде избран за уставен судија.

Седница на новиот УО на АСЈО | Фото: БИРН

Ако ова не е премолчено владино тргање на Јовески од листата на чекање за уставен судија, тогаш Грковска може на владина седница да предложи иницијатива за негово разрешување, бидејќи тој нема намера да се повлече.

Во меѓувреме, ако треба да се избере настан што системски покажува од што боледува македонското правосудство, тогаш тоа сигурно е случајот што го отвори Антикорупциската комисија, кога објави дека 449 кандидати предвремено полагале правосуден испит, со потпис на тогашниот министер за правда, Аднан Јашари.

Меѓу нив е синот на претседателот на парламентот, Талат Џафери, Барлет, кој ќе биде иден јавен обвинител.

Од ДКСК кренаа раце – рекоа дека толку можеле. Министерот ги поништил документите од кои може да се утврди како се полагал правосуден испит без доволно кредити, па не можат понатаму да постапуваат.

Скопското обвинителство „го следело случајот“. Веројатно на телевизија.

За кратко, некои од овие ликови ќе облечат судиска тога.

И така веројатно ќе заврши и оваа афера – во духот секое чудо за три дена, матно, со две или повеќе вистини и стопени проценти на доверба, кои се на ниво на статистичка грешка.