Како што битката против криминалот почна да фаќа замав, така експресно се активираа дојави за бомби во учлиштата. Ништо не е случајно. Не памтам друг период во кој толку фреквентно стигнувале соопштенија за разни постапки на полицијата и обвинителството. Штом институционалната „мечка“ заигра пред многу врати, расте паниката во криминалните мочуришта.
Веројатно, ништо друго не му останува на подземјето во такви околности, освен да се потруди да ѝ предзивика што поголема дистракција на полицијата, да ѝ отвори работа да трча од едно училиште во друго. Додека полицијата ја проверува сериозноста од заканите, кои се множат како печурки по дожд (над 240), криминалците си купуваат време да се реорганизираат согласно новите околности, да се оддалечат или прикријат во мракот на создаденото „едно подземје за сите.“
Особено се трудат да создадат атмосфера на несигурност во општеството, за да може нивните екстензии во партиските бази потоа да критикуваат дека „ништо не е добро во државата“, а баби, тетки и стрини да се жалат во контактни емисии како со страв ги испраќаат и дочекуваат децата од училиште.
Продолжена агонија
Демонтажата на криминалот не е лесна работа. Особено кога метастази се проширени во институциите, па голем дел енергија во старт се троши да не бидат пробиени акциите. А кога такви кадри одметнати од законот ќе бидат откриени и санкционирани, експресно се активира хорот со песната „се бркаат професионалци, се прави партизација.“
Тие прикаски не поминуваат. Како што не поминува ни прикаската дека сегашниот состав на Судскиот совет ќе направел сè за да ја врати довербата. Тоа е исто како некој со две скршени нозе да ветува дека ќе истрча маратон.
На Судскиот совет му се скршени и двете нозе, а најмногу главата. Ова тело одамна не може да испорача ништо друго, освен продолжена агонија. Павлина Црвенковска, во 2022 година даде оставка од функцијата претседател, обвинувајќи за „хајка против неа од судско-бизнис елитата“.
Ама си остана членка на Советот. Ни таа, ниту Судскиот совет ни збор не кажаа која е таа судско-бизнис елита, што значи дека само ги заметоа проблемите под тепихот.
Низ филтерот претходно им помина и еден Наќе Георгиев, кого го избраа за врховен судија и го креваа во професионални височини, за лани на итна седница да му констатираат престанок на функцијата откако беше осуден на казна затвор од три години поради примање мито.
Со месеци тактизираа со постапката против апелацискиот судија Енвер Беџети, за кој беше утврдено дека 9 месеци го чувал во фиока и не го ставал на одлучување предметот против Мијалков, Таргет -Тврдина.
Зошто? За да не му попречат на корумпираниот да се кандидира и за врховен судија. Истиот Беџети, откако не доби поддршка од Советот за таа функција, практично го урна конкурсот, бидејќи членовите Албанци во Судскиот совет потоа не гласаа за кандидатите Македонци.
А кога претседателката на Советот, Весна Дамева, се обиде да го стави постапувањето на Беџети на дневен ред – ѝ приредија пуч. Ја разрешија незаконски. Јавноста гласно бараше оставки од сите членови, ама не ги доби. Дамева доби на Управен суд и се врати на претседателското столче.
Беџети дојде на дневен ред подоцна и си помина само со казна намалување на 20 проценти од платата за период од шест месеци. Од Судскиот совет толку. Единствената сатисфакција дојде од другата страна на океанот – Беџети беше ставен на црната листа на САД.
Без текнувало
Судскиот совет и не разбра каква шлаканица е тоа за ова тело. Затоа и натаму лефтерно зборуваат само за формата, а не за суштината на проблемите. Откако почнаа да се спомнуваат иницијативи за разрешување на членови на ова тело, новиот претседател на Советот, Александар Камбовски, цел месец повторува една иста реченица – дека нивно разрешување е предвидено единствено во Законот за Судскиот совет.
Само кога им се во прашање функциите, тогаш најцврсто се приврзани кон законот. За сè друго, речникот им е прилично флегматичен – „па видете, ова може да се толкува и така и вака“, „ќе видиме“, „да не избрзуваме, да причекаме.“
Добро, законот им е закрила за функциите, но што решава тоа? Ако членовите на Судскиот совет драматично ја изгубија довербата во јавноста, брукајќи се постојано во заплети какви што нема ни во шпанските сапунци, тогаш на кого му служи ова тело, освен на нивните суети?
Ако навистина имаа интегритет и професионален морал, како што самите за себе велат, не требаше ни да дочекаат да биде поднесена интерпелација за оние членови што се избрани од Собранието, на предлог на претседателот.
По сите пропусти, скандали и грешки, единственото нешто што треба да го направат е сите да поднесат оставка. И тоа сигурно ќе им биде најсветлата точка во кариерата.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија