Се согласувам со Мицкоски дека вчерашниот петок е најцрниот во демократијата на современа, независна Македонија. Да исклучиш седум пратеници од партијата, само затоа што кренале рака да се отвори расправа за уставните амандмани, навистина е најцрн ден за демократијата.
Таква глупост еднаш направи СДСМ, кога го исклучи Нано Ружин од членство, затоа што прифатил да биде амбасадор во НАТО во мандат на влада на ВМРО-ДПМНЕ. Небаре тој во НАТО ќе ја претставува партијата, а не државата. Ако тоа беше пред речиси пред две децении, кога партиите уште ги учеа лекциите по демократија, скандалозно е тоа да се случува денес, на натпартиската тема, и за врвен државен стратегиски приоритет.
А што е парламентот, ако не место каде што народните избраници треба да дебатираат? Овие „отпишаните“ не гласаa за усвојување на уставни амандмани, туку за потребата да се расправа за нив. Зошто би била спорна таква демократска дебата во парламентот?
Наместо Мицкоски нивните гласови да ги капитализира како легитимација за очекуваниот демократскиот курс во партијата, тој пукаше во партијата. Со тоа, вчерашниот 19-ти октомври стана ден од кој неповратно започнува процесот на исклучување, но не на седумте пратеници, туку, пред се, на Мицкоски. Почеток на неговиот крај.
А само пред три дена Мицкоски во долго писмо му објаснуваше на Мичел дека ако има притисоци врз пратениците, тие не треба да се бараат во неговата партија, туку на друго место. Дека тој не прифаќал таков начин на делување и истиот го осудувал. Сега точно се виде каков бил начинот на делување што тој го прифаќа: кој ќе гласа макар и да се отвори дебата за уставни амандмани, ќе лета од партијата!
Вчерашниот 19-ти октомври стана ден од кој неповратно започнува процесот на исклучување, но не на седумте пратеници, туку, пред се, на Мицкоски. Почеток на неговиот крај
И се виде дека не е најтемно пред зората, како што тој ни повторува, туку најтемно било токму во времето кога го свикал Извршниот Комитет на вонредна седница, за „на негов предлог едногласно“ да бидат исклучени овие 7 пратеници. Браво! Па, да имаше „д“ од демократија во тој ИК, сите ќе си поднесеа оставки во знак на протест. Особено пратениците што се членови на ИК.
На пример, Даниела Рангелова, која самата изјави била мета на закани откако гласала на рефрендумот, пред десет дена тврдеше дека „не сака да помисли дека таквите закани се оркестрирани од некаков центар на интерес, но дека останува фактот дека партијата (ВМРО-ДПМНЕ- н.з.) не се огласила со осуда и реакција на ваквиот низок степен на примитивизам кој преовладува на социјалните мрежи“
Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, треба да им честитаат на нивните осум колеги за одговорноста и храброста што ја покажаа синоќа. И самите треба да си дадат партиски оставки, се додека не изберат навистина демократско раководство.
Особено откако нивниот лидер синоќа влезе во една, нова опасна епизода. Со исклучувањето од членство и со изјавата дека осумте пратеници „го разочарале него, ја разочарале партијата и татковината, и ќе треба со тоа да живеат!“, тој упати исклучително опасни пораки кои може да мотивираат разни видови одмазда кон овие пратеници и нивните семејства.
Резултатите стигнаа веднаш. Опозициски медиуми веќе објавуваат фотографии и наслов: „Запомнете ги овие лица: Ова се предавниците на Македонија“, со образложение дека тоа го порачуваат граѓаните на социјалните мрежи.
Медиумска одговорност е што ќе пренесеш. Имало на социјалните мрежи и тврдења дека Груевски се подготвува за бегство, па не видов таков медиумски наслов. Со ваквите јавни потерници, ИТНО мора да се занимава Обвинителството. Никој не смее да биде под закана заради право на став.
Патем, со кое право Мицкоски изразува разочарност и од името на татковината? Кога и кој го прогласил лично него за ополномоштен застапник на таковината, за единствено тој да говори во нејзино име? Па само до пред еден месец јавно прашуваше: Кој е Христијан Мицкоски да му кажува на народот што треба да прави?
Со кое право Мицкоски изразува разочарност и од името на татковината? Кога и кој го прогласил лично него за ополномоштен застапник на таковината, за единствено тој да говори во нејзино име? Па само до пред еден месец јавно прашуваше: Кој е Христијан Мицкоски да му кажува на народот што треба да прави?
И самиот повеќе пати потврди кој е Христијан Мицкоски. Ем не му кажува на народот што да прави, ем му шепнува да бојкотира, ем му толкува што да мисли, и на крајот исклучува ако не се постапува според мицковистичко-груевистичките канони. А би било добро со факти и докази, навистина да се дознае кои луѓе ја разочараа татковината: кои ја хранеа „Нова Демократија“ (партијата што не сака да постои ни „м“ од Македонија) со дезинформации на штета на перспективите на Македонија, кои лица од ВМРО-ДПМНЕ постојано доставуваат документи под ознака „државна тајни“ до грчки и други странски медиуми, и за чии интереси и цели тоа го прават?
Само за да го спасат Груевски од затвор. Не им е гајле ни за Крсто, ни за Сашо, ни Љубен, ни за никого… Споменативе се послободни од другите. Едно е да си во затворски или домашен притвор, друго е цел живот да си на таква „слобода“ во која ВМРО-ДПМНЕ со години ги држи луѓето во класичен партиски притвор.
Тоа не е дури ни „модерно ропство“. Тоа е ропство од најпримитивен вид. Држење на краток синџир. Па колку од вас, драги пратеници, ми го имате кажано тоа лично? Дали ви е барем малку непријатно кога партискиот врв на ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека власта купувала пратеници, а самите знаете кој и за што го испазирил својот молк и натамошното доброволно ропство кај вашиот партиски врв?
Бидете сигурни: општеството сигурно ќе порази груевизмот, прашање е дали вие ќе се охрабрите да извојувате таква победа и во вашиот двор. „Хидроцентралите“ на партискиот работат на вашиот страв. Вие им ги полните „батериите“.
Очекував голем дел од вас да гласаат за втората фаза од процесот, да и дадат шанса на дебатата. Затоа што тоа ви е работа, за тоа сме ве избрале и ве плаќаме, а не да броите колку пари од патарини сте земале.
За жал, и вие го аминувавте обидот референдумот да се сведе на натпревар за кој нема да одлучуваат тие што излегле на теренот и се борат „за“ или „против“, туку да одлучат тие што вашата партија ги мотивираше да останат дома. И вчера направивте уште еден срамен гест. Станавте од столчињата за да се види кои од вашите ќе останат да гласаат. И се напикавте покрај ѕидот како глувци. Тажно и срамно.
И добро е што видовме дека не се сите исти. Ќе бевме разочарани ако баш никој од ДПМНЕ не верува во демократска дебата во законодавниот дом. Денеска се само 8, утре можеби ќе бидат повеќе. Вчера се виде дека 8 е повеќе од 48. Таа математика Мицкоски допрва ќе ја учи. Предоцна за него, но не и за вас пратениците. Вие се уште имате шанса да направите чекор. Се плашите дека ќе ве исклучат? Со оглед какви „демократи“ одлучуваат во партијата би требало да ви биде врвна чест да бидете исклучени.