Вести

Со 80 гласа „за“, почнуваат уставните измени

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Целодневната драма во Собранието заврши со почеток на процедурата за уставни измени

Со 80 гласа „за“ Собранието ќе ја почне процедурата за измена на Уставот согласно Договорот од Преспа. По речиси целодневно одложување на седницата, таа се одржа околу 22 часот, а ВМРО-ДПМНЕ побара секој од присутните пратеници да се изјасни поединечно. Коалицијата што ја предводи СДСМ имаше 72 пратеници, што значи дека беа потребни гласови од најмалку 8 пратеници од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ за да се достигне двотретинско мнозинство и да се пристапи кон уставни измени.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ застана во другиот дел од собраниската сала уште пред да почне гласањето. Оние што не ги напуштија собраниските столчиња од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, гласаа за почеток на процедурата за измена на Уставот: Елизабета Канческа – Милевска, Сашо Василевски, Љубен Арнаудов, Владанка Авировиќ, Крсто Мукоски, Зеќир Рамчиловиќ, Нора Исмаиловска – Старова и Емилија Александрова.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ се повлекоа на страна пред да почне гласањето

Претходно, генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев на прес-конференција соопшти дека премиерот Зоран Заев врши насилство врз македонскиот народ со притисоци и уцени.

„Денес се случува вистинска драма. Структури на власта, и структури што одработуваат за оваа власт вршат жестоки уцени, закани и притисоци врз пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за Подобра Македонија“, рече тој, додавајќи дека на еден пратеник му биле понудени 1 милион евра, кои тој ги одбил, на друг пратеник му биле понудени 2 милиони, на трет 250.000 евра.

„Сето ова е одбиено бидејќи достоинството нема цена, се работи за нашата татковина“, рече Јанушев.

Инаку, Апелацискиот суд денеска го пушти да се брани од слобода Крсто Мукоски, последниот пратеник на ВМРО-ДПМНЕ кој беше во домашен притвор за организираниот напад на Собранието на 27 април, а тој се појави на собраниската седница и гласаше за почеток на процедурата за пристапување кон измена на Уставот. Пред неколку дена, судот ги ослободи со парична гаранција и Мукоски, Василевски и Арнаудов од ВМРО-ДПМНЕ, кои исто така беа меѓу обвинетите.

Денеска потврдената затворска казна за случајот „Тенк“ од две години за експремиерот и поранешен лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, стигна во скопскиот кривичен суд пред судија за извршување санкции и почнува да тече рокот од 2 недели кога тој треба да се јави во затворската установа што ќе му ја одреди судијата.

Владата треба да ги достави нацрт-амандманите до Собрание, по што ќе се разгледуваат на седница и ќе се усвојуваат со просто мнозинство. За конечната измена на Уставот, повторно ќе биде потребно двотретинско мнозинство.