Флеш Вести17/10/2018 14:31

Коѕијас поднесе оставка

Грчкиот шеф на дипломатијата Никос Коѕијас денеска поднел оставка по вчерашниот тензичен состанок на грчката влада, на кој Коѕијас се конфронтирал со министерот за одбрана Панос Каменос во врска со Преспанскиот договор, јави порталот на грчкиот весник „Катимерини“.

Извори за „Катимерини“ тврдат дека Коѕијас бил огорчен зашто премиерот Алексис Ципрас не го заштитил од нападите од Каменос, којшто е помал коалициски партнер во грчката Влада. 

Истите извори пренесуваат Каменос го обвинил Коѕијас за злоупотреба на тајни фондови од Министерството за надворешни работи, како и дека е човек близок до американскиот финансиер Џорџ Сорос.

Според медиумите премиерот Ципрас ја прифатил оставката и самиот го презел водството на Министерството за надворешни работи.