Можеби е вистина, можеби не, тоа само драгиот Бог го знае, но се раскажува една анегдота од времето кога митрополитот преспанско-пелагониски Петар беше и администратор австралиско-новозеландски. Тогаш често праведников ја шеташе мантијата преку океаните и беше линк на Македонецот, не само со Бога туку и со дијаспората.
Знаете како е, многу луѓе имаат ближни преку океаните, па владиката често со себе ќе понесеше и по некое писмо од ваму за таму или од таму за ваму, па и разни други пратки божји… правејќи сѐ според божјата волја и земските закони, водејќи се од чист, нерасипан патриотизам.
Едно утро, додека владиката Петар стоеше пред таблата со летови на еден австралиски ерпорт, му пријде една постара жена со искрена христијанска молба.
– Владико, патувам за Македонија, ама веќе имам седум ајфони во куферот, да помогнеш барем осмиов, на ерпортов што го купив, некако да го прокриумчарам кога ќе стасаме на татковата почва наша благородна и кога царински службеник на искушение ќе ме стави.
Владиката Петар, правдољубец и праведник, легалист и покорник на идејата да не се газат законите на една земја, се вџаши од нетрадиционалната молба на ова женско божјо чедо, на ова остарено Адамово ребро, но истовремено не можеше да остане безчувствителен пред нејзините усилби да облагороди дури осум христијански чеда со најнов ајфон, та реши сепак да ѝ помогне.
– Ќе го земам едниот ајфон и ќе го пренесам за тебе преку царина, па макар одел по површината на океаните, како што синот божји Исус одеше по Галилејското Море – ѝ одговори со неземски глас преподобниот Петар.
Тогаш ајфоните беа непознаница овде кај нас, а МПЦ главно преку Нокиа комуницираше со Бога и со верниците, та владиката Петар, срам-не срам, мораше да праша:
– А каков е овој уред, возљубено чедо божје?
– Тоа е смартфон, ваша светост.
– Смартфон!?
– Да, паметен уред.
– Аха – кимна со главата владиката и го сокри ајфонот под својата попова шапка.
Кои се овоземните судови да им судат на државокрадците, ним само Бог може да им суди. Кога ќе дојде време за тоа. А во меѓувреме, треба да уживаат во материјалните благодaти и во украдените пари, и да градат цркви во светата земја Аеродром
– Каква ли нечесна лага смисли владико, што ли ќе им кажеш на цариниците – се праша гласно жената.
– А не, драга мајчице, пресветла женице, јас не смеам да лажам, на тоа ме учи деветтата божја заповест, која вели не сведочи лажно.
Жената го гледаше со тага во очите, веќе оплакувајќи го во себе осмиот ајфон, кој ќе остане запленет од сотонската царинска управа.
Но, кога дојде попот на царинска проверка, се случи чудо. Се погоди цариник од мајка роден, па тој го праша владиката.
– Имаш ли нешто да пријавиш, владико?
– Имам, да. Под поповава шапка носам паметен уред што никогаш во животот не сум го употребил.
Цариникот само се насмевна и рече:
– Знам, владико Петар, ве следам.
Така владиката Петар помогна уште едно православно чедо во Македонија да добие ајфон од дијаспората.
Но, што е уште поважно, тој сфати дека нема препрека што не може да ја помине ако не го користи паметниот уред под поповата шапка. И тоа го практикува до ден денешен, лето господово 2017, иако одамна веќе ајфонот и смартфоните не му се туѓи за комуникација со Бога и со верниците. Има паметни уреди во секој џеб, ама тој под шапката и натаму не го користи.
Оваа анегдота, вистинита или не, е единственото здраворазумско објаснување на неговите интервјуа, кои ги дава без непотребно да ја експлоатира мозочната маса, препуштајќи им се само на земните страсти и ѓа’олскиот порив да ги одбрани крадците од правдата. Зашто кои се овоземните судови да им судат на државокрадците, ним само Бог може да им суди. Кога ќе дојде време за тоа. А во меѓувреме, треба да уживаат во материјалните благодaти и во украдените пари, и да градат цркви во светата земја Аеродром за свое спасение, зашто Бог сакаше така.
Иако шестата божја заповед вели – не убивај, таа не важи за Зијадин Села и за Зоран Заев, како и за сите што против волјата на светиот македонски народ се дрзнале да изберат претседател на Собранието спротивно на каноните на МПЦ и толкувањата на деловникот од Светиот синод
Да, во меѓувреме, и капата над паметниот уред што никогаш не го употребил, често ја менува. Некогаш е онаа попова шапка со крст, другпат ќе ја замени со тодоралександрова шапка – со патриотска кокарда и кама и кубура. Но, без разлика на капата, без разлика дали криумчари или не извршува никаква заповед, под капата секогаш чува празнина, вонземна шуплина, големо ништо како пред Бог да ги создаде светот и грешниците на него.
Петар, како што и самиот посведочи во последните интервјуа, ја надрасна Библијата како свето писмо, неговата мисија сега е повозвишена – да го проповеда и брани собранискиот Деловник:
„Мислам дека поголема вина, ако не поголема барем иста вина имаат оние што ги предизвикале луѓето да влезат во парламентот и да го направат тоа. А тука предизвикувачите се оние што извршија насилство врз државните закони, врз Уставот, врз Деловникот за работа на Собранието итн…“
Не сум бил на неделна литургија на владиката Петар, но не се сомневам дека таму редовно им чита на верниците извадоци од Деловникот, и тоа од новиот пречистен текст, да не речам завет.
– А кога се роди Трајко во Сливово Охридско, во дните на цар Грујо, ете, дојдоа во Скопје мудреци од сите изборни единици и рекоа: Седниците на Собранието и на работните тела се јавнииииии. Да се помолиме на Господаааа, Грујо наш еден и единствен. Собранието и неговите работни тела можат да одлучат да работат без присуство на јавноста, под услови утврдени со Уставот и со овој деловник. Господи помилуј, Господи помилуј, Господи помилуј.
Иако шестата божја заповед вели – не убивај, таа не важи за Зијадин Села и за Зоран Заев, како и за сите што против волјата на светиот македонски народ се дрзнале да изберат претседател на Собранието спротивно на каноните на МПЦ и толкувањата на деловникот од Светиот синод.
Сепак, иако вака јавно, додуша малку со задоцнување, владиката Петар застана на страната на насилството и на фашизмот, засега нема информации каде беше тој во судните часови и зошто не направи две дупчиња во поповата шапка за очите, та не ја навлече на лицето како фантомка, та и лично да удри по нечестивите пратеници. Но, тоа што камерите не го снимиле, не смее да фрли сенка врз неговите заслуги за фашизмот во Македонија како религија и убедување.
Набрзо ќе обзнани светиот владика, во некое свое следно интервју, која заповед од светата столица во Белата Грујова палата ја спроведувал, дали ја осветувал водата на Владо што тој ја носеше на повредените или му го придржувал на Бетмен додека овој мочаше по околните кафани опиен од водата Владова (се мисли на чегеварското палто, се разбира, да не се разбереме грешно).
П.С.
Свештеникот Џонатан Мтетва се обидел да го повтори Исусовото чудо и да оди по вода. Хералд Зимбабве јавува дека тој се обидел да чекори по површината на крокодилската река, при што се случил бизарен инцидент – свештеникот бил изеден од три крокодили. Паметниот уред под шапката, сепак, треба да се користи понекогаш.