Зјае празен еден апартман на Миконос. Бил резервиран за четворица гости од Скопје, но тие не успеаја да стигнат. Едниот со лисици е вратен од ГП „Богородица“, другите по сила на таа неприлика се вратиле дома. А краткиот одмор во апартманот чини колку да купиш двособен стан во Скопје. И каков пресврт – наместо со поглед на море, завршуваш во хашко одделение, со поглед во таванот горе. Но, дали е тоа навистина неочекуван пресврт?
Не е. Ништо не се случува преку ноќ. Сѐ си има свој тек, и сѐ се одвиваше пред нашите очи. Проблемот е што навреме не беа одговорени клучните прашања и не беа преземени соодветни мерки, за да се спречи една дивоградба во зачеток да прерасне во чудовишна конструкција.
На пример, никој не истражи од каде му беа финансиите на младиот „газда“ за толку скапа играчка како што е телевизијата? Тој може да раскажува разни прикаски, но институциите се тие што треба да го проверат тоа. Особено што ни вработените не беа мотивирани за истражувачко новинарство. Изгледа дека кога сумите се повеќе од добри, се губи љубопитноста за тоа од кој и каков извор се плаќа новинарскиот труд. А чаламот – голем. Спектакуларни прослави, хуманитарни акции, донации… Од каде парите? Од сусамот.
И како и во секоја слична приказна, на крајот стигнува заклучокот дека нема бесплатен ручек. Цехот секогаш стигнува за наплата, порано или подоцна. Да си ја вршеа институциите работата, немаше едно мало топче снег да се тркала цела година и да се претвори во лавина.
Изгледа дека кога сумите се повеќе од добри, се губи љубопитноста за тоа од кој и каков извор се плаќа новинарскиот труд. А чаламот – голем
А кога првото копче ќе го закопчате погрешно, целата кошула е накриво наместена. Така и во овој случај. Фелерично во старт. Ако сите мижат, молчат и никој не го чукна по нос „детето“ што сакаше да биде голем газда, не само на ТВ, туку и да се етаблира како крупен играч во политичкиот бекстејџ, очекувано е да си вообрази дека „сѐ му се може“.
Му се може да крене телефон за да му ги вратат одземените шверцувани обувки, му се може да збира на седенки луѓе на разни раководни позиции, да ги овековечува во неговите селфиња и да им прави чест, за потоа да ги користи како визитка за потребите со други „клиенти“.
За една година е направен прилично обемен албум со сликички, со една цел – сопствено брендирање како медиумски и (пара)политички влијателен трговец. И очигледно му успеало, штом дојдовме и до истрага за „Рекет“. Но, не бил сам, ниту без логистика.
Кога го враќам филмот наназад, се потсетувам на еден февруарски брифинг во СЈО, на кој биле повикани четири-пет медиуми. Сите објавија идентични и многу обемни текстови за мрежата на „Империја“ во која биле вплеткани десетици фирми инволвирани во перење пари преку офшор-компании од Панама, САД, Холандски Антили, Сејшели, Девствени Острови, Велика Британија…
Никој од СЈО не можеше да одговори кој ги повикал само тие медиуми, зошто селективно, и што е „ненадејниот“ повод за тој брифинг. Дали мотивите биле преку медиуми да се испрати порака до засегнатите од „Империја“ дека истрагата има многу „штоф“ за тој случај? Дали беа тоа некакви наменски дофрлени топки кон медиумскиот газда, што тој подготвено ги дочекувал за да ја продолжи играта понатаму? Дали некој со умисла ги злоупотреби тие медиуми за други цели, далеку од описот на обвинителските? Се надевам дека ЈО ќе обезбеди одговор на ова прашање.
Проблемот е што навреме не беа одговорени клучните прашања и не беа преземени соодветни мерки, за да се спречи една дивоградба во зачеток да прерасне во чудовишна конструкција
Како даночен обврзник што го финансира СЈО, имам право да знам дали некој од таа институција со своето неодговорно однесување довел до ситуација да се искомпромитираат некои од истрагите, па веќе не знаеме што е полошо – само пропадната истрага за „Империја“ или и девастирана обвинителска институција?
Ваквиот „раскошен“ избор, за жал, не го засилува впечатокот дека со новиот закон за ЈО ќе бидат елиминирани вакви ситуации. Можеме да имаме најсовршен закон, но ако него треба да го применуваат лица со кршлив морален и професионален кредибилитет, не постои процес кој не е пред опасност да биде искомпромитиран од човековите слабости. Колку што се сеќавам, битката беше да се елиминираат „сваровски“ дефектите, а не да се повторат во слична верзија.
И на крајот, доста е од оние приказни за намалување желудници, кои се ставаат во контекст на осомничени и други лица во истрагата за „Рекет“. Таа интервенција можеби го намалува гладот за храна, но не и алчноста за пари. Проблем е што комбинацијата од долги прсти и краток ум не се решава хируршки. Прстите може и да се „скратат“, ама умот не се надградува.