Регион

Брамерц: Неприфатливо е негирањето на Сребреница

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Серж Брамерц Фото: webtv.un.org

Главниот обвинител на Механизмот за меѓународни кривични трибунали (MМКТ), Серж Брамерц, пред Советот за безбедност на ООН во Њујорк, денеска изјави дека коментарите на двајцата српски политичари, дадени за време на прославата на 24-годишнината од геноцидот во Сребреница, кој беше извршен во 1995 година, се недопустливи.

„Не може да се толерира фактот дека минатата недела, еден министер го нарече геноцид во Сребреница лажен, а член на парламентот му честиташе на Ратко Младиќ за геноцидот, кој, како што тој рече, бил брилијантна воена операција”, истакна Брамерц, презентирајќи го својот двогодишен извештај пред Советот за безбедност.

Тој нагласи дека за негирањето на геноцидот и за величењето на воените злосторници прв пат пред Советот говорел пред пет години, но дека овој проблем денеска е многу поголем.

Пратеникот на владејачката Српска напредна партија, Владимир Ѓукановиќ,  на 10 јули, еден ден пред годишнината од одбележувањето на масакрите кои под команда на Младиќ ги извршија силите на босанските Срби над повеќе од 7.000 бошњачки мажи и момчиња, му честиташе на Ратко Младиќ.

„Сакам да му го честитам на српскиот народ, денот на ослободувањето на Сребреница. Едно благодарам оди за генералот Ратко Младиќ, за брилијантно изведената акција“, напиша Ѓукановиќ на Твитер.

Хашкиот трибунал, во првостепена постапка, го осуди Младиќ за геноцид и други злосторства. Неговиот случај сега е во жалбена постапка.

Два дена по изјавата на Ѓукановиќ, министерот за одбрана, Александар Вулин, истакна: „Српскиот народ преживеа геноцид, не го стори, а тоа многу поголеми нации не можат да го кажат за себе”.

Вулин ја даде оваа изјава како реакција на изјавата на германскиот амбасадор во Белград, Томас Шиб, кој изјави дека Србија треба да прифати дека масовните убиства на Бошњаците од Сребреница, биле геноцид, како што тоа го утврдиле меѓународните судови.

Одговарајќи на критиките на Брамерц, српскaта министерка за правда, Нела Кубуровиќ, пред Советот за безбедност изјави дека лицата што ја отслужиле својата казна, не треба да бидат предмет на извештај на обвинителот на ООН.

Кубуровиќ додаде дека по издржувањето на казната „никој не може … да биде санкциониран од која било причина”.

Откако Српската напредна партија на претседателот Александар Вучиќ дојде на власт во 2012 година, српските власти во неколку наврати им приредија дочек на воените злосторници и им помогнаа да станат активни учесници во јавниот и во политичкиот живот.

Политичарите и официјалните претставници на Србија и на Република Српска во неколку наврати негираа дека масакрите се геноцид.

Претседателот на ММКT, Теодор Мерон, минатата година ja критикуваше премиерката на Србија, Aнa Брнабиќ, поради негирање на геноцидот во Сребреница.