На патот на Вејдер

Во јавноста се знае на кого мисли премиерот кога зборува за „Дарт Вејдер во македонското правосудство“. Ама тој одамна не е во правосудството, за разлика од последиците и манирите, кои и до денес живеат нечепнати. Властите ги правдаат измените на Кривичниот законик токму со фактот дека сме имале закон направен од Дарт Вејдер, од комунистичко време.

Тогаш зошто СДСМ веднаш по доаѓањето на власт во летото 2017 година, не направи промена на сите Вејдерови примеси во законската регулатива и пракса? Ако Ковачевски не може да коментира за периодот во кој премиер беше Заев, нека објасни зошто ова не било приоритет во првата година од неговиот премиерски мандат? Како сега одеднаш му текна на Вејдер и комунизмот, откако сè отиде по ѓаволите?

За „квалитетот“ на промените во мандатот на СДСМ, ДУИ и нивните партнери, сведочи фактот што и самиот „Вејдер“ честопати се јавуваше со јавни критики, во кои можеше да се насети дека и самиот се чувствува надминат. Што не е комплимент за власта.

За споредба, би било добро да слушнеме податок, колку од луѓето што учествувале во подготовката на законските измени во времето на Вејдер, денес повторно се ангажирани за иста цел? Чест на исклучоците, ама изгледа се потврдува правилото дека главнината на тимот што „победува“ не се менува. Пери-носи.

Зошто СДСМ веднаш по доаѓањето на власт во летото 2017 година, не направи промена на сите Вејдерови примеси во законската регулатива и пракса?

Приказната не е ни малку пријатна, а настаните што ќе следат, ќе покажат дали токму антивејдеристите го враќаат вејдеризмот на голема врата. Индиции за тоа не се само избраниот политички сензитивен тајминг и сомнеж за политички (а не правно) мотивирани измени за намалување на казните и за законско покривање на застарување на предметите, нешто што досега беше оставено да го одработат одредени судии.

Има и други „детали“, кои во следниот период по сила на измените, раскошно ќе испливаат на површината од мочуриштето.

Главната промена се состои во тоа што се враќаме на истото, како пред да „дојде животот“, и пред времето кога Катица Јанева пред вратите на Тврдината гласно повикуваше „Отвори, отвори…“

Сите ликови од „бомбите“, особено семејните и политичките пријатели на Вејдер, од денеска натаму, некои веднаш, некои наскоро ќе бидат на слобода. Веќе не е битно кое Вејдерово дете имало тефтерче со имињата на судии за „кликни-нарачај“, ниту по чиј налог биле избирани судии, претседатели на судови или која претседателка на Судски совет праќала листа за одобрување кај премиерот.

Што се смени? „Ништо“, освен што предметите на СЈО ќе си потонат, некои веднаш, некои наскоро, исто како и дел од оние во ОЈО ГООК. На чистина се наѕира еден факт: дека тие што ветуваа промени, решиле да продолжат токму по патот на Дарт Вејдер, а затскриени зад фрази за наводно хармонизирање со европските директиви, практично одат по патот што води кон правосуден фингерај и желбата да се биде калиф наместо калифот.

Уверуваат дека ги направиле законските измени заради можноста за проширена конфискација. Сè што треба да се конфискува, одамна е изнесено/купено/изградено/стационирано надвор од земјава. Таа приказна не е дури ни за мали деца.

Сите потези се темелат на очекуван плацебо ефект: сервираат гломазни измени како обланда за главните и точно скроени дози и намери, со надеж дека жедните за правда ќе поверуваат оти реформите и навистина се случуваат.

Сè што треба да се конфискува, одамна е изнесено/купено/изградено/стационирано надвор од земјава. Таа приказна не е дури ни за мали деца

Додека се трошат 80.000 евра за плацебо-кампања „Ние сме Европа“, амбасадата на Јапонија со донација од 80.000 евра ни реновираше основно училиште во Кичево. А не е само таа донација. Ги има многу.

Ни донираат медицинска опрема, ни реставрираат објекти од историско-културно наследство, ни ги крпат здравствените установи и детските градинки, додека ние секој ден, во секој поглед, сѐ повеќе се расформираме наместо да се реформираме. 

Тешко е да се пресмета колку вкупно странски донации се истурија за реформи во правосудството, обуки, семинари, студиски патувања, опремување на судници… Се сеќавате ли колку средства отидоа за СЈО, какви што ЈО немаше видено никогаш?

Од сето тоа, резултат е едно големо ништо и длабоко потценување на јавноста. Цехот за тоа потценување ќе стигне за наплата. Само тие што изгубиле контакт со реалноста може да се надеваат дека нема да ја платат цената.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија