Пингвините и Македонскиот манифест

Се присетив на еден стар виц, од оние со брада што би се рекло. Значи, си биле Американец, Французин и Македонец, кои добиле задача да напишат докторска дисертација за пингвините. Американецот ја одбрал темата „Пингвините и нивната економска експлоатација“, Французинот „Пингвините и нивниот љубовен живот“, а Македонецот „Пингвините и македонското национално прашање“.

Се сеќавам дека пред околу четири децении со овој виц ја завршив првата колумна во тогашна „Нова Македонија“. Еве, речиси четири децении подоцна отворам колумна со истиот виц, овој пат со дупло подолга брада.

На вицот, се разбира, ме присети таканаречениот „Македонски манифест“, потпишан од Македонската академија на науките и уметностите, Македонската православна црква – Охридска архиепископија и Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“. Без оглед на неговата содржина и на намерите на потписниците, ваквиот потег отвора неколку ординарни прашања.

Сите знаеме што значи кога академиите на науките на овие простори ќе почнат да се занимаваат со манифести, меморандуми и слични документи што имаат претензија да ја кројат иднината на еден национален ентитет

Првото, секако е: што бараат МАНУ и УКИМ во друштво со МПЦ-ОА? Која е таа научна оска што ги поврзува, бидејќи колку што знам МАНУ и УКИМ сè уште се научни институции, а МПЦ е верска заедница. Или, можеби во МАНУ е отворено одделение за веронаука. Она што го изучува јазикот на змијата што ја намамила Ева да го гризне плодот од дрвото на знаењето. Затоа што, нели, знаењето е најголемиот грев на човекот.

Нејасно е, велам, што бара во ова друштво МПЦ-ОА? Дури и да се цели само на јавноста од одреден етнички ентитет, односно на Македонците, што е, нели, одамна научно фундиран и релевантен научен аргумент, тогаш да се потсетиме дека меѓу етничките Македонци има и муслимани, протестанти, католици, скиентолози, јеховини сведоци…, ама нивни претставници нема меѓу потписите на Манифестот, кој, како што му говори самото име, треба да биде некаква водилка во „овие судбински денови за европската иднина на македонската суверена и самостојна Република“.

Или, на пример, зошто на документот не е потпишана и Ловечката федерација на Македонија. Зар тие не се заинтересирани за европската иднина на македонската држава? Башка секако се повеќе заинтересирани за науката од МПЦ-ОА.

Проблемот е во тоа што ниту Македонската академија на науките и уметностите, ниту Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, подеднакво како МПЦ-ОА, не се заинтересирани за науката, туку – за политиката! Ако веќе станува збор за наука, тогаш зошто МАНУ и УКИМ не организираа некои симпозиуми, научни расправи, дебати за историјата и историските личности, за националното прашање и создавањето на национален идентитет или, ете, за македонско-бугарските односи? Ако можат да се следат предавања онлајн, тогаш сигурно можат да се организираат и симпозиуми онлајн.

Или зошто не иницираа барем создавање научни студии на овие теми? Во суштина верувам дека постојат низа научни трудови што се занимаваат со овие прашања, ама ниту МАНУ, ниту УКИМ не направија ништо или направија многу малку тие да добијат гласност, барем толкава каква што доби Манифестот.

Зошто на документот не е потпишана и Ловечката федерација на Македонија. Зар тие не се заинтересирани за европската иднина на македонската држава? Башка секако се повеќе заинтересирани за науката од МПЦ-ОА

Ако веќе МАНУ и УКИМ се занимаваат со наука, зошто не објавија манифест за тоа дека вирусот САРС – КоВ – 2 престојува во човековиот секрет и дека се шири со посредство на воздухот, прстите и предметите на кои овој секрет се наоѓа? Без оглед дали тие предмети биле свети или профани. И без оглед дали станува збор за телешка чорба или станува збор за транссупстанционирана крв на Исус од Назарет. И без оглед дали со истото лажиче сите сркаат чорба или примаат причест. Па, макар тоа лажиче било и сребрено.

 Знаете ли зошто не се пројавија на оваа тема, која е буквално судбинска, не за „европската иднина на македонската суверена и самостојна држава“, туку за животот и смртта? Знаете, се разбира. Тоа не е политички опортуно, башка ќе ја немаа ни поддршката од своите црковни партнери.

На крајот на краиштата, манифестот како форма секогаш е проглас до јавноста, со претензии да биде некаква (по)трајна програма на движењето што го објавува. А тоа движење има најчесто културен (уметнички) и уште почесто политички предзнак.

Можеме тука да се сетиме на повеќе манифести. На Манифестот на надреалистите, на пример. Но, и на Комунистичкиот манифест, на Крушевскиот манифест (кој, види чудо, не се викаше Македонски манифест), на Манифестот на Главниот штаб на НОВ и ПОМ итн. И, секако, да го задржиме во меморијата и Македонскиот манифест на движењето составено од МАНУ, МПЦ-ОА и УКИМ. На читателот му е јасно зошто во овој контекст прв е набројан Манифестот на надреализмот!

Впрочем, сите знаеме што значи кога академиите на науките на овие простори ќе почнат да се занимаваат со манифести, меморандуми и слични документи што имаат претензија да ја кројат иднината на еден национален ентитет. Имаа такви документи и академиите во Србија, Албанија, Хрватска, па и во Македонија. Уште ни е во меморијата планот на МАНУ за размена на територии и луѓе, односно за поделба на Македонија.

На крајот, кога малку подобро ќе се размисли, оној вицот за пингвините од почетокот на текстот и не е толку бесмислен. Пингвините и тоа како имаат врска со македонското национално прашање.