Анализи

„Нашиот човек“ Бучковски

Шатл дипломат на пат кон Софија

  • 3
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

„Во животот му е судено да влегува во војни, кога некои важни битки веќе се изгубени“.

Вака мој колега ја скицирал „ѕвездата“ на Владо Бучковски во тешката и конфликтна 2001 година, кога тој раководеше со ресорот за одбрана во широката коалициска влада. Оттогаш поминаа 19 години, но се чини дека кармата останала иста.

Две децении подоцна, тој повторно влегува во вкрстен оган. Куршумите овојпат се вербални, но мините на патот не се помалку опасни. Софија го блокира македонскиот почеток на преговорите со ЕУ, обвинува за „антибугарска пропаганда“, за наше непризнавање на бугарски корени, додека бугарските историчари во заедничката Комисија и натаму ја спорат придавката „македонски“ во лекциите од историјата.

Во ваква апсурдна и тешка атмосфера, Бучковски неделава заминува на службен пат за Софија, со мандат на специјален претставник на македонската влада за Бугарија. Бугарската престолнина и досега била негова честа дестинација, но причините за тоа биле исклучиво академски.

„Во последниве четири години, заради моите професорски обврски, еднаш месечно бев во Софија, по околу три до четири дена“, вели тој.

Специјалниот претставник на македонската влада за Бугарија доби мандат од една година, а неговата мисија кусо ја опишува како „шатл дипломатија“

Таму, од 2005 година е почесен професор на државниот универзитет УниБИТ, од 2016 е вклучен и на докторските студии на истиот универзитет, а една година претходно станал учесник и во регионалниот проект Jus Romanum на софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“. 

Ако неговата професорска маршрута досега спокојно се одвиваше до две универзитетски адреси – „Цар ослободител“ број 15 и „Цариградско шосе“ број 119, отсега ништо нема да биде толку „мазно“. Новите  адреси на кои ќе биде чест соговорник се „Кнез Александар Дондуков“ број 1 – седиштето на бугарската влада и „Александар Жендов“ број 2 – седиштето на бугарското МНР.

И самиот е свесен дека пречките што стојат на патот меѓу Скопје и Софија се големи.

На повидок не е трка на кратки патеки, која ќе трае до крајот на годинава, туку многу подолга. Специјалниот претставник на македонската влада за Бугарија доби мандат од една година, а неговата мисија кусо ја опишува како „шатл дипломатија“.

„Ќе бидам постојано на релација Скопје – Софија, Софија – Скопје. Дополнително ќе бидам одговорен и за координацијата во исполнувањето на акциските планови од областа на инфраструктурата, заедничките капитални проекти, образованието и културата, кои произлегуваат од Договорот за пријателство од 2017 година“, објаснува Бучковски за БИРН, привршувајќи ги последните координации за првите средби со соговорниците.

Профитер и Европеец

Владо Бучковски како премиер гласа на локалните избори во март 2005 година | Фото: Роберт Атанасовски

Како Бучковски излезе од „барабанот“ на „Илинденска“ број 2 за оваа функција?

Прво, идејата да назначи специјален претставник беше знак дека македонската влада сака да демонстрира силна посветеност во решавањето на недоразбирањата меѓу двете земји. И второ, да најде личност што нема да рефлектира анимозитет, која ги познава односите меѓу двете земји и личност на која „ќе ѝ се јаде зборот“ во Бугарија.

Универзитетскиот професор по римско право, со политичка биографија во која е запишано дека бил поранешен премиер и министер за одбрана во два мандата, е проценет за личност со соодветна политичка тежина за задачата во Софија. Дотолку повеќе што токму во неговиот мандат, во 2005 година, Македонија го доби кандидатскиот статус за членство во ЕУ.

Во вокабуларот на овој поранешен воен министер, никогаш не ѕвецкало оружје. Важи за динамична и неконфликтна личност, која преферира да говори за мир, пријателство, разбирање, интеграции. Тоа е едната страна на медалот.

Опозицијата во изборот на Бучковски препозна жртва на која ќе ѝ биде припишан поразот на политиките на Заев, но тешко дека опозицијата би ја адресирала критиката до некој друг, пред најпрво да ја испорача до премиерот

За (ре)актуализирање на другата, бргу се погрижи опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која мотивите за неговиот избор ги лоцираше во кадровскиот талог на несанкционираниот криминал, констатирајќи дека премиерот си избира „слични на себе“. Двоецот Заев – Бучковски го нарекоа „тандем лепливи прсти“, а специјалниот претставник го испратија во мисија натоварен со обвинувања за криминал во неговиот министерски мандат („Тенковски делови“) и за случаи од неговиот премиерски мандат – продажбата на ЕСМ, милионите од Телеком, аферата „Бачило“…

Бучковски, кој е често присутен во јавноста, но за кој до вчера никој не праша – од какви морални позиции дава мислења за актуелни прашања. Во моментот кога беше именуван за специјален претставник, сѐ беше експресно извадено од пепелта.

Овдешниот манир – обвинувањата да може и да се подзабораваат, ама да не смее да се прости новата функција, покажа дека кога краткото памтење станува колективен соучесник кон неказнивоста, јавно инсталираме сѐ поширок кадровски филтер, низ кој секој може лесно да помине, па зошто не и еден бивш премиер.

Иако опозицијата во овој избор препозна и наменски избрана жртва на која ќе ѝ биде припишан поразот на политиките на Заев, тешко е да се поверува дека опозицијата би ја адресирала критиката до некој друг, пред најпрво да ја испорача до премиерот.

Кршач на мразот

Меѓу двете страни на медалот има еден факт што не смее да се прескокне: ако се погледне хронологијата на обидите за кршењето на мразот со Бугарија, (со оглед дека Декларацијата за добрососедство од 1999 година остана „оперативна“ повеќе на хартија), евидентно е дека Бучковски повеќе од една деценија има минат труд на тој план.

Тој си изгради ореол на професор и политичар што може да разговара за проблемите меѓу двете земји, незаробен од стереотипите што сѐ уште владеат во двете општества.

Уште пред 14 години, отворено се заложи двете земји заеднички да го слават Илинден, идеја која наиде на бројни реакции во земјава, бидејќи се случуваше во време кога неколку години по ред одбележувањата на смртта на Јане Сандански завршуваа како провокациски пир.

Македонците во Бугарија беа дочекувани пред гробот на Сандански покриен со бугарско знаме, со транспарент „Македонија е бугарска“ и разни негаторски пароли. Поради такви провокации, во 2006 година, бугарскиот амбасадор Михо Михов беше повикан во нашето МНР.

„Имам интензивна комуникација со поранешниот бугарски премиер Симеон Саксобурготски и со поранешниот бугарски претседател Росен Плевнелиев..“, вели Бучковски.

Во годините што следеа, владите на Груевски не направија обид за релаксирање на состојбите. Професорот по римско право, Владо Бучковски, индивидуално продолжи да го одржува пламенот на заложбата за добрососедство и даде многу изјави и интервјуа во кои говореше за таа цел.

Тој денес нема тајна формула или клуч, кој ќе ги отвори софиските порти за македонскиот интегративен пат. Но, од времето на премиерскиот мандат и со текот на професорскиот ангажмани во Софија, во бугарската престолнина веќе стекнал круг на пријатели, со значајно влијание во бугарското општество.

„Имам интензивна комуникација со поранешниот бугарски премиер Симеон Саксобурготски и со поранешниот бугарски претседател Росен Плевнелиев. Семејни пријатели сме со поранешниот министер за одбрана Бојко Ноев и со поранешниот претседател на бугарскиот парламент и министер за внатрешни работи Михаил Миков“, вели Бучковски.

Не се само тие и не се само политичари. Но, сферата на приватното, не е идентична со сферата на државното. Бучковски, кој до вчера беше често присутен во медиумите во двете земји, сега ќе мора да го исклучи или да го намали „тонот“ во интерес на процесот. Како што самиот изјави „подобро е кога се молчи, за да дојдеме до посакуваното решение“.

А бидејќи опозицијата бара одговори за што се разговара со Софија, не е тешко да се претпостави дека по Заев, Османи и Димитров, тој ќе биде следната боксерска вреќа врз која ќе завршува незадоволството поради недостигот од транспарентност. На грбот на Бучковски ќе падне и сето незадоволство од затнатиот канал власт – опозиција и од неодржаната лидерска средба за прашањата со Бугарија.

Високи очекувања

Бучковски и поранешната американска државна секретарка, Медлин Олбрајт – Скопје 2005 година  Фото: Роберт Атанасовски

Не е помалку трустен и теренот на соседите. Два дена пред неговото именување за специјален претставник, во текст специјално напишан за БГНЕС, Иван Николов, новинар, главен уредник на списанието „Бугарија-Македонија“ и директор на издавачката куќа „Свети Климент Охридски“, ги искритикува ставовите на Бучковски за антифашистичкото движење, победата и слободата во Македонија, одговарајќи му дека „АСНОМ била камуфлажна врска со историскиот Илинден во 1903 година, за луѓето да бидат измамени дека доаѓа вистинска слобода за Македонија“.

„Ако фигуративно ја замислиме духовно- мисловната суштина на денешна РС Македонија како езеро замрзнато од децениски мраз, текстот на Денко Малески (во Плусинфо – н.з.) и делови (изјави) на Владо Бучковски, сугерираат дека овој мраз почнал да се топи и над ледената покривка блескаат едвај забележливи капки вода. Сепак, дебелината на мразот е сè уште многу голема“, пишува Николов.

Бучковски ќе се соочи со многу подигнати очекувања, поради кои може да биде постојано „распнуван“ меѓу сензитивната македонска јавност, која разговорите со Бугарија ќе ги доживува како закана за идентитетот и очекувањата на бугарската јавност тој да има безрезервно разбирање за нивните историски „канони“.

Тргнува со добра волја, далеку од епските рефрени „со штитот или на него“, кај нас цинично адаптирана како „со тенкот, или на делови“

Изборот засега е сведен на „или-или“, бидејќи во круговите на тие што носат одлуки не се видливи нијанси различни од наративот на Каракачанов. Не се многу помеки и ставовите на некои од пријателите на Бучковски, а најмалку на естаблишментските историчари, чиј главен рефрен е дека е извршен грабеж на нивната историја од македонска страна.

Да биде состојбата посложена, овој момент се доживува и како последен рок за компензација на она што Бугарија го изгубила или го пропуштила во однос на западните покраини (во Србија) кога дала безусловна и безрезервна поддршка за српското еврочленство, не реагирајќи што таму „бугарското малцинство било подложено на систематска национална асимилација/србизација“. Таа грешка бараат да не се повтори во случајот со Северна Македонија.

Испречени се толку високи планини пред специјалниот претставник, што изгледа неверојатно дека каков и да е чекор може да биде направен без силна политичко-експертска логистика од досегашните стратегиски олеснувачи на разговорите меѓу двете земји.    

Во едно од неговите интервјуа за бугарските медиуми, тој јасно посочи: „Секој што ќе се обиде да го загрози нашиот јазик и македонски идентитет, вклучително и во Бугарија, е противник на зближувањето меѓу нашите два братски народа“.

Од оваа позиција треба да ги почне разговорите во Софија. Тргнува со добра волја, далеку од епските рефрени „со штитот или на него“, кај нас цинично адаптирана како „со тенкот, или на делови“.