Плурализам во карантински услови

Сакаат да ја демократизираат партијата, ама ако во јавна дебата се спомне одговорноста на лидерот – веднаш летаат стрели во одбрана на неговата позиција. Тоа е прв лакмус за искреноста во намерата за демократизација. Ако нема подготвеност за дебата, како ќе има за поголеми нешта?

Дебатата и не значи дека јавноста ќе избира, разреши или ќе остави на функција нечиј лидер. За тоа секако ќе се решава во партијата. Но, низ дебата се исцртуваат нужните коти под кои не смее да падне нечиј лидерски интегритет, резултат, ветување. И тоа важи за сите политичари.

Изразениот отпор кон јавните ставови, кои не одат во прилог на цврстата фотелја на лидерот, сугерира дека не постои ни слобода, ни слух да се дебатира за тоа прашање. Притоа, не само што не се разговара за посочените аргументи, туку само се оцрнува и дискредитира адресата од каде што доаѓа ставот и  завршува во стилот „ти ли најде да кажуваш!“

За идеологии одамна никој не зборува, иако терминот вирее како заборавен трофеј на правлива полица во оваа постидеолошка фаза

Ако се тргне по ваков пат, никогаш нема да има доволно подобна личност што ќе се здобие со правото да каже што било за изборните резултати и лидерски одговорности. Колку за потсетување, од истата партија, која дебатата ја смета за внатрешна работа, со години пресудуваа кога и зошто мора да си оди лидерот од опонентската партија.

Тогаш сметаа дека тоа е тема од јавен интерес, за збогување со транзициските политичари. Денес, пак, добиваат забелешки дека токму „транзициски политичар“ им ја предводел кандидатската листа, а критичарите го користат веќе промовираното мерило со кое се лепеше ваквиот статус. Потребата од „дебатирај, не етикетирај“, е една од намерно ненаучените лекции.   

Сепак, во нашите македонцки работи има одраз и на нешто научено од ризницата на познатите изреки, како на пример „Не е ли политиката, всушност, само вештина да се излаже во вистинскиот момент“ (Волтер) или „Демократските установи се карантин за чезнеење кон тиранија“ (Ниче).

Наликуваме како да сме околчени во просторот меѓу сатиричната на Лец – „Од што си настанал, зависи од генетиката, во што ќе се претвориш – зависи од политиката“ и обнародената „Човек често мора да го менува мислењето за да се усогласи со мислењето на својата партија“.

„Знаеме“ сѐ за политиката, ама поради пандемијата и изборите заборавивме дека годинава одбележуваме 30 години од партискиот плурализам во земјава. На 4 февруари 1990 година беше основано Движењето за семакедонска акција (МААК), а во месеците потоа беа основани и сите други партии, од кои голем дел се активни и денес, дел згаснати, дел ребрендирани.

По триесет години плурализам, кој во раните почетоци добиваше критики за „монопартиски плурализам“, денес дотуркавме до критики за двопартиски или трипартиски, како реакција на многуте субјекти, кои поради изборниот модел и византиските практики не можат да излезат од сенката на големите.

Монументална наивност е да сметаме дека тоа е случајно, дека на политичкиот спектар сето место е зафатено. Тоа е вешто создаден привид, резултат на идеолошка и вредносна кoнфузија, во која разликите меѓу лево, десно и центар се релативизирани и измиксирани повеќе според потребите за власт, отколку со интересите на државата.

За идеологии одамна никој не зборува, иако терминот вирее како заборавен трофеј на правлива полица во оваа постидеолошка фаза.

Изразениот отпор кон јавните ставови, кои не одат во прилог на цврстата фотелја на лидерот, сугерира дека не постои ни слобода, ни слух да се дебатира за тоа прашање

Плурализмот, без разлика дали се зборува за плурализам на интереси или на партии, нѐ потсетува дека таа вредност треба да означува непречена општествена комуникација за сето она што во еден момент може да се смета за легитимен интерес, при јасно сознание за хетерогениот карактер на општеството.

И тука се враќам на почетокот на текстот. Неприфаќањето на хетерогеноста, инсистирањето на исклучивоста, на еднострани (партиски) перцепции во политиката, општеството, националното, се билет за влез во оној карантин, во кој се копнее по нешто друго, далеку од демократизацијата, далеку од контролата и редистрибуцијата на моќта.

 Нема да речам дека резултатот е формален плурализам и фактичка дихотомија. Тоа го велат сите оние кои општеството го сведуваат на „ваши и наши“, некогаш со недозволена, некогаш со омекната реторика, но во суштина непроменета.

Нема да речам дека тоа креира политички неполнолетни луѓе, зашто самите политичари си се претставуваат како неполнолетни. Ако по 30 години плурализам, сѐ уште не прележале некои рани детски болести, ако не е соодветно научено што е одговорност, што е фер процес, што е државен интерес, што е реформа, или ако е целосно изгубена разликата меѓу политички опонент и непријател, уште многу време ќе треба за да созрее неполнолетниот македонски 30-годишник.

Изборните резултати (слични на шлаканицата добиена од гласачите во првиот круг на претседателските избори) покажаа дека граѓаните гледаат во календарот и не се расположени да авансираат во нови мандати, за некои од децата и натаму да си играат политика. Таа приказна привршува. Кој го гледа тоа, подготвен ќе ја дочекаат бурата. Другите ќе накиснат.