Два чекори напред, три назад, орото на демократијата. Ни стана својствено дека демократијата е во дефанзива и дека е под закана од многу видови нови непријатели: илибералните режими, лажните вести и слично.
Како еленот од поговорката, заслепен од светлата на автомобилот што доаѓа, и ние како замрзнати зјапаме во нив, несигурни дали ќе нѐ прегази автомобил или брз воз. И додека стоиме така замрзнати, други коваат големи планови да ја преземат контролата.
Ова беше мошне впечатлив почеток на новата година. Но, дали сликата што ја имаме е вистинска? Според индексот за демократија на „Economist Intelligence Unit“, каде што учеството на јавноста во донесувањето на одлуките е во пораст, особено на жените, довербата во демократијата сѐ уште опаѓа. Тоа значи дека демократијата останува сложен процес, дека не може да се заврши работата со едноставни одговори, без разлика колку моќно изгледа сегашниот популистички бран.
Македонија само што го исполни својот дел од договорот од Преспа со Грција. Се согласи да го промени своето име во замена за членство во НАТО и за Грција да престане да ги блокира преговорите за пристап кон ЕУ. Несомнено, ова беше најтрауматичниот момент во Македонија уште од краткотрајниот конфликт во 2001 година.
Напорите на владата да се дојде до овој момент заслужуваат признание. Ова не значи дека процесот бил добар, времето ќе покаже дека целта секогаш не ги оправдува средствата. Засега е тешко да се пресмета штетата што му беше нанесена на македонското општество, но раните се очигледни.
Но, има една клучна разлика во однос на настаните од 2001. Ова беше политички процес и насилството никогаш не беше дел од него. Процесот беше инициран и завршен на суверен начин, без посредување од трети страни. За ова, македонското општество заслужува пофалба. Со причина велам општеството, а не политичката класа. Но, ќе се вратиме на тоа подоцна.
Напорите на владата да се дојде до овој момент заслужуваат признание. Ова не значи дека процесот бил добар, времето ќе покаже дека целта секогаш не ги оправдува средствата. Засега е тешко да се пресмета штетата што му беше нанесена на македонското општество, но раните се очигледни. Процесот беше брз, но не беше транспарентен. Стана очигледно дека, согласно најлошите традиции, политичките и индивидуалните интереси и алчноста играа главна улога зад кулисите. Многу од овие интереси се чини дека беа задоволени во име на постигнувањето мнозинство во парламентот за договорот.
За да се добие тоа мнозинство, мораше да се донесат одлуки што ја нагризуваат чувствителната општествена кохезија. Амнестија наспроти неказнивост; понатамошна етницизација наспроти граѓанско општество; овие дихотомии беа растегнати. Се донесоа одлуки на стариот добар традиционален начин, зад затворени врати, на тајни состаноци итн. И покрај начинот на кој премиерот Зоран Заев ги објаснува своите одлуки, што е освежување, одењето по овој пат создава тип на политичар што не ѝ е потребен на земјата – кризниот профитер.
Сето ова беше направено во име на подобра иднина. Проблемот е што мантрата за ЕУ и НАТО убедува сѐ помал број луѓе дека ова беше единствената цел на овие драматични промени. Можеби е време да се зборува за ново општество, базирано на вредности, а не на етнички кланови. Можеби е време да зборуваме за општество на еманципирани граѓани, а не на лојални членови на клиентелските мрежи.
На луѓето им е потребен вистински глас. Треба да видат дека се повеќе од гласачка машина. Сегашните разговори за можни предвремени избори напролет значи дека продолжуваат да се испраќаат погрешни сигнали. Нема време за губење со краткотрајни политички тактики. Ова ќе ги отуѓи луѓето уште повеќе и ќе создаде слика на валкана политика што си служи самата себе.
Посакувам да имаше повеќе области каде што владата активно ќе работеше, со иста посветеност како во делот на социјалната политика. Тука со голема брзина се случуваат вистински реформи, кои се одразуваат врз секојдневниот живот на луѓето
Посакувам да имаше повеќе области каде што владата активно ќе работеше, со иста посветеност како во делот на социјалната политика. Тука со голема брзина се случуваат вистински реформи, кои се одразуваат врз секојдневниот живот на луѓето. Добро е конечно да видиме автентични обиди за вистински да се интегрираат маргинализираните луѓе.
Заев најави дека владата се враќа на домашен терен и на реформскиот процес. Време беше. Но, пред ова да биде поздравено, останува прашањето дали за преспанскиот процес навистина беше потребно вниманието од целата влада.
Сега кога непопуларните одлуки се тргнати од патот и кога другиот дел од владата мора многу попосветено да ја спроведува реформската агенда, време е сериозно да му се пристапи на едно прашање што е поврзано со сѐ друго – корупцијата.
Ако досега можеше да се разбере умерениот пристап кон ова прашање во име на повисоки цели, сега таа пречка е отстранета. Формирањето нова антикорупциска комисија може да биде само почеток. Не е само ЕУ таа што чека сериозен напредок во оваа област, туку во прашање е кредибилитетот на целиот реформски процес. Владата треба убедливо да покаже дека влегува во борба со оваа Хидра. Тоа ќе бара лидерство и посветеност. И тоа е долг процес. Но, на луѓето треба да им се врати довербата во институциите, или ќе се свртат подалеку од демократијата.
Во меѓувреме, премиерот најдобро е да се концентрира на две работи. Сериозно мора да се зафати со помирување и да ја заземе водечката улога во тоа. Како и да се види, ова е сложен зафат, кој бара кредибилитет. Во идеални услови, следниот претседател на земјата, исто така, би ја сфатил оваа потреба. За ова ќе се бара заедничко лидерство, да се надеваме со неа (да, време е и за ваква промена), и тоа мора да биде поддржано со сериозни експертизи.
Време е да се покаже визија и да се наметне тоа што Германците го спојуваат во еден збор – Richtlinienkompetenz. Тоа значи моќ да се наметнат политички насоки, но и моќ да се бара нивно спроведување
Второ, премиерот мора да наметне награди и казни базирани на заслуги во самата влада. Перформансите на делови од владата се одвај видливи. Време е да се покаже визија и да се наметне тоа што Германците го спојуваат во еден збор – Richtlinienkompetenz. Тоа значи моќ да се наметнат политички насоки, но и моќ да се бара нивно спроведување. Приоритет треба да биде крајот на неказнивоста за слабите перформанси. Да, Македонија има коалициска влада, но мора да биде јасно дека перформансите се поважни од партиските апетити.
За да се постигне првото, луѓето ќе треба да се вклучат во лекувањето на раните и во дефинирањето на нова основа на општеството. Спроведувањето на втората цел може малку да го врати кредибилитетот на политиката и да ја врати довербата на луѓето. Двете се потребни ако сакаме да се избориме против вистинските опасности што ги носи популизмот: постојаната ерозија на демократските вредности.
Три чекори напред, два назад. Орото на демократијата. Или беше обратно?