Вчера, на празникот Сретение Господово, во црквата „Света Марина“ во Пловдив, пред голем број верници, заедничка света литургија за првпат сослужувале македонски и бугарски митрополити.
„Огромна духовна радост за нас е што на овој светол празник се сретнавме со нашите почитувани браќа. Десетици години таа радост ни беше одземена, од причини кои сега веќе немаат значење. Раната денес е затворена“, рекол пловдивскиот митрополит Николај по речиси тричасовното заедничко сослужување.
„Да даде Господ, таа љубов што денес се манифестира со заедничка архијерејска богослужба во овој прекрасен храм, да трае отсега, па довека“, порачал дебарско-кичевскиот митрополит Тимотеј.
Бугарските медиуми надолго и нашироко информираа за овој убав чин, ама сите извештаи завршуваат со една иста реченица: „Додека траеше богослужбата, полицијата ја затвори улицата што води кон црквата „Св. Марина“. На објавените фотографии се гледа полициско возило и полицајци што ја блокираат улицата. До таму стигна добрососедството.
Патот кон ЕУ треба да биде голем и тежок тест за исполнувањето на нужните интеграциски критериуми, а не мелница за идентитетскиот сензибилитет на кој било народ
„Полиција“, „посебен режим на движење“ и „блокада на улиците“, цела седмица се најчестите зборови што се спомнуваат во македонската јавност, а се поврзани со еден друг храм: црквата „Свети Спас“ во Скопје, каде што почива македонскиот револуционер и великан Гоце Делчев. Кога ќе помислам дека сѐ за што живеел и се борел е слобода за Македонија, тешко ми паѓа атмосферата во која ќе одбележиме 151-годишнина од неговото раѓање. Небаре „аскер“ ја опколил Баница.
Не, не мислам ништо лошо за напорите на МВР да обезбеди ред и мир, туку како дојдовме до таква ситуација, во денешната скапа, со човечки животи платена слобода, да ни требаат толку униформирани лица, само за поклонувањето пред неговиот гроб да помине без инциденти.
На ден што треба да биде посветен единствено за благодарност и длабока почит кон Делчев, полицијата не треба да има, ама баш никаква работа, туку слободен ден. А ние сме како во вонредна состојба. Оперативни штабови од двете земји работат прекувремено, министрите одржуваат работни средби, телефоните се вжештени до топење, се разменуваат информации, списоци, бројки, стратегии, се редат политички апели за мирно чествување, бидејќи ситуацијата силно го налага тоа…
Практично, сега сме во полоша ситуација од годините во социјализмот, кога еднаш годишно, најчесто во сабота или во недела се организираше таканареченото „свиждане“ (видување) за луѓето од двете страни на границата, без никаков страв од инциденти или од можни провокации.
Македонците одеа во Бугарија, Бугарите доаѓаа во Македонија, сѐ се одвиваше во една пријателска и добрососедска атмосфера. Тој ден се одржуваа и концерти, најчесто на народни песни и ора, луѓето се дружеа, секој купуваше тоа што му е поевтино во другата земја и спокојно се враќаше дома.
Сега тоа наликува како нешто неверојатно. Чинот, во кој утре ќе „соослужуваат“ граѓани од двете земји, ама не заеднички, туку едни покрај други, или едни одвоени од други за меѓу нив да нема искри и никаков близок контакт, е тотален антипод на сѐ што може да се подразбира под пријателство и добрососедство, барем во 21 век.
Да се стигне до тоа ниво е пораз за двете земји, но, пред сѐ, пораз за ЕУ.
На Македонија може да ѝ се припишат куп забелешки, ама едно сигурно не – дека системски поттикнува омраза кон Бугарите, како што обвинува Софија. Ситуацијата е обратна. Бугарија системски го пропагира негирањето на посебноста на македонскиот народ, јазик и историја, злоупотребувајќи ги Бугарите во Македонија како гласници на тој наратив, со што ги антагонизира со нивните сограѓани Македонци.
Aко Европската Унија не може да ги заштити вредностите врз кои е основана и ако мижи пред нереализираните историски апетити на некоја своја членка, тогаш самата го девалвира значењето на членството во неа, како пат до можноста тие вредности да бидат иманентни и еднакви за сите.
Спокојно, мирно, достоинствено, со верба и самодоверба, и со длабок пиетет кон великанот, чие дело е вградено во денешната слобода и држава
Европската Унија е таа што не смее да дозволи нејзините политики, принципи и вредности да се релативизираат до степен што неа ќе ја сведат на ниво на трговски патник, кој условите за членство ги продава по различна, а не по иста „цена“ за сите.
Македонија доби „цена“ (услови) каква што досега не добила ниедна друга земја. ЕУ го дозволи тоа под притисок на членката Бугарија, а македонската влада ја прифати таа цена, брзајќи земјата да го фати „возот“ кон ЕУ.
Но, во секој вагон од тој воз се истакнати нови и нови цени, кои не се мерат во пари, туку во латентна принуда: или да се прифатат сите бугарски забелешки издејствувани и спакувани во европски услови, или – ќе следи блокирање.
Патот кон ЕУ треба да биде голем и тежок тест за исполнувањето на нужните интеграциски критериуми, а не мелница за идентитетскиот сензибилитет на кој било народ. ЕУ не смее да дозволи во нејзините пазуви некој да си печати „дозволи“ за оспорување на идентитетските обележја на Македонија, држава која е пример за мултиетничка интеграција и за почитување на човековите права.
И држава, која токму во име на интеграцијата, направи отстапки какви што не направила ниедна друга.
Македонија веќе плати многу голема цена по што секое натамошно изживување врз нејзиното достоинство и добра волја, очекувано мора да резултира со соодветна реакција на ЕУ. Во спротивно, Унијата ќе биде сѐ помалку атрактивна поради разочараност во нејзините вредности за сите, и кон сите, и тоа во еден многу чувствителен политички и безбедносен период, кога на тлото на Европа се води жестока војна.
Оваа порака до ЕУ, граѓаните на Македонија најсилно ќе може да ја испратат, ако утре на 4 февруари покажат повеќе европско однесување од она што други го демонстрираат кон нас.
Спокојно, мирно, достоинствено, со верба и самодоверба, и со длабок пиетет кон великанот, чие дело е вградено во денешната слобода и држава, но и во европскиот принцип за обединетост во културната различност, срцевина на мотото на Делчев.
Тоа е најмалку што може да направиме за да не се засрамиме пред нашиот великан, ниту тој од нас. По стаменоста треба да нѐ познаваат и да нè препознаваат сите.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија