Подземната градинка на надземната република

Македонија е преполна со мистични приказни и преполна со чуда. Небаре сме излегле од перото на најголемите мајстори на дистопичните приказни. Едно од, за мене, најголемите и најмистични чуда е градењето згради во Скопје и во целата држава на која оваа паланка ѝ се претставува како главен град.

Не толку поради фактот дека воопшто не се разбирам од градежништво и архитектура, туку најмногу поради тоа што дури јас сфатам дека некаде се гради некоја зграда, до неа веќе никнала нова.

Се прават некакви генерални и некакви детални урбанистички планови без некој воопшто да знае во чие име тие се прават и зошто се прават токму така како што се прават. На пример, за мене, една од најголемите тајни на современата македонска држава ќе остане прашањето кој е автор на проектот „Скопје 2014“, кој реши тие згради да изгледаат онака како што изгледаат и да никнат онаму каде што никнаа?

Но, секако, уште поголема мистерија е прашањето зошто граѓаните ќе разберат дека нешто се гради во нивното непосредно соседство дури кога просторот ќе се огради со тараби или веќе ќе се појават багерите да го расчистуваат теренот. И кога конечно соседите ќе разберат што им се случува во дворот, веќе ќе биде доцна.

Едноставно, не се може против ДУП-от и против ГУП-от, бидејќи тоа се некои документи кои се директно од Бога дадени и во камен исклесани. И кога, онака грешни, залудно ќе го споменувате името на Бога, пардон на ДУП-от, љубезно ќе ви биде објаснето дека таква била желбата на инвеститорот. А инвеститорот, ете, сонувал, некакви облакодери во центарот на Скопје и сонот – му се остварил!

Во светот постојат таканаречени инклузивни градинки што се прилагодени и за деца со атипичен развој, спортски градинки, каде што посебен акцент е ставен на физичката култура, дури и градинки со креативни работилници од областа на уметноста, а кај нас, ете, подземни градинки!

За волја на вистината, соновите не мора секогаш да бидат лоши. Напротив. Некогаш токму преку нив се стасува до мошне иновантни решенија. Еве, и покрај сите неверојатни информации за „бугарското знаме“ во нашиот спот за Евровизија, за „запленетиот“ путер, за апсењето на Камчев, за чекањето на вакцините, како божем да станува збор за Годо…, мене вниманието ми го привлече веста дека планерите, оние што на сметка на инвеститорот, го прават фамозниот ДУП за паркингот кај хотелот „Холидеј ин“, извесна планерска фирма „Билд урбан“, биле доволно хумани и предвиделе детска градинка за децата што ќе живеат во овие силни повеќекатници. И тоа не „обична“ детска градинка, туку градинка – под земја!

Не е тешко да се проникне во оваа навистина иновантна и целосно оригинална идеја. До појавата на подземната или подрумската градинка (да не кажеме: градинка во визба), Македонија, за разлика од суровиот капиталистички свет, препознаваше главно само два типа градинки: приватни и јавни. И еве сега: подземни.

Во светот, па и во опкружувањето, како што соседните земји денес се нарекуваат, освен приватни и јавни има уште, ете, неколку други типови градинки. На пример, постојат таканаречени инклузивни градинки што се прилагодени и за деца со атипичен развој, спортски градинки, каде што посебен акцент е ставен на физичката култура, дури и градинки со креативни работилници од областа на уметноста… Во Хрватска од пред некоја година функционираат и „шумските“ градинки, инаку тренд во светот, каде што децата поголемиот дел од престојот во градинката го поминуваат во природа. Ама никаде, баш никаде не видовме дека постои детска подземна градинка.

Едноставно не знам како педагозите досега не се сетиле на оваа идеја.

Подземната градинка има свои предности. Дечињата нема да бидат изложени на загадениот воздух, ќе бидат заштитени од надворешните влијанија, нема да добијат корона, нема да истрчуваат и претрчуваат на улица, ќе се запознаат од прва рака со животот на стаорците и другите креатури што живеат во подземјето, ќе видат точно што значи влага, нема да осетат што е провев итн.

За да му падне некому на памет да ги затвори децата во подрум и тоа официјално да го презентира како некакво решение, тој треба да поседува извесна доза монструозна ингениозност и огромно количество мизантропија

А знаете што сѐ може да се добие со оваа иновација? Колку само квадратни метри станбена и деловна површина во централното градско подрачје? Веројатно и некое паркинг-место, освен оние подземни гаражи што ќе бидат околу планираната градинка. Впрочем, ова може да стане и тренд: повеќето подземни гаражи да се пренаменат за градинки, а постоечките градинки да станат трговски центри. Ех, колку сѐ можности се отвораат.

Просто ми доаѓа да воскликнам (поточно, да крикнам): Добро, бре, луѓе, дали сте вие навистина нормални!? Како воопшто некому може да му падне на ум да проектира, лепи маркички, планира, предвидува или што и да е – подземна градинка? Мислам дека е просто неможно вакви идеи да им паѓаат на памет на „просечните“ луѓе, па и урбанисти. Па, дури и на таканаречените инвеститори.

За да му падне некому на памет да ги затвори децата во подрум и тоа официјално да го презентира како некакво решение, тој треба да поседува извесна доза монструозна ингениозност и огромно количество мизантропија.

Овој проект, вака како што е замислен, веројатно нема да се реализира. А можеби и ќе се реализира. Па, Македонија не е бадијала земја на чудата.