Погрешен модел

Како сакате наречете го придонесот на ЕУ и САД за стабилноста и интеграциската перспектива на нашта земја – посредништво, олеснување, медијаторство – ама ниеден важен договор за Македонија не беше донесен без нивно учество. Кој би го спорел или релативизирал тоа, или е неискрен, или без капацитет да го разбере тој влог, иако сме му наоѓале многу мани.

Во изминатите децении низ медиумите дефилираа многу „претскажувачи“ и кадровски рестлови од безбедносни служби на поранешната СФРЈ, секогаш со опскурни тврдења дека виделе релевантни американски или британски извештаи на едикојси, според кои, за Македонија било оценето дека не треба да опстои повеќе од пет години, туку ќе се распадне.

Поминаа шест петтолетки. Имаше случај и кога бевме многу блиску до работ, како во 2001 година, но ни тогаш мрачните прогнози не се остварија. Во дел од овдешните толкувања, никогаш не се најде добар збор за тие напори, „заборавајќи“ каква би била алтернативата ако не добиеше шанса мирот.

Иако со Охридскиот договор не ни процвета кохезијата на очекуваното ниво, факт е дека драстично се намалија внатрешните конфронтации по етнички линии.

Се разбира, ниеден договор не е совршен и јасно е дека во сите тие процеси имаше големи и болни компромиси од македонска страна, охрабрувани со пријателската препорака „покажете мудрост и визија, бидејќи само уште ова ве дели од целта“.

Но, тоа „последно нешто“ требаше да биде Преспанскиот договор,  односно компромисот за промена на името на државата. Немаше пример за поголем компромис во современата историја. Токму поради таа превисока „цена“, договорот беше препорачан како калауз за наш влез во НАТО и во ЕУ. 

Со едни исти воопштени пораки за разни ситуации не може да се јакне поддршката и аргументацијата за уставните измени, бидејќи не се прави разлика на кого што му се става на товар

Откако калаузот ја отвори вратата на НАТО, ама не и на ЕУ, компромисот од очекувана интеграциска инвестиција се претвори во интеграциска фрустрација со продолжено дејство, благодарение на ветото на Франција, потоа на Бугарија, а потоа и на содржината на францускиот (европски) предлог.

Оттука, по 2019 година, и на европската, и на американската администрација требаше да им биде јасно дека во земја која не по своја волја добила привремена референца и променила и знаме и име, политички неодговорно, дипломатски непристојно и човечки безобразно е повеќе да се спомнува зборот „компромис“ или синтагмата „спроведете го уште ова“.

Остана впечатокот дека можеби под притисок на „поважни теми“, на војната во Украина и нејзините рефлексии, одлучувачките европски и американски функционери како да немале време да се запознаваат со сите суптилности на францускиот предлог, кој длабоко ги потцени, разочара и ги изневери очекувањата на македонските граѓани. Во краен ефект, тој се сврте и против неговите креатори.

Дијалогот што беше препознаен како најемблематичен продукт на компромисната и мирољубива политика на Македонија, креаторите на предлогот сами го претворија во антипод на сето тоа. Затоа и земјите во кои македонските компромисни договори требаше да станат извозен продукт и да бидат мотивација и инспирација за решавање замрзнати конфликти (Србија, Косово, БиХ), се случи обратното.

Македонскиот пример таму беше дочекан како последно предупредување против каков било можен компромис: „Не правете компромиси. Видовте како ги зафркнаа Македонците откако го сменија името?“ 

Тоа беше пораката што ја исчита регионот од политиките на големите.  Затоа, наместо чекор напред, довербата кон демократските икони отиде десет чекори назад.

Амбасадорката Агелер денес генерално е во право кога вели дека „наместо да бидат заглавени во историски прашања и контексти, тоа што е барање на граѓаните од политичарите што ги избрале, е тие да работат за нивните интереси и да ја придвижат земјата кон ЕУ“.

Но, оваа порака не треба да ја адресира ни до македонските граѓани, ни до македонските политичари, доколку ја знае суштината на проблемот со францускиот предлог. Заглавувањето во историски прашања и контексти е барање на Бугарија, а не на Македонија.

Затоа, со едни исти воопштени пораки за разни ситуации не може да се јакне поддршката и аргументацијата за уставните измени, бидејќи не се прави разлика на кого што му се става на товар.

Амбасадорката Агелер генерално е во право и кога потсетува на пораките што дојдоа од Брисел и од Делегацијата на ЕУ во Скопје, потенцирајќи дека е лажна вест оти некој може да го репреговара договорот постигнат минатото лето, и дека е можен подобар договор. Да, навистина така кажаа од Брисел.

Ама да не бидеме селективни. Од Брисел, Париз, Берлин и од други политички центри кажаа и дека Преспанскиот договор ќе ги отвори вратите на Македонија во ЕУ. А тоа, исто така, се покажа дека е лажна вест. Кој во ЕУ понесе одговорност за дистрибуирање лажни вести во 2018 година? Никој!

Врз база на таа вест (ќе ви се отворат вратите во НАТО и во ЕУ) ја направивме најголемата отстапка. Денес, без никаква непријатност, ни велат дека не можат да ја сменат преговарачката рамка. А ние го сменивме името на државата. И по ова како да не паѓа довербата?

Очигледно, поминаа времињата кога зборот колку-толку вредеше и  тежеше, кога на политичката сцена имаше политичари од габарит. Нема да коментирам од каков „штоф“ се тие што денес ги водат овие процеси, но едно е извесно – ги водат во насока што ќе го дестабилизира Балканот, и за тоа сигурно нема да биде виновна Русија.

Тоа што земјата била кооперативна за дијалог, не значи дека некој безгранично може да поддржува експериментирање со нејзината издржливост на нови услови, или да ја плаши со изолација

И САД како да паѓаат на ова прашање. Изгледаше дека имаат некоја стратегија што не сме доволно едуцирани да ја разбереме, но видливо е дека таа сѐ повеќе наликува на импровизација, а и на дезориентација.

Еве една илустрација. Кристофер Хил, актуелниот амбасадор на САД во Белград, (некогаш и во Скопје), на социјалните мрежи го објави спотот „Србија оди кон Запад“, во кој како промотори на западните вредности, покрај премиерката Ана Брнабиќ и други лица, го вметна и сопственикот на ТВ Пинк, Жељко Митровиќ. И ова не е виц, туку брутална реалност. А Митровиќ, во српската јавност се доживува како тотален антипод на сѐ што е западно: од промотор на руска пропаганда, спонзор на медиумското вазалство и мрак, синоним за кич, евтини реалити шоуа и матни врски.

Во спотот е вметната реченица на Митровиќ, која гласи: „Ние сме западна земја де факто. Самите еднаш мора да си признаеме дека тоа е наш пат, единствена работа што може побргу да нѐ води во подобар животен стандард на граѓаните, во побрзо созревање на општеството“.

Проблемот е што Митровиќ ова никогаш не го покажал во општествената пракса, па не треба да се објаснува зошто овој потег на Хил беше дочекан како студен туш во дел од српската јавност, која искрено се бори за западни вредности, и токму поради тоа честопати е мета на медиумски отстрел кај Митровиќ.

Но, колку што беше чудна „западната номинација“, уште почудна е амбасадорската аргументација.

„Кога ќе слушнам дека кој било во Србија – посебно тие што привлекуваат бројна публика, а особено ако таа публика е неодлучна – вели дека Србија е западна земја и дека нејзиниот иден просперитет зависи од подлабоки евроатлантски интеграции, мислам дека тоа е порака што вреди да се повтори. Не е до мене да доведувам во прашање нечија искреност. Кога некој ќе каже дека Србија е западна земја, дека предностите на таа ориентација се опипливи и дека нејзината најдобра можна иднина е во Европа, тоа е порака со која секогаш ќе се согласувам и ќе продолжам да ја ширам колку што можам“, објасни Хил. 

Колумнистот Дејан Илиќ („Ситно писмо“, Пешчаник) објасни што американскиот амбасадор би морал да знае: „И нормално Хил би морал да знае, сепак не е нов овде, дека во Србија се популарни, т.е. привлекуваат бројна публика токму тие што го распламтуваат антиамериканското расположение. Мораш да бидеш против Америка за да привлечеш бројна публика, толку е едноставно“.

И сега, ем прозападната јавност си ја навредил и си ја изгубил со самото промовирање на Митровиќ како „модел“, ем неговите истомисленици, не само што нема да се закачат за западната јадица, туку се исмејуваат на проѕирната тактика. Резултат – дупло ништо. 

И во нашиот случај е јасно зошто дојдовме до дупло ништо. Тоа што земјата била кооперативна за дијалог, не значи дека некој безгранично може да поддржува експериментирање со нејзината издржливост на нови услови, или да ја плаши со изолација.

Затоа што по децениска сиромаштија и изневерени надежи, последното што им останува на граѓаните е да си го одбранат најскапото – достоинството. Од него почнуваат сите вредности, па и западните. 

Ова не би требало да е тешко за разбирање.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија