Јавниот долг од вчера и официјално надмина 50% од БДП. Што има толку посебно во тие 50%? Всушност, ништо. Тие 50% се повеќе некаква симболика, отколку што навистина значат нешто. Повеќе се некаква црвена линија во главите на луѓето, отколку што навистина означуваат праг за висока задолженост. Не постои нешто такво како праг за висока задолженост во економската наука. Најблиску до некаков таков праг се оние 60%, пропишани со критериумите од Мастрихт за конвергенција кон еврото, но ни тие денес не значат многу. Денес речиси и да нема развиена економија во Европа (или светот) со јавен долг под овие 60%. Јапонија, на пример, веќе цела деценија има јавен долг од скоро 200% од БДП, па не гледам дека пропаѓаат.
Но, да не се разбереме погрешно, ова сепак не значи дека Македонија е ниско задолжена земја. Македонија дефинитивно има едно од пониските нивоа на јавен долг во Европа. Нашиот долг е низок дури кога ќе се спореди со земјите од регионот. Графикон 1 подолу го прикажува долгот на општата влада (т.е. јавниот долг, намален за долгот на јавните претпријатија; за овој долг има конзистентни податоци по земји), за земјите од регионот, за 2015 година. Може да се види дека во регионот само Косово и Бугарија имаат понизок долг од нас.
Графикон 1: Долг на општата влада за земјите од регионот во 2015 година (% од БДП)
Извор: Меѓународен монетарен фонд
Сепак, Македонија, истовремено е и една од најмалку развиените земји во Европа, а во економската наука е добро познато дека помалку развиените земји не можат да толерираат нивоа на долг како што можат поразвиените. Бројни се примерите на земји кои банкротирале со долг колку што е денес македонскиот. Најпознат е оној на Аргентина, од 2001 година, кога Аргентина банкротираше, иако имаше јавен долг од „само“ 50% од БДП.
Но, вистинскиот проблем со нашиот јавен долг не е во неговото ниво. Вистинскиот проблем е што тој вртоглаво расте. Долгот во 2008 година изнесуваше 1,5 милијарда евра, а денеска изнесува повеќе од 4,7 милијарди (Графикон 2). За 8 години се зголеми повеќе од трикратно. Секојдневно се зголемува за повеќе од 1 милион евра.
Графикон 2: Јавен долг на Македонија од 2006 до 2016 (милиони евра)
Извор: Министерство за финансии
Проблем е и тоа што овие пари се потрошија на непродуктивни работи. Да се изградеа хидроцентрали, болници, училишта или фабрики со нив, немаше да има никаков проблем. Ама, не, тие се потрошија на „Скопје 2014“, на зголемување на пензии, на вработување партиски кадри во јавната администрација, на сомнителни тендери за јавни набавки…
Проблем е и тоа што овие пари еден ден ќе треба да се вратат. Оваа година, нашата држава ќе даде 110 милиони евра како камата на долгот. Да останеше долгот на нивото од 2008 година, цехот за камати ќе беше понизок за 70 милиони евра (Графикон 3). Со тие пари ќе можеа да се изградат два најсовремени клинички центра. Овие трошоци за камати само ќе растат, ако нешто не се смени, и на крајот ќе паднат на грбот на идните генерации.
Графикон 3: Камати што Македонија ги плаќаат на долгот, 2006-2016 (милиони евра)
Извор: Министерство за финансии
Главното прашање е – што треба да се направи за да се сменат работите? Одговорот е во два збора – фискална консолидација. Овој термин веќе почнуваме да го слушаме, а ќе го слушаме уште почесто во наредниот период. Фискална консолидација значи дека треба да се намалат буџетските дефицити, т.е. дека треба да се забави темпото на раст на јавниот долг. Мислам дека речиси нема економист во државава кој ќе каже дека не е потребна фискална консолидација. Но, прашањето е – како да се спроведе консолидацијата?
Таа мора да се изведе многу внимателно, за да не се направат социјални штети. Фокусот не смее да биде на кратење на буџетските расходи (преку намалување на платите или на социјалната помош, или отпуштања на вработените), туку на зголемување на приходите. Македонија има релативно ниски буџетски приходи, едни од најниските во Европа и во регионот (Графикон 4), така што, има простор за зголемување на приходите.
Графикон 4: Буџетски приходи за земјите од регионот во 2015 година (% од БДП)
Извор: Меѓународен монетарен фонд
Приходите не смеат да се зголемат преку униформно зголемување на даноците туку преку даночење на побогатите, зашто имаме исклучително високи нивоа на сиромаштија и доходовна нееднаквост. Фокусот треба да биде на даночење на капиталот, а не на трудот, зашто приходите од капитал кај нас се несразмерно големи во однос на приходите од трудот.
Доколку се спроведат овие работи, има надеж.