Пораката на една честитка

Роденденската честитка на Латас до некогашниот шеф на тајната полиција, всушност, и не е преседан, таа само ја покажува практиката на медиумите речиси цела деценија откога ВМРО-ДПМНЕ е на власт, секој ден некому да му го честитаат „роденденот“… На Мијалков или кому веќе треба…

Не е упатно да се зборува за етиката во односите меѓу новинарството и политиката, поточно меѓу медиумите и политичките партии на власт, особено не во Македонија и особено не за интерперсоналните односи. Сепак, своевидно евидентирање на некои од овие манифестирани девијации на јавниот простор би требало да биде полезно, па дури и нужно, барем како забелешка дека, сепак, биле забележани.

Всушност, ние и не сме ја забележале роденденската честитка на Мијалков, затоа што, едноставно, не ги следиме тие програми кои ни предизвикуваат мачнина. „Допрениот глас“ дека уредникот на информативната програма на една од телевизиите со национална концесија, преку етерот, во рамките на централната информативна емисија, му честитал роденден на еден бивш висок полициски функционер, не беше можеби некое големо изненадување (затоа што истото го направија и некои провладини портали), но сепак се чинеше малку претерано.

Без оглед на тоа што се работи за ТВ Сител, за Драган Павловиќ Латас и за славеникот Сашо Мијалков, инаку една од главните ѕвезди на „бомбите“ на Заев, „допрениот глас“ се покажа како точен. Конечно, овој „детаљ“ од ударниот дневник на Сител го доби своето заслужено место и во „Саботажа“ на Среќко Поповски што се емитува на ТВ Алсат и која несомнено е еден од најверодостојните медиумски производи што (сѐ уште) се емитуваа.

Честитањето родендени на свои пријатели не е некоја новина на медиумскиот простор. Низа телевизии и радија го имале и го имаат овој сегмент во своите програми. Дури и некогашното Радио Скопје, денес Македонско радио, го користеше јавниот етер за емитување честитки. Меѓутоа, тие се емитуваа во посебна емисија, а не во радио-дневникот (уште се помнат некои од фамозните лапсуси на легендарниот водител на „Желби и честитки“ – Ѓоко Георгиев) и секогаш беа желби од слушателите, а никогаш не од новинарите на тоа радио.

Што се однесува до таканаречените приватни медиуми (иако сите медиуми се јавни, а само сопственоста е приватна), за повеќето од нив честитањето и тоа во посебни термини, а не во информативните програми, значеше дополнителен извор на приходи, бидејќи честитките се наплаќаа. Не сум сигурен дека уредникот Латас, со оглед на тоа што е уредник, го платил задоволството преку етер да му го честита роденденот на својот пријател туку, напротив, убеден сум дека ја (зло)употребил својата позиција и безобразно го приватизирал јавниот медиумски простор.

Овде не станува збор за приватизација на медиумот, барем не во класичната смисла на зборот, затоа што дури ни Латас не ги искористил „своите“ информативни емисии да им честита родендени, на пример, на членовите на неговото семејство или на пријателите кои не се јавни личности или чии имиња ја немаат „тежината“ на разузнавачот во оставка.

latas-vesti

Да претпоставиме дека некогашниот прв човек на тајната полиција навистина му е најдобар пријател на нашиот „јунак“ кој решил да го изненади за неговиот јубилеен роденден. Конечно, ова не е невозможно, затоа што, своевремено, истиот новинар-јунак тврдеше дека премиерот Никола Груевски му е куќен пријател. Сево ова, пак, дополнително сведочи за (не)веродостојноста на програмата што тој ја уредува.

Човечки е да не може да се биде објективен кон своите пријатели, како што не може да се биде објективен ни кон своите непријатели. Во тие ситуации, имено, не се ценат постапките туку луѓето, а тоа е дефиниција за субјективна, значи неновинарска, проценка. Во овој контекст повторно ќе ги спомнеме порталите што исто така му го честитаа роденденот на Мијалков, па оттука произлегува дека доскорашниот шеф на тајната полиција има низа големи пријатели, кои истовремено се и битни фактори во македонскиот медиумски простор. Самиот овој факт јасно говори во каков јавен медиумски простор живееме – во приватен или приватизиран, и тоа од тајната полиција!

Постапката на уредникот на Сител не е приватна честитка туку приватна порака. И не до Мијалков туку до севкупниот политички врв (кому уредникот му се додворува) и до гледачите (коишто уредникот ги манипулира). А пораката е едноставна и може да се сведе на детско инаетење од типот: „Не ни можете ништо“. Зашто ниту моментот (изборот на специјалната јавна обвинителка), ниту човекот (еден од оние што би требало да бидат главноосомничени во евентуалните процеси произлезени од „бомбите“) не се случајно избрани. Пораката е: „Ние продолжуваме со истите методи, а вие плукнете ни под прозорец“, без оглед на „бомбите“ кои соопштуваат наводи за тешки криминали и големата морална ерозија соголена до коска во телефонските разговори.

Потегот на Латас, досега невиден на овдешниот медиумски простор, на едно сиболичко ниво, всушност и не е некоја новина. (Овде ги изземаме редовните роденденски честитки до премиерот Груевски, затоа што се работи за актуелен политичар кој одамна си го има однегувано сопствениот култ на личноста.) Станува збор само за потранспарентно покажување на практиката што владее во македонскиот медиумски простор речиси цела деценија, откога ВМРО-ДПМНЕ е на власт. Имено, медиумите и не прават ништо друго туку секој ден му го честитаат роденденот на Мијалков. Или кому веќе треба!