„Пишуваат дека се враќа фашизмот. Тоа звучи исто како некаде да бил.“
Директниот повод на почетокот на овој текст да го цитирам Дамир Авдиќ, односно неговиот стих од песната „51“, секако е 9 Мај, Денот на победата над фашизмот. Причините, се разбира, се многу подлабоки.
На пример, длабоко заболеното општество на чии екстремно трагични симптоми можевме да посведочиме со минатонеделните масовни убиства во нашето непосредно соседство. Ете, медиумите јавуваат дека масовниот убиец од Младеновац, со своите уште ненаполнети 21 година, бил следбеник на Хитлер, најпознатиот и најефикасниот масовен убиец во минатиот век.
Некому веројатно ќе му изгледа натегнато споменувањето на крвавиот масакр во селата во близина на Младеновац и Смедерево во контекст на „враќањето на фашизмот“, само поради фактот што убиецот што поседувал автоматско вооружување и рачни бомби имал истетовирано некакви нацистички симболи на своето тело. И веројатно ќе биде во право. Фашизмот не го прави еден човек. Го правиме сите ние.
А тој еден човек, кој утре ќе биде двајца, десетмина, стотина, илјадници… е производ на сите нас. И не е ова никаква релативизација на грозоморниот чин со преземање на колективната одговорност. Напротив. Затворање на очите се тврдењата дека станува збор за изолирани и психички тешко заболени ликови.
Што е фашизмот? Нема тука да ги повторувам дефинициите на Умберто Еко и многу други, туку ќе се обидам најрационално да набројам некои од неговите постулати и „вредности“, толку присутни и привлечни и денес, речиси осум децении по неговиот формален пораз.
Значи, станува збор за: верата, нацијата, традиционалното семејство, антикомунизмот, историскиот ревизионизам, белата раса и зачувувањето на таканаречената цивилизација. Вака поставената шема, инстантно за непријатели ги прогласува омразените елити, мигрантите, иноверците и секако ЛГБТ луѓето. И сето тоа во име на малиот, обичен и обесправен човек.
Се препознавте некаде во овие „вредности“? Ако одговорот е позитивен, тогаш бидете убедени дека некоја семка на фашизмот клечи и во вас.
Мазохистичката носталгија за фашистичкиот ред и поредок, за општествената дисциплина и цврстата рака што ќе дојде и ќе ги реши проблемите и ќе промени сѐ останува силна и денес. И ќе се засилува натаму
Корените на оваа идеологија, на чие јаже и ние и Европа веќе висевме, лежат во недовербата кон државните и општествените институции (та не сме белки ние виновни за нашата обесправеност), кои треба да се заменат со „природната“ симбиоза на „силниот“ водач со плебсот во стриктно нормативизираното сталешко општество, потпрено на милитаризмот и идејата за територијално ширење (исправање на историските „грешки“). Има да се знае кому каде му е местото.
Отприлика точно на стогодишнината од озлогласениот Марш на Рим (28 октомври 1922 година), кога поранешниот новинар Бенито Мусолини ја презеде власта во Италија, во таа иста земја, владата ја формира неговата отворена следбеничка Џорџа Мелони.
Мотото на нејзината партија Италијански браќа е „Бог, татковина, семејство“. Една од нејзините изјави гласи: „Мусолини беше добар политичар и сѐ што работеше, работеше за Италија, што не беше случај со нашите политичари во последните педесет години“.
Внуката на Бенито Мусолини, Алесандра Мусолини (позната по изјавата дека е подобро да бидеш фашист отколку хомосексуалец) во 2004 година беше избрана во Европскиот парламент, а другата внука, Рашела Мусолини (за која фашизмот е комплексно прашање, кое не смее да се гледа еднозначно), токму како претставник на партијата на Мелони, е во римското собрание.
На едно место, Иван Ивањи ќе напише дека „Мусолини беше образован човек, зборуваше седум јазици, многу читаше, свиреше виолина. Хитлер, во споредба со него, беше примитивец и незнајко“.
Италија, за волја на вистината, никогаш не направи дефашизација, никогаш не ги лустрираше своите фашисти. Во времето на Студената војна, за Западот беше многу поважно да се уништи моќната италијанска комунистичка партија (преку два милиони членови), отколку да се „чисти“ општеството од малигниот фашистички тумор. А тој тумор, како и сите малигни тумори, ја има тенденцијата прогресивно да се шири и да навлегува во цела Европа.
Мазохистичката носталгија за фашистичкиот ред и поредок, за општествената дисциплина и цврстата рака што ќе дојде и ќе ги реши проблемите и ќе промени сѐ, останува силна и денес. И ќе се засилува натаму.
Да почнеме од банални примери. Ако сакате да патувате некаде, тогаш морате да купите авиобилет што се наоѓа на вечна аукција. И ако купите поскап билет од наводно евтините, тогаш вие сте тој што е неспособен, оној кого не го бива да се снајде во компетитивниот глобалистички свет.
Утре го славиме Денот на победата над фашизмот. Го победивме ли? Не. Фашизмот никаде и не отиде, за да се врати. Тој е тука, меѓу нас
Ако не знаете да пополните некаков формулар пред еден од бројните шалтери или на некоја интернет-страница, тогаш вие сте смотаниот, неписмениот, неприлагодениот на новото време. Ако не успеете да се снајдете со разно-разните термини за лекари, возачки дозволи, патни исправи, лични карти, изводи од матичната книга на родените, умреници, венчаници, полномоштва, банкарски изводи, кредити, акции, валути, биткоини итн., вие сте маргиналецот на општеството. Вам ви се потсмеваат. Вие сте фрустрираниот.
Некој е виновен за вашата фрустрација. А вие секако не сте. Виновен е несредениот систем. Системот што нема ред и каде што не се знае веќе ниту кој пие, ниту кој плаќа. И што ќе преземете во врска со тоа. Што ќе преземе вашето дете? Какви ќе му бидат идеалите и кои ќе му бидат идолите?
Некаде веќе напишав дека Белград не е далеку, дека живееме во ист или сличен систем на вредности, дека подеднакво живееме во време на непостоење на извесноста на казната, дека се восхитуваме на исти или слични антихерои, дека корупцијата е на исто или слично ниво, дека судството ни е подеднакво гнило, дека гледаме исти ријалити програми, дека медиумите ни се подеднакво неписмени, дека културата ни е сосема на маргините, дека образованието ни е најдолна граница…
Ќе го повторам прашањето: кој ни е виновен? Сите други, освен нас. Тик-ток ни е виновен. Криминалистичките филмови ни се виновни. Социјалните мрежи ни се виновни. Вештачката интелигенција ни е виновна. Западот ни е виновен.
Тоа што чуваме оружје по дома за свадби, крштевки и празници е само дел од нашата славна традиција. Тоа што ги учиме децата дека е поважно да се снајдат во животот, отколку да научат нешто е, исто така, дел од нашата итарпејовска традиција. Ама затоа, на пример, родовата идеологија го уништува „природниот пол“, геј-популацијата го уништува „природното“ семејство, мигрантите ја уништуваат нацијата…
Утре го славиме Денот на победата над фашизмот. Го победивме ли? Не. Фашизмот никаде и не отиде, за да се врати. Тој е тука, меѓу нас.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија