Регион

Зуроф ја предупредува Хрватска поради „фашистичката носталгија“

Ефраим Зуроф, директор на Центарот „Симон Визентал“ за Израел и Источна Европа, за БИРН вели дека следната хрватска влада мора да се конфронтира со политичарите кои се обидуваат да го рехабилитираат фашистичкиот режим кој владеел во Втората светска војна во оваа држава.

Пишува: Свен Милекиќ

Ефраим Зуроф / Фото: Свен Милекиќ; БИРН

Ефраим Зуроф / Фото: Свен Милекиќ; БИРН

Ефраим Зуроф, гласен критичар на поранешната десничарска влада на Хрватска, поради нејзиниот став кон историјата од Втората светска војна во оваа земја, профашистичката Независна држава Хрватска (НДХ) и кон усташкото движење, во интервју за БИРН вели дека следната влада мора да се дистанцира од фашистичко минато.

„Усташите беа масовни убијци, извршија геноцид, и во основа не заслужуваат никакво признание или чест. Тие се срам за Хрватска, а не гордост на Хрватска“, ни изјави Зуроф, за време на неговата посета на Загреб.

Еден од оние кои Зуроф најмногу ги критикуваше, е контроверзниот министер за култура во владата на ХДЗ, Златко Хасанбеговиќ, кој во 90-тите години, додека бил студент, пишувал за профашистички весник.

„Теоретски, за еден човек како него, не постои место во влада на земја од ЕУ. Овој човек е поддржувач или симпатизер на усташите, наречете го како сакате“, вели Зуроф.

Хасанбеговиќ ги отфрли сите тврдења дека ги поддржува злосторниците: „Никогаш не сум бил апологет на ниту еден злосторнички режим, ниту усташкиот, ниту комунистичкиот“, изјави тој во февруари.

Зуроф посочи дека ако владата на ХДЗ се врати на власт – што е многу веројатно, по минатонеделните избори – и доколку таа не се справи со усташката носталгија што преовладува во нејзините редови, тоа може да доведе до ескалација на проблемот и до зголемување на економските проблеми во земјата.

Посочува и кон ЕУ, за која смета дека треба да биде повеќе критична кон Хрватска, не само поради тоа што Загреб треба да ги почитува европските вредности, туку и поради тоа што искривувањето на историјата од Втората светска војна, претставува поширок проблем во Централна и Источна Европа.

„Несомнено е дека овој проблем не се појавува само во Република Хрватска. Искривувањето на вистината за холокаустот се прошири низ Источна Европа. Во Балтичките земји, Унгарија, Романија, Украина и во Хрватска – ова се главните држави во кои ова се случува“, вели тој.

„Проблем е што на земјата ѝ требаат херои. А многу од овие херои во посткомунистичките земји се бореа против комунистите, убиваа Евреи и Срби за време на холокаустот и во Втората светска војна, што, теоретски, од нив не треба да прави херои, но тоа овде не е случај“, објаснува тој.

Зуроф го критикуваше процесот на канонизација на хрватскиот кардиналот од Втората светска војна, Алојзије Степинац, кого Окружниот суд во Загреб го рехабилитира, поништувајќи ја пресудата од времето на комунизмот, со која тој беше прогласен за виновен за соработка со нацистичка Германија.

„Секое лице кое му служело на усташкиот режим не заслужува чест (канонизација“, вели тој.

Нагласува дека луѓето кои тврдат дека фашистичките злосторства не се разликуваат од комунистичките, се обидуваат да „се ослободат од одговорноста за злосторствата на Холокаустот“.

Во Хрватска, убиствата во усташкиот концентрационен логор Јасеновац, често се споредуваат со убиствата на усташите, на затворениците и на цивилите, поддржувачи на НДХ, кои партизаните во мај 1945 година, кога ги враќале во Југославија од австриската општина Блајбург, ги убиле.

Споменикот на местото на поранешниот логор Јасеновац. Фото: Викимедиа комонс; Берн Барч

Споменикот на местото на поранешниот логор Јасеновац. Фото: Викимедиа комонс; Берн Барч

Од август 1941 до април 1945 година, во овој логор усташите убивале Срби, Евреи, Роми и хрватски антифашисти. Досега, Меморијалниот центар Јасеновац, успеа да именува 83.145 жртви, иако генерално се смета дека нивниот број е помеѓу 100.000 и 110.000.

Партизаните ликвидирале непознат број на членови на усташкото движење и на силите на НДХ – како и на други сили кои соработувале со фашистите – и непознат број на цивили кои ги следеле, откако претходно тие ѝ се предале на британската војска во Блајбург.

Во Југославија, семејствата на жртвите, во знак на сеќавање, се собираа во Блајбург, каде делумно ја величеа и поразената НДХ, поради што ова место стана симболично место за хрватските десничари. Откако Хрватска стана независна, настанот официјално започна да го одбележува и самата држава.

Сепак, Зуроф предупреди дека „Блајбург не е Јасеновац“, бидејќи дел од затворениците кои биле убиени, биле нацистички соработници. „Значи, целата оваа работа е само обид да се релативизира сѐ“, нагласува тој.

Квазиисторичарите и екстремно-десничарските медиуми во Хрватска, се обидуваат да го намалат обемот на злосторствата извршени во Јасеновац. Документарниот филм „Јасеновац – Вистината“ на хрватскиот режисер Јаков Седлар, што беше премиерно прикажан на почетокот на оваа година, повторно го доведува во прашање бројот на жртви во логорот.

Зуроф вели дека ова е можно, бидејќи никогаш во Јасеновац не дошла „овластена заедничка меѓународна комисија која ќе ги истражи злосторствата“, со цел да се утврди вкупниот број на жртви.

Тој истакнува дека една од најпозитивните работи што Хрватска ја сторила во справувањето со проблематичното минато, е барањето за екстрадиција и судењето на Динко Шакиќ, поранешен усташки командант во Јасеновац, кој во Хрватска беше екстрадиран од Аргентина во 1998 година.

Шакиќ во 2000 година беше осуден на 20 години затвор за убиство на 2.200 луѓе.

„Во однос на овој случај, ќе истакнам поинаков проблем. Имено, поради некоја причина, нему не му се судеше за геноцид. Ова е политичка одлука. Но … за волја на вистината, единственото успешно процесирање на нацистички воен злосторник во Источна Европа … е случајот на Шакиќ“, вели Зуроф, споменувајќи два случаи во Латвија, во кои фашистички злосторници биле осудени, но никогаш не ја издржувале казната.

Тој е загрижен дека Хрватска, сепак, назадува, наведувајќи ја како пример популарноста на националистичкиот пејач, Марко Перковиќ Томсон, кој во своите песни го користи усташкиот слоган „за дом спремни“.

Во песната „Јасеновац и Градишка Стара“, Томпсон директно ги величи злосторствата на усташите. Неговите фанови често скандираат антисрпски слогани на неговите концерти, а дел од нив носат и усташки обележја.

„Ако Томпсон е најпопуларниот пејач во Хрватска, значи дека таму нешто не е во ред. Ако луѓето доаѓаат на неговите концерти со усташки капи, тогаш нешто не е во ред“, вели Зуроф.

Центарот Симон Визентал во Ерусалим и Зуроф, ги ’ловат’ нацистите и нивните соработници, одговорни за воени злосторства извршени за време на Втората светска војна.

„Имаме стотици живи нацистички воени злосторници кои можат да бидат изведени пред лицето на правдата. Но, речиси никој од нив нема да биде изведен пред лицето на правдата, а причината е во тоа што имаме само една земја која активно работи на нивно процесирање, а тоа е Германија“, вели тој.

Објаснува дека успехот на Германија во гонењето на воените злосторници произлегува од промената на политиката на обвинителството во оваа земја; секој кој служел во нацистички логор на смртта или бил припадник на СС одредите на смртта, сега може автоматски да се казни „најмалку за учество во убиство“.

Пред овие промени, судот морал да докажува дека против одредена жртва или жртви, било извршено индивидуално кривично дело.

Поради овие причини, вели тој, поранешниот стражар во Аушвиц, Јакоб Дензингер, успеал да го избегне гонењето. Тој почина во Осиек во февруари оваа година, без да биде изведен пред лицето на правдата.

„Германците го известија Младен Бајиќ, кој во тоа време беше хрватски јавен обвинител. Тие (хрватското државно обвинителство) започнаа истрага против него (Дензингер), но законот во Хрватска не беше променет, па не беше променета ниту политиката на обвинителството“, рече Зуроф.

„Да беше ова лице во Германија, ќе беше гонето, но во Хрватска не можеше“.