Права од прв и од други редови

На 16 декември 1966 година, со една резолуција на Обединетите нации, се усвоени два меѓународни договора, Меѓународниот пакт за граѓанските и политичките права и Меѓународниот пакт за економските, социјалните и културните права.

Ова е бездруго значаен датум во меѓународното практикување, а уште повеќе поимање на човековите права, кое ќе има и има сериозни реперкусии врз светот, а секако и врз нашата држава. И тоа во повеќе аспекти.

Овие два меѓународни договора, всушност, се финалето на повеќегодишната меѓународна дебата за имплементација на Универзалната декларација за човекови права (усвоена на 10 декември 1948 година) и првенствено покажуваат дека за меѓународната заедница, за разлика од прокламираното во Декларацијата, човековите права не се универзални и уште помалку се неделиви.

Долгогодишната расправа околу приоритетните права на луѓето се должи на, како што тоа се вели, геополитичката состојба, односно на условите на Студената војна. Западниот свет решително се залага за заштита на граѓанските и политичките слободи за сите луѓе, истовремено искажувајќи сомневање (а некогаш и директно противење) за регулирање на заштитата на економските и социјалните права со еден ваков меѓународен договор.

Од друга страна, Истокот има сосема спротивен став, првенствено заложувајќи се за социјалните и економските права, наспроти политичките и граѓанските слободи.

Во таа смисла, направен е компромис со донесување на двата документа. Но, она што е интересно е дека истовремено е донесен и Опционален протокол за спроведување на Меѓународниот пакт за граѓанските и политичките права. Потписниците на овој Пакт и овој протокол мораат веднаш да ги преземат сите обврски што ги наложува тој. Со други зборови, правото на живот, забраната на тортура и ропство, слободата на говорот, на вероисповедта, на здружувањето и останатите граѓански и политички права, во целост се гарантираат со ратификацијата на Пактот за граѓански и политички права.

Од друга страна, земјите-потписнички на Пактот за економски, социјални и културни права гарантираат постепена реализација на работничките права, правата на социјална заштита, здравство, домување, образование, животен стандард… сѐ до нивното целосно задоволување. Кое, нели, може да се случи, ама не мора да значи!

Што значи ова конкретно? Вие, на пример, можете да ја тужите државата во Европскиот суд за човекови права во Стразбур затоа што таа не ви обезбедила судење во разумен рок. Но, не можете да ја тужите затоа што не ви обезбедила лекарски преглед во разумен рок. Или вадење лични документи во пристоен рок.

Како таканаречената меѓународна заедница гледа на економските, социјалните и на културните права, доволно говори фактот дека Опционалниот протокол за спроведување на овој Пакт е донесен дури 42 години подоцна, односно во 2008 година. И него го имаат потпишано само 22 земји. Македонија, погодувате, не е меѓу нив.

Вие, на пример, можете да ја тужите државата во Европскиот суд за човекови права во Стразбур затоа што таа не ви обезбедила судење во разумен рок. Но, не можете да ја тужите затоа што не ви обезбедила лекарски преглед во разумен рок

За волја на вистината, некои држави, како што е Јужноафриканската Република, во своите устави јасно ги имаат назначено овие права, па таму судските процедури за нивна заштита не се доведуваат во прашања. Од друга страна, Данска, на пример, при усвојувањето на Протоколот изразува резерва тврдејќи дека „повеќето права содржани во Пактот имаат неодредена природа и како такви немаат и не можат да произведат правно дејство“.

Ако економските и социјалните права се од „втор ред“, во однос на граѓанските и политичките, тогаш слободно можеме да кажеме дека културните права се најдолу на скалилото. Нив Пактот ги регулира во членот 15.

Станува збор за правото за учество во културниот живот, правото на користење на резултатите на научниот напредок, правото за заштита на моралните и материјалните интереси на научните и уметничките дела, правото на креативно изразување и правото на развивање на сопствената култура.

Во македонскиот Устав, културните права се регулирани во членот 47: „Се гарантира слободата на научното, уметничкото и на другите видови творештво. Се гарантираат правата што произлегуваат од научното, уметничкото или друг вид интелектуално творештво. Републиката го поттикнува, помага и го штити развојот на науката, уметноста и културата. Републиката го поттикнува и го помага научниот и технолошкиот развој. Републиката ги поттикнува и помага техничката култура и спортот.“

Иако, културните права се третирани и во повеќе други закони (Законот за култура, Законот за авторски права, како и за поединечните дејности), останува нејасно како се овозможува „учество во културниот живот“ или „пристапот до уметничките добра“, кога државата речиси ништо не прави за поддршка на дистрибутивната мрежа на културата.

Колку книжарници што продаваат „уметнички добра“, односно книги има во државата? Како и колку се снабдени? Колку киносали има? Како е овозможено учеството во „културниот живот“ и пристапот до „културните добра“ во руралните средини.

Домовите на културата, би рекле некаков рецидив од социјализмот, сѐ уште се главните културни дистрибутивни центри во внатрешноста. Замислени како своевидни омнибус-институции, тие се задолжени буквално за сите можни културни и уметнички настани, освен за продажба на културните добра.

За волја на вистината, со издвојување на 1,3 проценти од буџетот за ставката „рекреација, култура и религија“, тешко и можат да се очекуваат некои посериозни зафати во континуитет.

Се разбира дека ваквиот однос не е никакво изненадување затоа што кај нас сѐ уште е врежано мислењето дека културните права се луксуз, односно старата марксистичка теза дека културата не е база, туку надградба („првин да се наполни стомакот, а потоа театар“).

Во таа смисла, прилично е тешко да се замисли некој поединец што ќе се обрати до некоја судска инстанца да ја тужи државата затоа што не му овозможила пристап до некоја изложба, на пример. Ваквата позиција ѝ овозможува на државата да носи низа негативни дискрециски мерки, почнувајќи од кратењето на буџетот, па до одлуките што ќе преземе за реализирање на културните права.

За жал, овие практики можат да најдат своја потпора и во светското искуство со таканаречената „кансел култура“. Се сеќаваме сите на „канселирањето“ на руската уметност по агресијата на Русија врз Украина, а еве, неодамна стаса веста дека Франкфуртскиот саем на книгата го откажал врачувањето на наградата на палестинската авторка Аданија Шибли. Причина – нападот на Хамас врз Израел.

Поентата е дека човековите права се неделиви. Во случајов не може политичкото право на германскиот организатор да биде повисоко од правото на авторот и уште повеќе на правата на консументите на културата, па и на книгите на Шибли.

Значи, не може ниту политичкото дискрециско право на Владата на Република Северна Македонија да биде повисоко од правото на жител на Врбјани, на пример, да има пристап до некоја ликовна изложба. Или барем до добра книга.

Ама, ете, може.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија