Според мене, многу поважен датум во македонската историја од утрешниот празник, односно од 8 септември 1991 година, беше денот потоа – 9 септември 1991 година. За жал, тој 9 септември, тој прв ден на, ако може така да се каже, престолувањето на македонската сувереност, денот кога почнавме да ја градиме независноста, остана заборавен од сите.
Потврда за тоа е и фактот што не познавам никого (вклучувајќи се и себеси) што воопшто се сеќава што работел или што правел тој ден. Како и со што почнал да ја гради македонската држава? Го имал ли во себе чувството за државотворност? Имал ли визија како оваа земја ќе изгледа по три децении, на пример, и со што денес ќе се занимаваме?
Секоја година го одбележуваме Денот на државноста и секогаш со истата фразеолошка реторика – остварување на соништата на генерации и генерации Македонци и жители на оваа земја и никогаш не се прашуваме дали токму ова бил сонот на предците? Дали ова е тој суверенитет, толку многу споменуван, ова ли е таа независност?
Истите прашања важат и денес, речиси три децении подоцна. Имаме ли визија, имаме ли стратегија за државата, знаеме ли што сакаме од неа и за неа? Знаеме ли да ја обмислиме и промислиме стварноста, знаеме ли кои ни се приоритетите и каде одиме? Знаеме ли, што би рекол Мисирков, шчо напраифме и шчо требит да праиме за однапред?
Век и кусур подоцна имаме ли некого токму како Мисирков, кој ќе може да ги види работите малку подлабоко и малку подалеку? Или, пак, целата визија се сведува на некаков ларпурлартизам – држава поради држава! Каква е, таква е – наша е! Или, пак, е некаква неолиберална играрија на малку поамбициозни политичари со балканска насока.
Ете, секоја година го одбележуваме Денот на државноста и секогаш со истата фразеолошка реторика – остварување на соништата на генерации и генерации Македонци и жители на оваа земја и никогаш не се прашуваме дали токму ова бил сонот на предците? Дали ова е тој суверенитет, толку многу споменуван, ова ли е таа независност?
И годинава ќе гледаме фотографии и снимки како тогашниот македонски политички врв на централниот плоштад во централниот град го отвора она црвено шампањско од марката „милион“ на белградски „Навип“, веќе опиен дека ќе влезе во историјата како тим што ги остварил токму вековните идеали на генерациите пред нив и пред нас. Уште тогаш можеше да се види дека државата ја сфаќаме како своевидно кафеанско мени – избираме од листата за јадења и пијалаци она што ни одговора, а она што не ни одговара, не го ни гледаме.
Тој 8 септември, таа 1991 година и јас излегов да се изјаснам на референдумот за независност, ама – нерадо! И секако не излегов да славам на плоштадот Маршал Тито во Скопје. Не дека отпосле се правам многу паметен (конечно постојат мои текстови од тоа време каде што го искажував својот став и неретко и тогаш бев прогласуван за предавник и национален непријател), едноставно човек не мораше да биде Бенџамин Дизраели за да сфати дека прашањето поставено на референдумското ливче (Дали сте за суверена и независна држава Македонија, со право на влез во иден сојуз на суверените држави на Југославија?) може да биде сѐ, само не може да биде одраз на државотворната волја на еден народ.
Не е тешко да се претпостави зошто ова прашање е вака поставено. Токму од стравот (сознанијата?) на споменатиот политички врв дека при „чисто“ поставено прашање, резултатот не би бил во согласност со нивните желби и проекции. Конечно, и самиот бев сведок на сведоштва на некои од актерите од тоа време, кои ја потврдуваат оваа претпоставка.
Прашањето што се поставува е зошто на луѓето што, според политичките проекции, не сакаат сопствена држава, таа им се наметнува? Прашањето поставено на повеќе фактори со моќ на одлучување во тоа време остана без рационален одговор. Целото образложение може да се сведе на искажаната теза на еден од нив: „Таков беше политичкиот контекст“!
Сепак, познато е дека куќа не може да се изгради на крив темел. Поточно, може, ама векот нема да ѝ биде долг. Освен, ако не се направат напори тој темел да се поправи или барем да се санира. Да бидеме искрени, вакви напори се правеле и се прават од сите политички гарнитури што досега ја практикувале власта. И сите тие повеќе или помалку биле неуспешни.
Имаме ли визија, имаме ли стратегија за државата, знаеме ли што сакаме од неа и за неа? Знаеме ли да ја обмислиме и промислиме стварноста, знаеме ли кои ни се приоритетите и каде одиме?
И на крајот (а често и на почетокот), сите овие политички гарнитури се приклонувале на дневнополитичката и личната прагма, задушувајќи се во сопствените ветувања за градби на кули и градови, кои најчесто завршуваат како монструозни – дивоградби.
Да, ќе кажете дека не сум во право, дека државата имала јасна и чиста стратегија за влегување во евроатлантските сојузи и дека, еве, по три децении борба влеговме во НАТО и дека пристапните договори со ЕУ ни се насмевнуваат. Некој можеби ќе се присети и на познатата порака што Атињаните им ја упатиле на граѓаните на малиот град Мелија во Пелопонеската војна, а која според Тукидид (431 година пред новата ера) гласи: „Правдата во овој свет важи само за тие што имаат подеднаква сила. Бидејќи моќните секогаш го прават она што го можат, а слабите ќе поднесуваат онолку колку што мораат“. И така ќе го оправдаат долгото патување кон овие стратешки цели на државата. Или како што би се рекло на овие простори – сила бога не моли.
Или поедноставено, Европа и три децении подоцна се сфаќа како вавилонска курва што работи против нашите интереси, а не како заедница на држави, региони и луѓе, која работи во интересот на сите нив. Ако е така, а прилично личи дека е така, тогаш во најмала рака поставувањето на ваквите приоритети изгледа бласфемично и лицемерно. Имено, сериозно е прашањето дали навистина сме се заложиле за овие приоритети и дали сме направиле вистинска стратегија да ги оствариме. Односно, дали правдата навистина лежи во рацете на посилниот или ние не сме биле искрени во сопствените намери? Или „политичкиот контекст е таков“!
Ете, затоа мислам дека 9 септември 1991 година беше далеку поважен ден од неговиот претходник. Ама ние го преспавме.