Пред околу десет години, во ова исто време од годината, владата на Никола Груевски донесе одлука пластичните кеси што се даваа по дуќаните и маркетите да мора да се наплаќаат. Владата на Зоран Заев е поконкретна – таа одреди дека од 1 декември годинава тие кеси ќе чинат по 15 денари по парче.
И тогаш и сега, мојот впечаток за носење вакви мерки остана непроменет – дека станува збор за една евтина популистичка мерка, чии ефекти се незначителни, односно никакви. Не се сеќавам, ама речиси сум убеден дека и владата на Груевски, токму како и оваа на Заев, реши да ги продава пластичните кеси пред некој изборен циклус, мислејќи дека на тој начин ќе се додвори на гласачите, чија еколошка свест станува сѐ подоминантна во однос на одлуката за кого ќе се гласа на изборите. Значи, можете во Македонија и сосема да ги забраните пластичните кеси, а ефектот врз заштитата на животната средина повторно да биде ист, односно никаков.
Ваквиот „нулти“ резултат од „данокот на кеси“ практично е очекуван ефект од сите необмислени, ама привлечни популистички решенија. Пластичните кеси, како впрочем и пластичните шишиња, се само највидливиот врв од ледениот брег во загадувањето на природното опкружување. И тоа прилично мал врв. Ваквите, наводно еколошки, одлуки првенствено се носат како последица на скудното знаење, некоординираноста во дејствувањето и сметањето на евтини политички поени. Имено, на овој начин практично се прогонува производот што го овозможува хигиенски убедливо најдобриот начин на пакување, а е направен од материјал што е еколошки најприфатлив од сите можни и досега познати конкуренти.
Наспроти општото убедување, пластичната кеса го овозможува хигиенски убедливо најдобриот начин на пакување, а е направена од материјал што е еколошки најприфатлив од сите можни и досега познати конкуренти
Пластичните кеси имаат својство да бидат прилично постојани во сите временски услови, односно тие се непотопливи во вода, хемиски се стабилни, не оксидираат и воопшто по долго време ќе ги најдеме таму каде што сме ги оставиле. Затоа се најлесно видливи во природата и наједноставен пример за показ за загадувањето на природата.
Особено е грдо кога ќе видиме пластични кеси и шишиња по планинските падини или како пливаат по речните и езерските води. Меѓутоа, малкумина од нас, а власта уште помалку, ќе се сетат дека токму од тие причини, тие исти кеси се употребливи во целост, односно релативно лесно можат да се соберат и неколку години откога ќе бидат фрлени, да се рециклираат и од нив да се направи кој било друг пластичен производ, а притоа да не остане никаква последица во природата.
Понуденото решение за повеќекратно покачување на цената на кесите е целосно промашено и не носи никаков ефект. Тоа е отприлика исто како да го решаваме огромниот проблем со неколку стотици загинати и илјади повредени во сообраќајот така што ќе ја зголемиме цената на автомобилите за 20 и повеќепати. Да, намалениот број автомобили, секако, ќе биде причина за намалување на бројот на жртвите во сообраќајните несреќи, но тоа нема да го реши проблемот на регулирањето на сообраќајот, сообраќајната инфраструктура и сообраќајната култура, воопшто.
Фрлената анатема врз кесите е всушност класичен обид на човекот, сопствената вина да ја релативизира или, едноставно, да ја префрли од себе. Во македонскиот случај можеме да толкуваме дека станува збор за класичен обид владата, сопствената одговорност да ја префрли врз џебот на потрошувачите.
Имено, една од најраспространетите заблуди на денешниот свет е дека кесите ја загадуваат природата. Но, не… Тоа, едноставно, не е точно. Човекот, а не кесите, ја загрозува природата. Ова, би рекле, катастрофално човечко однесување во нашиот случај практично е поддржано и стимулирано од организираниот естаблишмент, односно од власта на сите нивоа. Самиот факт што не е направен никаков напор за рециклирање на отпадот само ја потврдува оваа теза.
Тоа е отприлика исто како да го решаваме огромниот проблем со неколку стотици загинати и илјади повредени во сообраќајот така што ќе ја зголемиме цената на автомобилите за 20 и повеќепати
На крајот на краиштата, самата природа в лице им се насмеа на ваквите повеќегодишни јалови човекови обиди за нејзина заштита, воведувајќи ја пандемијата на голема врата во нашите животи. Токму пандемијата ја зголеми употребата на пластика за една третина, и тоа не само со амин на светските влади, туку и со нивни одлуки за достава на стоката на домашни адреси.
Глобално земено, употребената пластика за пластични кеси е само мал, да не кажеме минимален дел од вкупната употреба на пластиката во нашите животи. Впрочем, ако некогаш ви дојде трипати да чукнете во дрво, ќе сфатите дека светот е создаден од пластика, малтер и железо.
Лесно би можеле да се согласиме дека пластиката за една употреба е голем проблем на човештвото. Значи, освен кесите, тука се пластичните шишиња, сламките за пиење, чашите, чиниите, украсите за коктелите и уште низа производи, направени по принципот „употреби, па фрли“. Но, што правиме со останатата пластика во нашите животи, со далечинските управувачи, мобилните и фиксните телефони, масите, столчињата, автомобилите, телевизорите, соковниците, фрижидерите, компјутерите, полиците…
За разлика од кесите, оваа пластика многу потешко (читај: поскапо) се рециклира, што значи дека е потенцијално многу поголема опасност за природата, но и за човекот. Дали тоа значи дека во блиска иднина човештвото ќе се откаже од овие придобивки?
Еве, да претпоставиме дека на пластичните кеси им се одброени деновите. Што ќе биде нивната замена? Хартиените кеси? Замислете го Вардар, кој наместо со пластика, ќе биде преполн со хартија. Хартиената кеса е многу помалку отпорна на промена на временските услови, отколку пластиката, и во таа смисла дури и поштетна за биодиверзитетот од неа. Или со цегери и зембиљи? Па, и тие се направени од пластика.
На крајот на краиштата, во што ќе го фрламе ѓубрето во оние пластични контејнери? Ќе употребуваме ли пластични канти за таа намена?
Доволно сум стар за да се сеќавам на времињата кога секој просечен жител на Македонија во секое време чуваше пластична кеса во својот џеб, во случај да му притреба кога ќе пазари нешто во дуќан или во самопослуга. Во таа смисла, масовната појава на пластичните кеси беше некој вид цивилизациска револуција за овие краишта. На тој начин го добивме чувството дека сме граѓани на светот, сосема рамноправни со оние од развиените земји што ги гледавме со завист.
Затоа, пред овие јалови владини мерки, не ни останува ништо друго, туку да воскликнеме: Правда за пластичните кеси!