Како што сите среќни семејства наликуваат едно на друго, а секое несреќно е несреќно на свој начин, така и сите демократски општества наликуваат едно на друго, а секое популистичко е несреќно на свој начин. Во случајот со популизмот, несреќата е во тоа што тој длабоко ги поткопува институциите, ги разјадува нивните механизми и ги обвива со густ популистички плевел под кој ништо законско и демократско повеќе не може да пркне.
Најдобра илустрација за ова е Законот за утврдување правен статус на бесправно изградени објекти, кој види чудо, Собранието го изгласа со 72 гласа „за“, тројца „воздржани“ и петмина „против“. И сето тоа, во време на најголемата блокада на парламентот!
Утре, кога возило на Итна помош не ќе може да стигне на одредено место поради тоа што со бесправен објект е блокиран инфраструктурен приод, (д)ефектите од овој закон може да се бројат и со човечки жртви и со големи материјални штети
На ВМРО-ДПМНЕ како мачка да им го изеде јазикот, ги нема да зуцнат, ни да објаснат како „заборавија“ да ја исштанцаат редовната доза од два и кусур илјади амандмани, како што правеа за други закони. Молк. Одеднаш невидена синергија завладеа во законодавниот дом.
Додека експертите упорно трагаа по модели кои би можеле да доведат до помирување во општеството, главните парламентарни партии сами ја открија точката на која ќе си подадат рака: прашањето за легализација на дивоградбите. Шифрата за препознавање кај О.К. коралот, најверојатно била лесна за памтење: „Популисти вие, популисти ние“, изговорена трипати.
Колку и да се трудеа партиите да докажат дека е генерализирана и неточна оценката на дел од електоратот дека „сите се исти“, сега самите придонесоа да ѝ дадат целосен легалитет и легитимитет на таа оценка. Кога е во прашање интерес – разлики нема.
Се ближат локални избори, па по старото правило решија да си направат партиски математики што им е поисплатливо: дали да се борат за правна држава или да подзамижат, и како и секогаш да се борат само за гласови. По семејството на пензионерите, се смета дека сопствениците на дивоградби се можеби втор или трет најголем бунар за црпење гласови. Тој што ќе им угоди, може да се надева на добра изборна жетва. За правната држава ќе се борат откако ќе ги изгустираат сите можности на неправната држава. И во стилот „сложни попови и во петок мрсат“ или „сложни браќа куќа крадат“, кренаа рака „за“ легализирање на дивоградбите, односно за акциите што преку тој закон изборно ќе ги прокнижат за себе.
Без оглед колку вешти математичари има во партиите, овој есап нема да им се потврди на изборниот пазар. Забораваат дека наспроти големата бројка на сопственици на разни видови бесправни градби, има многу поголема бројка на луѓе кои со години гинеле по шалтери за да ги обезбедат сите документи потребни за градење во законска постапка. Кога преку овој закон, ним, по којзнае кој пат, партиите ќе им кажат дека биле будали, мислите ли дека ќе им го простат тоа?
Ако партиите се надеваат дека ќе добијат гласови од „дивите“, треба да очекуваат дека повеќе од тројно ќе изгубат гласови кај „питомите“.
Но, тоа е нивен проблем. Проблемот на граѓаните е што со ваков закон ќе се легализира севкупниот хаос во градењето, што се запираат сите постапки за рушење дивоградби и сите управни и судски постапки поврзани со тоа. Не станува збор само за играње мајтап со правната држава, туку со повеќе сфери на кои ќе се одрази спроведувањето на овој закон.
Утре, кога возило на Итна помош не ќе може да стигне на одредено место поради тоа што со бесправен објект е блокиран инфраструктурен приод, или не ќе може да пристапи противпожарно возило, (д)ефектите од овој закон може да се бројат и со човечки жртви и со големи материјални штети. Дали некој воопшто мисли на ова?
Колку и да се трудеа партиите да докажат дека е генерализирана и неточна оценката на дел од електоратот дека „сите се исти“, сега самите придонесоа да ѝ дадат целосен легалитет и легитимитет на таа оценка.
Зошто секој што посадил објект каде што му текнало, небаре реди лего коцки, не се смета за случај што треба да се санкционира, туку пример што треба да се поддржи, иако многу често оди и во пакет со многу уништено зеленило, кое утре ќе го дочекаме како свлечиште во реалноста, но не и во нечија совест.
Добро е што шефот на државата реши да не го потпишува указот за прогласување на овој закон. Ако парламентот по новото одлучување му достави следна верзија во идентична форма, или со козметички измени што не ја менуваат суштината, ќе извојуваат пирова победа. Ќе си пукаат во нога.
Недозволиво е да зборуваме за реформи и за евроинтеграција, ако во нашата оперативната парадигма дивоградбата има далекусежна предност пред правоградбата. Светот гради слика за нас според она што го правиме во практика, а не според ветувањата дадени на зборови. Потоа да не се чудиме ако некој и нас нѐ доживее како карабина што бара европско легализирање на мала врата.