Во скандинавски водените општини на најсилно растечката економија во Европа, на сметка на политичката визија се развиле политикантски вештини на лукавство, кои поминуваат кај дел од електоратот, не толку во скандинавски или во европски манир, колку во една препознатлива фиромско хохштаплерска фора.
Скопјани деновиве се прашуваат кој е тој народ што може свесно да гледа како го измотаваат политичарите, народ кој е затрупан во ѓубре од истите оние што подоцна ги гласа за да го „исчистат“. Ама, ако се погледнат резултатите, не само на овие, туку и низа претходни избори, гледаме дека позицијата, која е во постојан раст, е токму позицијата на негласање или поништување на ливчето. Оттука, строго партиските гласачи не можат и не смеат да бидат заменети со она мноштво што го нарекуваме народ.
Ова разочарано и пасивизирано растечко мнозинство е исфрлено надвор од терените на политиката, во една празнина распослана во просторот помеѓу политичките институции што сѐ уште постојат и граѓаните што не веруваат дека се важни и се повлекуваат од политичките процеси. На ден по изборите, избраните градоначалници и советници, сепак, ќе треба да владеат токму со тоа мнозинство, со таа политичка празнина. Во оваа празнина спие смртта на демократијата.
Овој технократски консензус, втемелен во две оски: вмро-сдсм и дуи-влен почнува да се разнишува, особено во Скопје. Падот на СДСМ е токму триумф на идеологијата и политиката
На демократијата што денес ја живееме ѝ недостасува токму демосот. Овој испразнет демос, политичките партии го пополнија со популизам, правејќи да ни е сосема нормално олигарси и корумпирани политичари да се претставуваат како „дел од народот“, да зборуваат „во име на народот“ и од привилегирани богаташи да се ребрендираат во народски луѓе.
Со други зборови, оваа суштинска загуба неуспешно се заташкува со политикантска илузија зашто празнилото никогаш не се пополнува со друго празнило. Па така, од политички суштества, ние денес сме сведени на навивачка или рамнодушна публика на процеси, кои ги именуваме како избори, а всушност не се ништо друго, освен коруптивни соработки меѓу политичките партии, кои едвај да се разликуваат меѓусебе.
Безмалку сите политички партии (од овој список би ја исклучила засега Левица) се испразнети од идеологија. Оваа испразнетост од идеологија доведе до ситуација, во која центар-левите и центар-десните партии се слеаја во еден своевиден технократски консензус заснован, не толку на идеи, колку на веќе востановени системски правила на пазарната економија, фискалната дисциплина, приватизација, а разиграни преку клиентелизам, корупција и богатење на една однапред селектирана клика.
Сепак, овој технократски консензус, втемелен во две оски: вмро-сдсм и дуи-влен почнува да се разнишува, особено во Скопје. Падот на СДСМ е токму триумф на идеологијата и политиката. На докажана машинерија, каква што е ВМРО ДПМНЕ, која и во најлошите периоди не паѓа под 300.000 гласови, не се спротивставуваш со деполитизирана стратегија.
Тврдењето дека „на локални избори не е потребна идеологија“ е симптом токму на исцрпената демократија. Кога една партија ќе ја замени политиката со голо менаџирање, а идеолошкиот конфликт со консензус, тогаш не треба да се чуди дека е победена од структура што го изградила токму овој технократски, квази-демократски систем.
Од огромното мноштво кандидати, единствено донекаде Амар Мециновиќ успеа да го пронајде идеолошкиот јазик во локалните политики. Само во неговите говори и програма може да се насетат контурите на овој идеолошки јазик со кој треба да се обидеме да го организираме колективниот живот, односно кој поседува, кој одлучува и кој има корист од тоа.
Конечно, падот на СДСМ и разнишувањето на оската сдсм-вмро е погубно и за самата ДПМНЕ. Можноста од колапс на старата бипартиска логика го лишува ВМРО од можноста да организира политички конфликт во предвидлива структура.
Оската вмро-сдсм, иако несовршена, имаше функционалност особено за двете партии. Таа оска ги држеше гласачите во илузија дека можат суштински да изразат незадоволство
Без кредибилен СДСМ, легитимитетот на ВМРО почнува да слабее зашто го губи огледалото преку кое се дефинира себеси како „гласот на народот“ и „чувар на традицијата“. Оската вмро-сдсм, иако несовршена, имаше функционалност особено за двете партии. Таа оска ги држеше гласачите во илузија дека можат суштински да изразат незадоволство и да изберат вистински лидер.
Во ваква ситуација, онаа празнина, отелотворена во разочарано и апатично мнозинство, станува терен што треба да се пополни. Ова пополнување може да се случи, или со популизам, или со јасна идеолошка антагонизација кон политиките на десницата. Засега ВМРО и Левица сѐ уште јасно не се идеолошки опозити.
И двете се потпираат на популистички антагонизам (чистиот народ наспроти корумпираните елити) и двете тврдат дека претставуваат автентичен национален интерес.
Засега, она што го гледаме не е класичен лево-десен идеолошки конфликт, туку борба околу тоа кој ќе го отелотвори и претставува „народот“.
Еден вистински контра-идеолошки проект треба да понуди поинаков хоризонт на припадност, односно да именува различни вредности и различни можни иднини. Од тоа дали ќе се појави јазик што ќе ја артикулира оваа празнина зависи, не само иднината на левицата, туку и можноста воопшто повторно да се замисли политиката како колективен проект, а не како пазар на вешти корумпирани поединци.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија










