Пред имплозија

Ние не сме ангели, а не се ни нашите коалициски партнери, рече Ахмети во 2014 година. И што имаме од тоа признание до денес? Ништо. Со години слушаме за битка против корупцијата, а не само што ги изгубивме сите битки, туку ја изгубивме и војната.

Секој што ќе каже дека ќе ги среди состојбите – или не ја говори вистината, или нема реална претстава за димензиите со кои криминалот го има зафатено општеството. Не ми е намерата да кажам дека сите се исти. Туку дека и евентуално најдобронамерниот не ќе може да се справи со криминалот, кој толку е разгранет, што каде и да чепнеш, налетуваш на неговите пипала, неговите чувари и на отпорот за негово расчистување.

Ако се следат криминалните хроники, излегува дека не се извалкал само тој што не бил во позиција да го направи тоа, бидејќи не се нашол на некоја од котите во хиерархиските вертикали и хоризонтали на моќ и одлучување, без разлика дали во централна или локална власт, судска власт или на други оперативни позиции што отвораат спреги со бизнис-центри на моќ. Ако тоа множество од лакоми раце го замислиме како пајажина, целава земја е во пајажина, со исклучок на деловите каде што веќе ни пиле не прелетува, односно сите се иселиле.

Кога борбата со криминалот и корупцијата во старт не станува систематска, ни континуирана, овозможува тие да се ревитализираат и да добиваат уште поголем замав. Пораката што криминалот ја чита во отсуство на каква било акција, гласи: Терај, никој ништо не ми/ни може, доволно „заработив/ме“ за да може да купувам/е и власт и судии и слобода, ако дојдат црни денови.

Ако се следат криминалните хроники, излегува дека не се извалкал само тој што не бил во позиција да го направи тоа, бидејќи не се нашол на некоја од котите во хиерархиските вертикали и хоризонтали на моќ и одлучување

Таквата логика е на власт 30 години и се потврдува во реалноста и низ судските процеси. Тие, или се влечат со години додека да застарат, или никако да почнат, или ќе се смени судијата, или ќе му истече мандатот на поротникот, или предмети „гордо“ се враќаат на повторно судење. Дејвид Коперфилд може тешко да се исфрустрира од овдешните маѓии, со кои, за најкрупните риби со најтежок плен, секогаш на чудесен начин се наоѓа сигурен излез од судскиот лавиринт, за разлика од онаа категорија што најчесто ја опишувме со синтагмата „украл/е 10 ќебапчиња“. За криминалот од висок профил никогаш нема тешки денови, ниту ќе има. Ретките исклучоци го потврдуваат правилото.

Кај нас, на пример, кој би ги гонел и би ги судел криминалците? Дали овие  што незаконски положиле правосуден испит, па се протнале во Академијата за судии и обвинители и преку неа наскоро ќе влезат во судството или обвинителството испрани од гревовите, небаре излегле од реката Ганг?

Битката против криминалот практично ни е системски минирана. Таа постои само на декларативно ниво и никој не е загрижен што води кон имплозија, бидејќи многу нешта се турнати под тепихот на нашата Авгиева штала. 

Но, тоа не е единствениот проблем. Во некои случаи, замижувањето пред криминалот се правдаше и со „повисоки државни цели“. На пример, новите предизвици на планот на евроинтеграцијата се како создадени за одново да ја затапат острицата на каква било помисла за битка со криминалот.

И може да биде навистина погубно, ако и за отворање на европскиот пат, повторно главен инструментариум стане „балканскиот начин“

Сега кога се збиваат редовите за уставни измени, нема јунак што ќе се дрзне да брцне во окото на коалициски партнери или кандидати за партнер, нивни сопартијци или партиски донатори. А кога ќе видиш колку луѓе има во земјава, врти-сучи секој со секого се познава или е поврзан роднински, кумски или со некакви интереси, и – тука завршува приказната.

Оправдувања секогаш има: Од мене ли да почне битката? Па, не мора баш денеска, ај од утре ќе се бориме со криминалот. Или од задутре…“ И така деновите и годините си поминуваат. А следната година ќе одбележиме три години од членството во НАТО, и три години во кои сѐ потешко ни е да го оправдаме тој статус, освен што циклично се срамиме пред партнерите – прво со пасоши за криминалци, па за Онишченко, и без да знаеме дали во купот има уште некој незнаен јунак.

И може да биде навистина погубно, ако и за отворање на европскиот пат, повторно главен инструментариум стане „балканскиот начин“. Таквото поведение носи екстра висока цена за плаќање на неопределно време, ако во него се вклучат лица што треба да го исперат криминалот преку услуги за повисоки цели на државата. Такви случаи и такви пазарења произведуваат обврски за „независното“ судство, па не треба да се чудиме зошто во некои случаи тоа изгледа недоветно или глуми сериозен процес, за на крајот да пресуди „живеј.“

„Целите може да го оправдаат средството, сѐ додека постои нешто што ги оправдува целите“. (Лав Троцки)

Кај нас постои нешто што ги оправдува целите. Ако не беше на сцена прашањето за уставни измени, ќе мораше нешто конкретно да се работи. Вака не мора ништо да се прави, освен дилери на „чесност“, лажни светци и загрижени моралисти да ветуваат дека ќе ја катапултираат земјава во европската орбита и да викаат „ура“. Не е проблем Бугарите да влезат во Уставот, проблем се тие што постојано излегуваат од рамките на Уставот и законите.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија