Пред и после 27 април

Колумна на Димитар Димитров

Насловот и формата на ова обраќање, произлегува од мојот дијалог со тековниот политички процес. Пред да ја испратам до Призма колумната „Македонија има нова власт“, нè препадна ужасот во Собранието. Сочувствувајќи со жртвите и згрозен од посегањето по државата, бев уште еднаш демантиран за крајот на режимот. Тој не само што црниот 24 декември го надмина со пештерски  27 април, туку вината за ова злосторство му ја префрла на новото парламентарно мнозинство врз позиција на етика и логика на дрвено железо, што јас во споменатата колумна ја објаснувам. Тоа дополнително ја актуелизира таа колумна и го провоцира нејзиното продолжение под II: Молитва за Македонија.

I

Македонија има нова власт

Овој текст го инспирира невидената конститутивна седница на Собранието, која се должи со бескрајно повторување на едно и исто и го спречува новото парламентарно мнозинство да избере спикер и влада. Оваа саботажа на конституирањето на Собранието, се аргументира со правото на дебата од страна на практиканти на Собранието како празен ходник,на пратениците како роботи за гласање,на насилно исфрлање на опозицијата за да се оневозможи дебата за буџетот (под претседателство на сегашниот претседавач со седницата)! Сега, пак, парламентарното право на дебата се инструментализира за да се осуети конституирањето на парламентот (од кое произлегува правото на дебата)!

Истата контрадикторност ја одликува и самата материјална расправа. Таа се врти околу мотивот на одбрана на Уставот, а Уставот пропишува мандатот за состав на влада  да го добива парламентарното мнозинство и владата да се избира со просто мнозинство! Во никој случај Уставот тој принцип не го условува со согласност на парламентарното малцинство. Така што осамената  ВМРО-ДПМНЕ  нема право да го условува со ништо етаблирањето на новата законодавна и извршна власт. И кога тоа го прави, во продолжение на месеци, се поставува над Уставот. Не како демократска партија, туку како револуционерна организација.

Да се зазема деструктивна позиција, со аргументот на одбрана на уставните атрибути на државата од предавничката антимакедонска коалиција, значи да се плаќа данок на  децениската неуставна пракса на партија-држава

Вистина, ни демократските партии не се расфрлаат со комплименти кон политичките конкуренти, но не си допуштаат блокирање на послеизборната констелација, независно од тоа колку негативно го восприемаат новото парламентарно мнозинство. Да се зазема таква деструктивна позиција, со аргументот на одбрана на уставните атрибути на државата од предавничката антимакедонска коалиција, значи да се плаќа данок на  децениската неуставна пракса на партија-држава.

Кога изборите ја прекинаа таа пракса и овозможија да се ослободи киднапираната држава,на другата страна остана гола револуционерна организација. Таа не може  да прифати држава која не е едно со неа па таквата можност ја дочекува како негација на државата. Сè е тука поставено на глава. Одбраната е самообвинение, обвинението е самоодбрана. Бегство од казната што му следува на партиското раководство, гонето од СЈО како злосторничко здружение.

Имено поради таа криминална хипотека се распадна коалицијата ВМРО-ДПМНЕ – ДУИ, така што ДУИ помина на страната на државата, а ВМРО-ДПМНЕ остана без пленот што го завладеа подредувајќи ја државата на својата авторитарна партиска  шема. Од гледна точка на Уставот и на евроатлантската интеграција, и до вчера, како режимска партија, и сега, како опозиција, ВМРО-ДПМНЕ е нешто онострано – реална антимакедонска странска сила.

Не знам дали тоа може да го разбере Груевски и дали може да не го разбира Иванов, неговиот идеолошки ментор. Но,објективно, тие двајцата се најодговорни за оваа политичка и цивилизациска хетерономија. Па нивното политичко и правно санкционирање новиот почеток на државата го подразбира како услов sine qua non.

Тоа што тие сега го прават, непосредно и преку злоупотребата на пратениците и протестантите, претставува активност за реставрацина на режимот. Како таква, таа активност не само што е неуставна, туку  е харикири и за државата, и за партијата. Што друго може да се очекува од позиција при која албанските етнички партии се перцепираат како петта колона, СДСМ како предавничка, меѓународната заедница како непријателска странска сила и се бараат нови избори, на кои, се разбира, ќе победи ВМРО-ДПМНЕ! Таквата позиција е апсурдна, или, по наше, надвор од умот.

Од гледна точка на Уставот и на евроатлантската интеграција, и до вчера, како режимска партија, и сега, како опозиција, ВМРО-ДПМНЕ е нешто онострано – реална антимакедонска странска сила

Објективно, во моментот Македонија има нова власт, посредувана со изборите на 11 декември, во целосна согласност со Уставот. ЕУ,НАТО и САД таа власт веќе ја поздравија – посредно, со апели за деблокирање на процесот на нејзиното формално конституирање. Саботирањето и кодошењето на таа власт како предавничка, оди на салдото престапи на ВМРО-ДПМНЕ (и на Иванов), поради кои таа партија ја загуби власта.

Да се понижат пратениците како папагали да ја „бранат“ унитарноста на државата од „Тиранската платформа“, значи да ѝ се подарува на Тирана втората по големина етничка заедница  во Македонија, таа да се редуцира од  „заедничката Македонија“ (името на протестантите) односно од „македонското национално единство“ (синтагма од името на партијата). Да се создава на тој начин илузија дека кај Македонците на изборите победила ВМРО-ДПМНЕ, значи да се прави имено она што ѝ се префрла на другата страна – да се имплицира негација на унитарноста и федерализација; да се порачува  ново „Смилковско езеро“ и „Диво населје“ на национално ниво.

Овој отпор кон новата власт и оваа категоријална збрка, се симптоми на тешката разделба на партијата од државата, што меѓународната заедница повеќекратно ја адресираше. За жал, тој отпор и таа категоријална збрка, кај претседателот на државата добива карактер на имагинарен „политички услов“ за недавање на мандатот. Тоа е последен грч на агонијата на режимот, што го наведе Туск да повика на Европа, разумност и пристојност.

Да ја поздравиме новата власт и да и` порачаме дека никогаш не смее да заслужи вакви „комплименти“ од врвот на Европа!

За жал, изумот “Западен Балкан“ повеќе соодветствуваше на претставата “Ние сме лудаци“ (која сега се игра во Собранието, на улица, и во претседателската палата), отколку на дисциплината качување кон врвот.

II

Молитва за македонија

Книгата за ВМРО на Данкан Пери има наслов „Политика на терор“. Како таква, таа политика одговарала на теророт на туѓи држави, а заради извојување своја држава.

На 27 април ВМРО прибегна кон терор врз својата држава и ги негира двата дела на противречниот спој во нејзиното име – и демократската партија и ВМРО. Демократската партија не се служи со терор, а теророт врз својата држава не е политиката на ВМРО. Главниот идеолог на системот на ВМРО Христо Матов пропишувал, штом ќе ја постигне својата цел, ВМРО ќе се самоукине, а државата ќе се води со методите на либералната демократија.

Процесот на нашето политичко обособување течел така што ВМРО стигнал на прагот на својот копнеж, станувајќи „значаен политички фактор на Балканот“ (Енциклопедија Британика, оригиналното издание). А прагот го поминавме како дел од антифашистичката коалиција во Втората светска војна, како република во рамките на комунистичка Југославија.

И во фазата на ВМРО, и во фазата на комунизмот, тој процес содржел нишка на граѓанска војна – нешто, инаку, што не било само наша специфика. Но во комунистичката ретровизија што ја наследивме процесот е прикажан црно-бело. Државата е ексклузивна творба на комунизмот, дури, против политиката на ВМРО.

Главниот идеолог на системот на ВМРО Христо Матов пропишувал, штом ќе ја постигне својата цел, ВМРО ќе се самоукине, а државата ќе се води со методите на либералната демократија

Се разбира тоа е пристрасна визија. Државата нѝ е биланс на целиот државотворен процес – од првиот претседател на ВМРО Татарчев до последниот претседател на СКМ Гошев. И, по падот на комунизмот, ако можеше да се постигне германско помирување, беше во духот на времето и наше национално помирување.

Спротивно на тоа, ние го свртевме процесот наназад – со партија наследник на СКМ и партија наследник на ВМРО, кои ги вратија во живот негативните страни на оригиналите, натпреварувајќи се во меѓусебно идеолошко оспорување, наместо во посветеност на нивниот заеднички позитивен биланс, сублимиран во нашата заедничка држава.

Под оваа имагинарна идеолошка антиномија се водеше реална борба за грабеж, за ексклузивно располагање (покриено со закон, или криминално) со ресурсите, лишена од скрупулите и на ВМРО, и на комунизмот. Така се создаде можност за вулгаризација на политиката.

Евокацијата на паднатиот комунизам и идентификацијата на криминалната приватизација со СДСМ под претседателството на Бранко Црвенковски, правеше СДСМ да губи во таа борба, ВМРО да добива. Но тоа услови СДСМ интелектуално и стратегиски да расте, сообразно на Уставот и на евроатлантската перспектива, а ВМРО да се затвори во рудиментарна авторитарна партија, која револуционерниот мотив го користела за сведување на државата во режим. Така таа се разишла со Уставот, со општеството и со демократската и цивилизациска тенденција на современа Европа, завршувајќи како бездушна револуционерна организација/мафија/злосторничко здружение. Тоа беше логичен след на партијата устроена како војничка организација.

Пред некој месец Груевски загатна – да бил жив Гоце Делчев не би губел време со Зоран Заев, туку ќе му го испрател Ќосето. На 27 април, на Заев, на Шекеринска, на Села, на сите пратеници од новото парламентарно мнозинство, на државата Груевски им го испрати Ќосето. Ја примени политиката на терор врз својата држава, демонстрирајќи коалиција со криминалното подземје.

Безсрамноста, непокајувањето, релативизацијата на тоа дивеење со наводното политичко насилство на СДСМ, е дополнително насилство врз умот, бидејќи, како што е изведено во текстот погоре, ВМРО е таа која вршела политичко насилство. Па на 27 април само поминала од зборови на дело.

Државата го преживеа атентатот и тој ќе остане само харикири на партијата. ВМРО-ДПМНЕ си пресуди кога не се дистанцира од огромниот криминал на раководството обзнанет со масовното прислушување.

Папата Франциско повика на молитва за Македонија. Комплементарни со папината молитва се пораките на меѓународната заедница, што ни` се обраќа како на дел од неа, кои ги примам како дел од нас. „Патриотското“ позиционирање на Македонија против ЕУ, НАТО и САД на функционери, пропагандисти и протестанти на ВМРО-ДПМНЕ веќе не се за коментар, туку за длабоко жалење.

Се молам благородниот дух на папата Франциско да допре и до нивните срца и души.

Се молам посебно владиците на МПЦ да му служат на едниот Бог, наместо на лажните земни богови.