Старата флоскула вели дека времето е најдобриот суд. За жал, изминатава година беше исклучително неправеден суд за Преспанскиот договор. Како и секој друг историски настан, природно е Преспа да има свои поборници и свои подеднакво гласни противници. Она што не е природно е што дозволивме еден документ кој беше сонуван три децении наназад – а потполно незамислив само една година пред неговото потпишување – да се вреднува спрема настани што се случиле отпосле, наместо спрема неговите сопствени доблести (и слабости).
Една година подоцна, од договорот се нема променето ни буква, а еуфоријата кај неговите поборници како одамна да спласна. На некои од нив им запречи уште текстот на референдумското прашање – небаре името го менува(в)ме од некаков мерак, наместо токму за истите тие ЕУ и НАТО од прашањето.
На некои, пак, им загорчи амнестијата, па одлучија да „удрат“ по Преспа, наместо по илјадниците свои сограѓани кои решија луѓе осомничени за криминал да изгласаат за пратеници. Секако, тука се и „моралистите“, кои уште при првиот владин скандал се свртеа против Преспа демек за да ја казнат владата, а всушност за малку ќе нѐ казнеа сите нас (сосе самите себеси).
Една година по Преспа, време е конечно да заборавиме на сѐ што се има случено отпосле и да го оцениме Преспанскиот договор врз основа на – Преспанскиот договор. За него и онака има доволно да се зборува. Бидејќи од дистанца сѐ изгледа полесно, често забораваме дека самиот Преспански процес траеше, исто така, околу една година: од промената на власта во јули 2017 до потпишувањето на договорот во јуни 2018 (и референдумот во септември 2018).
Таа година е многу повредна за анализа од оваа изминатава. Чисто за во случај да ни притреба во иднина, но и за да му се најде на остатокот од светот – можеби најмногу на соседите – веќе во сегашноста. Таквата анализа идентификува неколку правилни потези, кои ја овозможија Северна, како и еден погрешен чекор, кој, за среќа, не беше доволно страшен за да ја оневозможи.
Муниција за бурната пролет: договорот со Бугарија и централизацијата на преговорите со Атина
Додека денес етикетата „влада за надворешна политика“ ја користиме пејоративно, истата етикета првично со гордост се виореше од страна на најистурените владини играчи. Впечатокот беше дека претходната владејачка констелација на „народни“ луѓе кои секојдневно сечеа ленти по селата ќе биде заменета со костимирани и напарфимирани политички тешкаши со децениско искуство – на чело со министерот за надворешни работи и вицепремиерката.
Една година по Преспа, време е конечно да заборавиме на сѐ што се има случено отпосле и да го оцениме Преспанскиот договор врз основа на – Преспанскиот договор. За него и онака има доволно да се зборува
По сите внатрешни дебакли што ги доживеавме во меѓувреме, оваа слика денес има вкус на вообразеност и елитизам, но вреди да се потсетиме дека истата таа слика тогаш ни мирисаше на амбиција и на космополитизам.
Вистината е веројатно некаде на средина. Сепак, останува фактот дека токму таа амбиција – а веројатно донекаде и таа вообразеност – го овозможи експресното потпишување на договорот за добрососедство со Бугарија, неполни два месеца по промената на власта. Ваквиот „ветар во грб“ ги рестартираше и преговорите со Грција. Од таа рана фаза на Преспанскиот процес, кога уште не се ни шпекулираше со конкретни решенија, вреди да се истакне еден значаен симболичен потег.
За да докаже дека рестартот на преговорите всушност ќе биде повеќе ресет отколку рестарт, владата иницираше промена на нивниот формат. Со децении претходно, преговорите се водеа преку дезигнирани преговарачи од секоја од двете страни, што придонесе државите да изгледаат како скарани сопружници неспособни за разговор без присуство на адвокат (секако, тука беше и „судијата“ Метју Нимиц).
На почетокот на 2018, двете влади конечно одлучија да ги кренат преговорите на министерско ниво. Со оглед на тоа што ситните детали за текот на преговорите сѐ уште не се јавно достапни, тешко е да се каже колку овој потег беше значаен за конечниот исход. Затоа, на симболично ниво, ваквиот чекор – заедно со преименувањето на автопатот и аеродромот – беше најсилен можен показател дека двете држави конечно се договараат за да се договорат.
Кршење на дипломатскиот молк: несуденото „креативно решение“ и „илинденскиот“ дебакл
Во спор со толку различни варијабили, но и со толку висок влог, главната цел во првите месеци од рестартот всушност може да се резимира преку фамозната девиза на Хипократовата заклетва: не прави штета. Штом и онака не можеше да се постигне договор преку ноќ, најважно беше да се избегнат секакви ризични (или преамбициозни) изјави, кои би оневозможиле договор на долг рок. Знаејќи го тоа, владата мудро се одлучи да избегнува експлицитни „црвени линии“, наместо тоа држејќи се до онаа флоскула дека идентитетот нема да биде загрозен.
За жал, оваа стратегија не беше испочитувана докрај. Веројатно уморен од флоскули, а можеби и охрабрен од некаков напредок во преговорите, премиерот Заев во еден момент почна интензивно да ја користи фразата „креативно решение“. Иако навидум ништо поконкретна од дотогашните клишеа, оваа формулација со право беше сфатена како отфрлање на сите дотогаш најспоменувани предлози низ историјата на спорот: „Горна“, „Нова“, и секако, „Северна“.
И тогаш, во мај 2018, или на само еден месец пред спорот да се реши на потполно поинаков начин, одекна првиот конкретен предлог од рестартот на преговорите: Република Илинденска Македонија. Како предлог што никогаш претходно не бил формално на маса, ова име можеше да ни се допаѓа или да не ни се допаѓа, но дефинитивно беше – креативно. И додека владата беше внимателна во нагласувањето дека се работи само за предлог кој не мора да биде финален, лиферувањето на ваквиот пробен балон, сепак, нанесе значителна штета.
Причината зошто ова истрчување беше попроблематично од сите пропаднати предлози во минатото лежеше во неговата тактичка улога, во рамките на преговорите. Во сите јавни настапи што следеа, најистурените владини играчи синхронизирано образложуваа дека предлогот „Република Илинденска Македонија“ е дел од пакет, кој вклучува севкупна употреба на новото име. Нагласувањето на ваквиот пакет-формат требаше да ја успокои јавноста да не стравува дека сме „капитулирале“ околу севкупната употреба, за која беше објаснето дека би важела исклучиво во склоп на илинденскиот пакет.
Ваквото резонирање ќе беше разумно доколку конечното решение навистина испаднеше „Илинденска“: владата ќе можеше да се пофали дека успеала да извади „нерешено“ од преговорите, така што освоила поен за самото име (Илинденска наместо некое помалку поволно), додека Грција освоила поен за употребата (севкупна наместо само за надворешна).
Логиката на владата беше толку јасна, што по автоматизам стана проблематична: секое отворање на картите во дипломатијата значи јасно посочување на бенефитите од предложеното решение, но истовремено претставува „сѐ или ништо“ влог во тоа решение.
Кога „Илинденска“ на крајот се изјалови, јавноста остана да се прашува – согласно сопствената логика на владата – дали географска одредница како „Северна“ е подеднакво добро решение колку и „Илинденска“, за ние дури и во ова сценарио да „капитулираме“ околу севкупната употреба.
Настрана личните вкусови, факт е дека ова решение не беше креативно, а факт е и дека географска одредница (наспрема политичка) отсекогаш беше поповолна за Грција. Оттука, без оглед дали „илинденскиот“ дебакл беше подметнување од страна на Бугарија, која првичнo го обелодени ваквиот предлог или, пак, непотребен автогол на владата во еден инаку толку вешто одигран процес, овој настан несомнено испадна контрапродуктивен во севкупната преспанска целина.
Кога половина држава ќе одбере иднина пред апстракција: „светлиот пример“ на референдумот
Сепак, најконтроверзен дел од Преспанскиот процес, без друго, ќе остане референдумот. Всушност, тој им даде ретка обединувачка точка на најгласните поборници на Преспа и на нејзините најжестоки противници: првите не гледаа потреба од него бидејќи веќе беа сигурни дека Преспа е добра, исто како што и вторите немаа сомнежи дека е лоша. На прв поглед, неисполнетиот цензус и усвојувањето на договорот во Собранието им даде за право на обете групи: референдумот испадна залудно трошење илјадници евра и значајни недели од реформскиот процес на кампања.
Без оглед дали „илинденскиот“ дебакл беше подметнување од страна на Бугарија, која првично го обелодени ваквиот предлог или, пак, непотребен автогол на владата во еден инаку толку вешто одигран процес, овој настан несомнено испадна контрапродуктивен во севкупната преспанска целина
Меѓутоа, од денешен агол, сите референдумски ментални гимнастики се неважни, освен една. Неважно е дали тие неполни 37 проценти од регистрираното гласачко тело се помалку или повеќе од реалната половина. Неважни се и филозофските дебати за тоа дали бојкотирањето е легитимен израз на несогласување или срамно отфрлање одговорност. Важно е само дека преку 600 илјади луѓе се согласија да променат нешто (макар се работело и за една обична апстракција како име) со кое живееле со децении, за сметка на некаква европска иднина, која допрва треба – а можеби и никогаш нема – да ја осознаат. И која очигледно многу повеќе ќе зависи од волјата на некои други.
Секако, целта на владата со одржувањето референдум не беше да овозможи некаков колективен триумф на прагматизмот над апстракциите, туку да ги оневозможи – или барем амортизира – критиките дека го „продала“ името скришум. Токму затоа задоволството беше уште поголемо кога еден политички маневар предизвика идентитетска револуција во која една потполно авангардна идеја дека секое име вреди само онолку колку постапките на тие што го носат доби повеќе гласови од која било партија во историјата на државата.
Во своите прогрес-извештаи, Европската унија обично под „прогрес“ подразбира напредок во работата на актуелните власти во државата-кандидат. Во неодамнешниот извештај за Северна Македонија стоеше изразот „светол пример“. Гледајќи ја работата на власта кај нас, по систем на елиминација заклучуваме дека (барем засега) нема кој друг да биде „светол пример“, освен шестотината илјади идентитетски револуционери од минатиот септември.
Се разбира, дел од нив никогаш нема да го употребат новото име. Дел од нив можеби и залутале во комитската толпа минатата недела и си викнале по едно „никогаш Северна“ на плоштад. Ама на референдумот, кога се броеше, си го послушаа разумот. Верувам дека има многу нации кои не би успеале во тоа, што само ме прави уште погорд што ние успеавме.
Веројатно „Северна“ и мене секогаш ќе ми звучи неприродно. Ама затоа Преспа ќе ми остане синоним за триумф на разумот, макар бил еднодневен и секако нецелосен. Македонски триумф на разумот. Да ни се множат.