Погрешна улица

Таман ќе стигне некоја убава вест што ќе ни ги потхрани очекувањата дека колективно ќе се придвижиме чекор напред, „по правило“ стигнува поединечен акт што ќе ни ги разбие таквите надежи. Сакаме обединети во различноста да се интегрираме во ЕУ, но да си бидеме дезинтегрирани според различноста – овде!

Тоа ни го порача лице или лица од прилепскиот ресторан „Ла Страда“, каде што македонскиот фудбалски репрезентативец Езџан Алиоски станал „непожелен“ затоа што со неговото семејство разговарале на албански јазик.

Не верувам дека станува збор за ксенофобија (страв од странци) бидејќи Алиоски не е странец, туку државјанин на оваа земја, роден во Прилепско. Не верувам и дека станува збор за ксеноглософобија (страв од странски зборови) бидејќи во тој случај ресторанот би имал типично македонско, а не италијанското име „Ла страда“ (улица, пат).

Патем, токму кафеаните отсекогаш важеле за „институции“ со широко отворени врати за секој што ќе влезе во нив, и единственото име што ги обединува сите што ќе влезат во нив, без оглед на националноста, верата или јазикот е  – „гости“. Но, некој сакал да го истретира Алиоски како „гостин“ во една друга смисла, нешто што обично го прават заслепените националисти.

Непожелен гостин може да биде само агресивен гостин, тој што ги навредува другите и им го нарушува престојот во угостителскиот објект, кој го крши инвентарот или предизвикува физички пресметки.

Непожелен гостин може да биде само агресивен гостин, тој што ги навредува другите и им го нарушува престојот во угостителскиот објект, кој го крши инвентарот или предизвикува физички пресметки

Алиоски не направил ништо од тоа. Со неговото семејството приватно си разговарал на својот мајчин јазик, како што тоа го правеле и другите гости. Не верувам дека во случајов станува збор за лигорофобија (страв од повишен глас), бидејќи не слушнавме дека некој се надвикувал во објектот. Освен можеби самите филтрирачи на пожелни или непожелни гости. 

Алиоски досега играл за тимовите на Шафхаузен и Лугано, денес игра за Лидс јунајтед. Но, вакво нешто не му се случило ниту во Швајцарија, ниту во Англија. Зар во Западен Јоркшир денес треба да биде поспокоен отколку во сопствената земја? Зар овде допрва треба да се бори за „правото“ на непречен ручек во јавен угостителски објект, додека ги брани боите на државната репрезентација?

Читам дека неговиот прв погодок за македонската репрезентација го постигнал во 2016 година. Македонија тогаш изгубила од Албанија (2-1) во квалификациите за СП, но нашиот единствен гол – бил неговиот. Тогаш, веројатно и во овој ресторан му аплаудирале тие што го следеле натпреварот. Тогаш веројатно не бил проблем неговиот мајчин и фудбалски „јазик“, за разлика од сега.

Но, дури и да не се работи за репрезентативец, дури и да станува збор за лице тотално непознато за пошироката јавност, ова не смее да му се случи на ниту еден граѓанин на оваа земја. Не ме теши тоа што Обвинителство сите ќе ги повика на распит. Успех ќе биде кога Обвинителството никогаш повеќе не ќе има работа со предмети од ваква природа.

Како општество никогаш нема да излеземе од слепата „Ла страда“, ако не се ставиме во улога на другиот, кој бил дискриминиран според „мерата“ на некои кои и самите се крстиле „улица“

Фудбалската федерација на Македонија најостро го осуди ваквиот чин, најавувајќи дека се залага за развој на позитивните вредности во општеството и секогаш ќе стои на страната на почитувањето, без оглед на верската, националната припадност или бојата на кожата.

Но, замислете да сте на местото на Алиоски. Како би се чувствувале? Како општество никогаш нема да излеземе од слепата „Ла страда“, ако не се ставиме во улогата на другиот, кој бил дискриминиран според „мерата“ на некои кои и самите се крстиле „улица“.

Тоа е слепа или погрешна улица. Тоа е улица во која владее аутофобија – страв од себеси. Владее еисопрофобија – страв на човекот да се види себеси во огледалото. Владее тропофобија – страв од промени, но и еуфобија – страв од позитивни вести. Но, изгледа најмногу владее дромофобија – страв да се премине улицата. Луѓето од ваквата „Ла страда“ еднаш ќе мора да се соочат со сопствените грешки и да ја преминат улицата.

За почеток со помош на Обвинителството. Но, овој срамен чин, треба да биде поука за сите запалени глави, кои се залажуваат дека нешто „бранат“, а всушност го уриваат еден од клучните столбови врз кој земјата ја гради иднината – кохезија и заедништво. Можеби тие поими не се атрактивни како имиња за ресторан, но се најважни за спокоен и хармоничен живот во едно мултиетничко општество.