Јасно е дека на Насер Зибери безобразно доцна му е понудена честа да биде личноста со која ДУИ ќе бара сеалбанско обединување за прв премиер Албанец. И идејата, и изборот, се стокмени во еден жесток временски цајтнот, пред сѐ, поради брзањето на ДУИ повторно да одработи брза изборна мобилизација низ проверените коридори на етничкото, за да го амортизира офанзивниот налет на опонентите во истиот етнички кампус.
За брзањето сведочи и фактот дека Зибери само до пред неколку дена стамено и аргументирано го критикуваше предлогот на ДУИ за прв премиер Албанец. Да биде иронијата поголема, Зибери, кој е почитуван лик на македонската политичка сцена, и кој сега верува дека му е укажана голема чест од ДУИ, всушност е длабоко потценет. Изваден од „барабанот“ во последен миг, тој доби многу помалку време за реална „чест“, од она што го доби од ДУИ, на пример, еден измамник од типот на Коле Дијамантот.
Се сеќавате на Коле? Им се „продаде“ на ДУИ како Николас Константинидис, грчки новинар и дописник на канадски весник, и им стана почесен гостин на шестгодишнината од прославата на Охридскиот договор во Гостивар. Стоеше рамо до рамо со врвот на ДУИ, го шетаа и се фотографираа со него, сѐ додека ресенчани во „странецот“ не го препознаа нивниот сограѓанин, Никола Михајловски, познат во Преспанско како Коле Дијамантот.
Изваден од „барабанот“ во последен миг, тој доби многу помалку време за реална „чест“, од она што го доби од ДУИ, на пример, еден измамник од типот на Коле Дијамантот
Се сетив на него кога го видов Зибери во родниот крај на Коле, качен на бина во Преспанско, како си ги поплукува зборовите што ги беше кажал неколку дена претходно на темата „прв Албанец премиер“. Не е ниту неук, ниту наивен, за толку многу да се фасцинира од понудата адресирана до него, па да заборави – не само на Дијамантот, туку и како Ахмети го дочека изборот на „првиот Албанец претседател на Собранието“.
Толку му бил важен тој чин, што зоти Ахмети не беше ни присутен во Собранието, кога на 27 април 2017 година го избираа Талат Џафери. Го немаше во парламентот, го немаше да даде изјава, не се појави на прес-конференција… Каде беше? Не знаеме во која глувчешка дупка беше скриен Ахмети, додека крвавеше Зијадин Села, додека никој не знаеше дали е жив или мртов, додека раскрвавените лица на Заев, Шекеринска, Спасовски, Манчевски и многу други осамнуваа во вестите што го обиколија светот. Не се заборава како Заев упорно го оправдуваше Ахмети дека не бил таму заради безбедносни ризици. Демек, другите може да гинат, само Ахмети не.
Само таа слика од 27 април би требало да му биде доволна на Зибери за да рече – не, благодарам! Јасно е дека многу луѓе наивно може да западнат во замките на убаво спакуваните демагогии, но Зибери не би требало да биде еден од нив. Да не бидам погрешно разбрана: секако дека Албанец може да биде премиер на нашата земја, но преку поддршка од граѓаните, а не преку едностран партиски испорачан услов/уцена.
Каква е „честа“ да се стане премиер на вториов начин, кој во демократијата не се ни смета за „начин“. Во земја што гради „едно општество за сите“, премиер треба да стане граѓанинот Насер Зибери, а не Албанецот Насер Зибери. Со сегашново барање на ДУИ не се гради едно општество за сите, туку две паралелни општества во една држава. А Зибери уште и најавува дека „го прифатил предлогот за да се надмине биполарната нетрпеливост меѓу најголемите политички партии во земјата“. Во стилот двајца се караат, третиот користи? Така се намалува, или уште повеќе се потенцира таа поделеност?
Секако дека Албанец може да биде премиер на нашата земја, но преку поддршка од граѓаните, а не преку едностран партиски испорачан услов/уцена
За среќа, земјава има искуство, кое е типичен антипод на оваа игранка на ДУИ. Кога на премиерската позиција дојде Хари Костов, веста не беше дека земјата добила прв премиер Влав, туку дека добила нов премиер. Па, се дебатираше надолго и нашироко за професионалното сиви на поранешниот министер, менаџер и банкар. Никој не ја ни спомна неговата етничка припадност.
Сега имаме обратна ситуација. Насер Зибери, правник по образование, во еден период новинар, партиски функционер, во еден мандат министер, во три мандата пратеник на ПДП, аналитичар и актуелен нотар, дочека неговиот хабитус да биде сведен само на „Албанец“. И тоа со негов амин. Со широкоградото прифаќање на понудата од ДУИ, Зибери заличи на набрзина избрана преспанска мисица, овенчана со лента преку рамото и со поглед „јас имам сон“.
Имаа и другите, ама… Се сеќава ли Зибери зошто Костов толку бргу си даде оставка на премиерската функција? Ако „заборавил“, нека праша во ДУИ. Така ќе му биде појасно што е вистинска чест и идеал, а што популизам, демагогија и „ДУИнг бизнис“. Ако, пак, му било јасно, а, сепак, немал ништо против, тоа е веќе друга приказна, и по правило – со тажен крај.