Во петокот, на 29 ноември, на прес-конференција, во еден од најскапите хотели во светот, хотелот „Пенинсула“ во Хонг Конг, пред избрани медиумски екипи и специјални гости, кинескиот инвеститор во крипто-валути, Џастин Сан, ритуално го изеде уметничкото дело, инсталацијата „Комичар“ на италијанскиот генијалец Маурицио Кателан.
Дело што пред само една недела на аукција во „Сотби“ го плати 6,24 милиони долари (самото дело достигна цена од 5,2 милиони, а остатокот се трошоци на аукционерската куќа и даноци).
И така го достигна сонот на секој вистински колекционер на уметнички дела: да ужива во консумирањето на квалитетите на омиленото дело. И тоа во буквална смисла на зборот. Делчиња од делото им подели и на гостите за да можат и тие да го дегустираат неговиот вкус. Се разбира, станува збор за сега веќе фамозната банана, залепена на ѕид со една самолеплива лента.
Веста за достигнатата цена на бананата, купена во блиската бакалница, предизвика вистинска медиумска бура, но и бура во интернетската заедница. Лично не се сеќавам дека македонскиот дел од социјалните мрежи бил толку возбуден за вредноста на едно современо уметничко дело и дека толку многу ја коментирал состојбата во современата уметност.
Најголемиот број од коментарите се згрозувачки, од типот „обезвреднување на уметноста“, „декаденција на богаташите“, „уривање на естетиката“ итн. Дури и авторот, самиот Кателан беше прогласуван за шарлатан и измамник, а купувачот Џастин Сан, за ексцентричен милионер, кој троши огромни пари за пет минути слава.
Џастин Сан
И како што тоа обично се случува, работите не се баш такви какви што изгледаат на прв поглед. Да почнеме од претприемачот со крипто-валути, 34-годишниот Џастин Сан. Како прво, Сан има дипломирано уметност на Универзитетот во Пекинг, а магистрирано во истата гранка на Универзитетот во Пенсилванија.
Во суштина, уметноста е неговиот вистински повик, а бизнисот му служи да ги задоволи своите потреби како колекционер на вредни уметнички дела. Дека станува збор за човек што знае што прави, говори и фактот дека пред неколку години, исто така на аукција во „Сотби“, плати над 78 милиони долари за скулптурата „Нос“ (La Nez) на Алберто Џакомети.
Претпоставка е дека оваа скулптура денес има значително повисока вредност. Во неговата збирка можат да се најдат дела на Пикасо, Енди Ворхол, но и на современиот дигитален уметник Бипл. За да го добие делото „Комичар“, односно за залепената банана на ѕидот, Сан се натпреварувал против петмина конкуренти, а извештаите велат дека трката била прилично неизвесна.
Што се однесува до инсталацијата „Комичар“, таа воопшто не е толку нова како што се мисли.
Станува збор за ограничена едиција од три примероци, за првпат изложена на Саемот на уметноста во Мајами Бич во 2019 година. Токму на овој саем се продадени два од трите примероци на инсталацијата за цена од 120.000 долари за секој.
Интересно е дека организаторот ја тргнал инсталацијата од изложбениот простор уште пред да заврши изложбата „поради огромниот интерес на посетителите, со што се отвора можност да се оштетат другите експонати.“
Во меѓувреме, во истиот простор, грузискиот уметник Давид Датуна го поставува перформансот „Гладниот уметник“, јадејќи ја бананата што претходно ја одлепил од ѕидот.
По неуспешниот обид на фамозниот Демијан Хирст да го откупи третиот примерок (Кателан едноставно му одговорил „Распродадено“), бананата е поставена во музејот „Гугенхајм“, а сега е во сопственост на Џастин Сан.
Вторпат ова дело доаѓа во фокусот на јавноста минатата година, при нејзиното изложување во Сеул, кога кореанскиот студент Но Хун-су ја изел бананата, а кората ја залепил на истото место. Против студентот, како и против Датуна не се покренати никакви законски постапки, затоа што Кателан рекол дека нема ништо против овие перформанси.
Инаку, купувачот на инсталацијата добива сертификат за оригиналност на делото и детално упатство како делото да се постави (на висина од 160 сантиметри), под кој агол да биде залепена лентата и како да се замени бананата кога ќе ѝ дојде време или откога ќе се изеде.
Плус „бонус-подарок“, што би рекле нашите трговци, еден котур самолеплива лента. Со други зборови, станува збор за еден вид самоодржливо уметничко дело, кое не може да го изеде „забот на времето“, туку само „забот на човекот“, при што повторно се реставрира во оригиналната форма.
Маурицио Кателан
Што се однесува до авторот на „Комичар“, „шарлатанот“ Маурицио Кателан, за приказната воопшто не е битно, но мене ми е важно да кажам дека станува збор за мој генерациски исписник. Веќе од поодамна, онолку колку што ми дозволуваат можностите, се обидувам да го следам неговото творештво.
Овој скулптор со малку искривен, ироничен и сатиричен поглед на светот првпат ми го сврте вниманието со неговата скулптура „Америка“ од 2016 година, инаку нарачка на „Гугенхајм“.
Станува збор за 103 килограми тешка клозетска школка, направена од чисто 18-каратно злато. Куриозитет е дека скулптурата била во целосна употреба, односно била инсталирана во еден од тоалетите на „Гугенхајм“. Според Музејот, над сто илјади луѓе, чекајќи во редици, ја употребиле „Америка“ за своите потреби. Интересот бил таков што пред тоалетот морало да стои обезбедување.
Во септември 2017 година, кабинетот на тогашниот (и идниот) претседател Доналд Трамп од „Гугенхајм“ го бара на заем платното на Ван Гог „Пејзаж со снег“ од 1888 година, за да ја постават во приватните одаи на Трамп. „Гугенхајм“ ја одбива Белата куќа, но затоа кураторката Ненси Спектор им предлага да го позајмат делото „Америка“ на Кателан. Нема забележани траги од евентуален одговор на Белата куќа.
Скулптурата е украдена во 2019 година од палатата „Бленхајм“ во Велика Британија, каде што била поставена поставка од „Гугенхајм“. „Америка“ била инсталирана во тоалетот што го користел Винстон Черчил. Се води судски процес против четворица осомничени, а се предвидува тој да заврши следната година.
После „Америка“ се обидов да ги видам (преку интернет) и претходните дела на Кателан, од типот на „Деветтиот час“ (La none ora), висечка скулптура на која лежи папата Јован Павле II, погоден од метеор во долниот дел од телото.
Преполн со иронична критика на системот на вредности, на политичките состојби, а особено на владејачките идеологии и системи на вредности, Кателан е една од најмоќните фигури на современата уметност.
Епоха на идеи
Не сум, се разбира, никаков стручњак за ликовни или визуелни уметности и немам никаква намера да толкувам „што сакал авторот да каже“ со залепената банана. Она што е (не само) мој впечаток е дека Кателан е на трагата на Марсел Дишан и неговото сфаќање на уметноста. Дишан уште во 1917 година го изложи оној негов писоар, нарекувајќи го „Фонтана“.
И тогаш, пред повеќе од сто години, беа исти коментарите, како денес за бананата на Кателан. „Негирање на уметноста“, „Уривање на системот на вредности“, „Пад на човештвото“ итн. Дишан е денес класик.
Познати се неговите ставови за уметноста. Уметноста е прашање на избор. Уметникот избира кои бои ќе ги употреби. Тој избира на кое место од платното ќе ги нанесе. Избира со каква четка ќе работи. Зошто тогаш да не избира од веќе постоечките објекти.
Ако е избраната боја уметност, тогаш и избраниот објект од уметникот е – уметност. Треба само да се стави во уметнички контекст.
Кателан не е само на трагата на Дишан, туку тој ги надградува неговите ставови. Она што мене ме фасцинира во делото „Комичар“ е дека со него Кателан ја поставува идејата (концептот) како валута, како вредност за себе, без оглед на употребениот материјал.
А Џастин Сан, еден од кралевите на крипто-валутата, точно знае за што станува збор. Крипто-валутата не е ништо друго, туку концепт, идеја што се материјализира без употребен материјал. Нематеријални пари за нематеријална уметност.
Како и да ви звучи тоа, мене целата приказна ми е радосна. Најава е тоа за ерата на идеите, наспроти ерата на материјалните вредности. Токму во тоа име Џастин Сан го има целото право да ужива во неговата банана, а Маурицио Кателан да ги брои нулите на својата сметка.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија