Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, на 8 мај го одржа можеби најискрениот говор во својот мандат. Со една мана – предоцна. Сега џабе е да прашуваме – мораше ли да чекаат ножот да дојде до коска, за отпосле да анализираат на кои грешки се темели лошиот резултат.
Ако власта на СДСМ (и ДУИ) во изминатите седум години (не само во двете години од мандатот на Ковачевски), без суета примаше аргументирана критика, наместо на крајот да ги обвинува медиумите дека „се продале“, на 8 мај Ковачевски и СДСМ ќе пееја друга песна.
Но, јавноста како коректив беше почитувана на зборови, а суштински игнорирана. Тоа е таа кабинетска атмосфера, исполнета со советници и пиарџии, истренирани да произведуваат пријатна музика за функционерските уши и да го даваат најпогрешниот совет – оцрни ги тие што критикуваат. Додека да се освестат дека тоа е погубна стратегија, веќе е доцна – иде Дунав. На крајот најскапо се плаќа лекцијата што навреме нема да се научи.
Да го симнеш режимот на Груевски по толку Танталови маки, да имаш толкава граѓанска и поддршка од меѓународната заедница за реформи и интеграциски напредок, и да ги профуцкаш сите шанси и можности за упристојување на државата, навистина треба да си велемајстор за лет во место.
Состојбата не ја подобри ни постојаното повикување на ЕУ, за ЕУ, кон ЕУ. Повторувањето на проевропска фразеологија додека на дело течеа сите можни антиевропски практики со и без европско знаменце, само ја доцементираа увереноста кај граѓаните дека власта работи по принципот „не гледај што правам, слушај што зборувам“.
Тешко беше да се препознаат европските вредности во политичката пракса и етика, а најмалку во барањето решенија за здравствениот, образовниот и инфраструктурниот супстандард.
Едно општество за власта
Оттука, не е изненадување што Коалицијата на СДСМ, на парламентарните избори, со 154.687 гласови не успеа да го достигне ни резултатот на Пендаровски од првиот круг на претседателските избори (180.499), а падна и под нејзиниот најлош резултат во историјата.
Од СДСМ веројатно се сеќаваат на петтоцифрениот, голем број албански гласови, кои завршија во нивниот изборен скор во 2016 година, но и во 2020 година. А сега во мултиетничките средини, СДСМ е на опашката според резултатите. Потврда дека довербата тешко се стекнува, а лесно се губи.
Во вревата од изборите не се ни забележа како издиша концептот „Едно општество за сите“.
Шансата да се унапреди еднаквоста и да се создаде кохезивно општество со европски вредности преку интеракција меѓу различните етнички заедници во државата, низ годиниве се искривоколчи во – Едно општество за власта. И таа цена беше наплатена.
За правото и правдата одамна сѐ е кажано. Расчекорот меѓу зборовите и делата во оваа сфера е меѓу главните причини за изборниот неуспех. Дури и да сакаат да заборават на пропаднатите предмети и амнестираните лица, последниот удар со Кривичниот законик секогаш ќе ги потсетува кој ги креирал измените.
За волја на вистината, оваа политичка елита во заминување не е единствената што стапила на позиција со елан и бројни ветувања, а потоа, залегната во ловориките на власта, бргу изгубила контакт со реалноста. Горе-долу слично завршуваа сите.
Но, СДСМ не покажа ни грам амбиција да стави крај на таквата спирала. Откако не успеа да обезбеди двотретинско мнозинство за уставните измени, ниту имаше основа да верува дека ќе го обезбеди, потроши две години во празно, период кој не беше употребен за ништо корисно за државата.
Од друга страна, говореа за значајноста на „моментумот“. Каков е тој моментум што го влечкаш две години, одбивајќи предвремени избори, поради наводна загриженост за интеграцискиот процес, а, всушност, за да се густира мандатот и да се истераат привилегиите до крај.
До победата и по неа
На ВМРО-ДПМНЕ не му беше тешко да биде силна опозиција со слаба и летаргична власт. Сега таа партија ќе биде власт. Времето на критика ќе треба да се замени со работа. Победата носи славење еден ден и 364 дена обврски и одговорност.
Првиот тест за победничкиот кампус ќе биде инаугурацијата на претседателката Гордана Сиљановска. Од Атина веќе стигнаа сигнали дека ќе почекаат да слушнат во која држава ќе се заколне новата претседателка, која ќе стане меѓник за насоката во која ќе се движат односите меѓу двете земји.
Во една друга метропола во соседството, како да посакуваат да не изговори „Северна“, бидејќи тоа ќе им помогне да го засилат хорот од држави што ќе тврдат дека Македонија е регионалниот enfant terrible, кој не почитува никакви договори.
Затоа, ова нема да биде првиот тест што ќе го чека Атина, туку и внатрешен тест за нас.
Не по прашањето кој бил вистински конституционалист, а кој не, туку дали постои мудрост како да се надградува веќе изграденото, не да се урива, а неизграденото мудро, трпеливо, чекор по чекор, да се трасира. Сѐ друго би било во корист на наша штета.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија