Рамна или прогресивна култура

Гледам (читам) дека се води сериозна дебата околу даночните реформи, односно дали е поприфатлив моделот на прогресивен или на рамен данок. Се разбира дека не се разбирам премногу во даночните системи и нивните ефекти, иако некаков левичарски инстинкт ми вели дека за исправање на неправедната распределба на парите, пофер варијанта би била онаа со која би се предвидело од побогатите да се земат повеќе пари.

Од друга страна, ги уважувам и аргументите на луѓето што го застапуваат моделот на рамен данок и кои тврдат дека тоа е мотивација за поголем економски развој, а со самото тоа и за поголема социјална правда.

Сакам да кажам дека прилично ми е небитно на кој начин или по кој модел државата го полни својот буџет. Таа, на крајот на краиштата, ги има сите лостови на моќта и цел академски ум да се реши за најдоброто (за неа) решение. Впрочем, колку што знам, и со рамен и со прогресивен данок, државата секогаш си го полни својот трезор. Она што ми е битно е прашањето каде одат тие пари што државата ќе ги собере. За жал, во споменатата дебата ова, за мене круцијално, прашање не се ни споменува.

Го уважувам, велам, ставот на почитуваниот Бранимир Јовановиќ, кога вели дека со рамниот данок државата ќе им подари 30 до 40 милиони евра на оној еден процент најбогати во оваа држава. Само не сум сигурен дека во спротивниот случај (кога државата не би им ги простила овие пари на најбогатите), тие ќе завршеа на вистинската адреса, односно во, како што вели Јовановиќ, „подобро образование, подобро здравство и еднакви можности за сите“.

Поточно, знам дека и во времето на прогресивниот данок, а и во времето на рамниот данок, односно никогаш откога постои оваа држава, ние немавме, како што немаме ни сега, „подобро образование, подобро здравство и еднакви можности за сите“.

За волја на вистината, јас и не знам колку точно се тие 30 до 40 милиони евра (всушност, и не знам да избројам толку: ниту евра, ниту денари, а богами не знам ниту на прсти). Уште помалку знам колку тие пари на годишно ниво навистина значат во подобрување на образованието, здравството и социјалната правда (ако бидат таму наменети).

Културата и политиката кај нас се во прилично стабилен однос. Првата секогаш се надева на некакви пари од другата, а другата секогаш се чувствува посуверено и помоќно, ако плати помалку. И онака сите барања и проблеми (ако воопшто ги има) може да ги реши со два-три слатки збора

Но, ајде да кажеме вака – тоа се отприлика меѓу 15 и 20 солидно продуцирани играни филмови на годишно ниво. Или, во превод, тоа би значело објавување на околу 20 до 25 илјади книги во една година (вклучувајќи тука и пристојни хонорари за авторите) или отворање на повеќе од 400 луксузни книжарници во земјата.

Само што, кога станува збор за пари, никој не ја споменува културата (освен ако не се работи за некакви монструозни проекти од типот на „Скопје 2014“). Впрочем, културата и политиката кај нас се во прилично стабилен однос. Првата секогаш се надева на некакви пари од другата, а другата секогаш се чувствува посуверено и помоќно, ако плати помалку. И онака сите барања и проблеми (ако воопшто ги има) може да ги реши со два-три слатки збора.

Не можам да бидам злобен само сега, односно само кон оваа власт, затоа што односот кон единствениот вистински белег на сопствениот идентитет, речиси во сите овие години на македонската независност, бил ист – министрите за култура најчесто и најмногу се гордееле со градежната оператива на некоја или на некои македонски градежни фирми: па, се обновил Широк сокак во Битола, или Самуиловата тврдина во Охрид, или Кале во Скопје, или некаде се изградила некоја театарска зграда (ова поретко)…

Она што се нарекува жива култура или барем дистрибуција на културните вредности никогаш не било во фокусот на владејачките елити. На крајот на краиштата, произведуваме ние, наспроти сѐ, и филмови, и книги, и ликовни дела… само што во земјата не постојат ниту кина, ниту книжарници, а ниту некоја друга, посериозна, а употреблива „културна“ инфраструктура.

Знам дека и во времето на прогресивниот данок, а и во времето на рамниот данок, односно никогаш откога постои оваа држава, ние немавме, како што немаме ни сега, „подобро образование, подобро здравство и еднакви можности за сите“

Но, да бидеме искрени, инфраструктурата е помал проблем (иако оние пари што ги споменува Јовановиќ и тука би можеле добро да се најдат – ако се употребат како што треба, се разбира). Имено, зградите сами ќе пораснат, ако постојат квалитетни производи. Ќе се најде начин, како што се наоѓал и како што се наоѓа, луѓето да го видат „Медена земја“, на пример. И ако „Медена земја“ биде правило, а не исклучок.

Овој текст нема никаква намера да пропагира некаков „културен“ елитизам и да се фаќа за културата како крлеж за крзно. Напротив. Македонија, како што сведочиме, се наоѓа во една од нејзините многубројни општествени кризи (политичка дезориентираност со недобивањето на датумот за преговори за членство во ЕУ, вонредни избори, скандали од типот на „Рекет“, дезинформативни медиуми, вонредни избори…), а во време на кризи, културата ја има онаа непријатна улога на сиромашен роднина на јавните политики.

Но, како што вели Кристоф Жирар, во најголемите општествени и економски кризи, па ако сакате и во кризите на идентитетот, зар не е улогата на културата пресудна како заеднички хоризонт кој повикува на размислување и совладување на проблемите на сегашноста?

Мене ми е јасно дека повеќе култура, значи повеќе слобода. Јасно ми е дека културата создава слободномислечки и критички индивидуи и дека, во таа смисла, кратковидната политика сака да ја држи на тенко јаже или да ја придобие за себе (што во голем број случаи ѝ успева), па по медиумите ќе видиме фотографии на горди и насмеани политичари што седат со извесни културни работници. Дури и ќе прочитаме од перото на признаени интелектуалци вистински панагирици за „визијата“ на политичарите што испиле кафе со некој актер или композитор. И толку!

Да, знаеме ние да се китиме со „државотворноста“ на нашата култура. Знаеме да се фалиме дека сме ја описмениле половина Европа. Знаеме да се гордееме со некои наши традиции. Но, она што навистина не го знаеме е фактот дека културата е вистинскиот постамент на нашата држава. Ете, затоа не е битно дали данокот е рамен или прогресивен. Барем до оној момент додека не ни е битно дали културата е рамна или прогресивна.